Оваа година, наградата за најдобар млад џез-музичар, „Златен Орикс", оди во рацете на басистката Андреа Мирческа.
Лани со неа се закити младиот пијанист/клавијатурист Филип Димишковски, а во 2017 година - тапанарот Виктор Филиповски.
По тој повод, на 15. октомври (вторник) во 20 часот во МКЦ Клуб и Ресторан се организира коктел забава зачинета со музички настап.
Андреа Мирческа е родена 1998 година во Прилеп. Завршила средно музичко училиште во Битола. Студира џез контрабас, апсолвентка е на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професорот Кирил Туфекчиевски. Повремено свири со Летечки пекинезери, била дел од Мјузик митинг Сараево во рамки на Џез фест Сараево. Гостува на неколку концерти на Јордан Костов Трио (со Марко Боско - перкусии и Маки Хачиyа - вокал и пијано). Дел е од најновиот авторски проект „Шамба" на гитаристот Бојан Петков. Редовно настапува на клупски џез свирки во Скопје и низ земјата. Вклучена е и во повеќе уметнички проекти: ГОДО, Танго Ритмо, ЗиБомбхЛабаво&Фанки и други.
Доделувањето на наградата „Златен Орикс" е една од повеќето придружни активности на 38. издание на Скопскиот џез фестивал, чијашто главна програма стартува в четврток, 17 октомври.
Инаку, оваа награда Скопскиот џез фестивал ја доделува во соработка со Qatar Airways.