На регионалната конференција „Ефективна социјална заштита: поддршка на деца, семејства и заедници во борбата против сиромаштијата“, која се одржува денес и утре, обраќање на тема: детска сиромаштија имаше Пол Стабс, виш истражувачки соработник, Економски институт, Загреб, Хрватска.

„Да се размисли за регионален социјален договор, да развиеме етика на социјална одговорност и грижа“, порача Пол Стабс, виш истражувачки соработник при Економскиот институт во Загреб, истакна Стабс, којшто имаше воведно обраќање пред почетокот на панел дискусиите.



На следната панел дискусија се разговараше за раното детско образование и грижа, како стратегија за борба против сиромаштијата. Висококвалитетните програми за ран детски развој и учење се глобално признати како основна стратегија за намалување на сиромаштијата.  Постои висок поврат на инвестициите во предучилиштното образование, што придонесува за зголемување на успешното учество и учење на децата во училиштата и зајакнување на економскиот развој. 

Ребека Елис од Универзитет „Џонс Хопкинс“, Соединети Американски Држави посочи дека многу е важно децата да имаат позитивен старт во животот, а за тоа е потребно да живеат во социјална и семејна благосостојбa.

„Децата коишто растат во сиромаштија имаат 75% поголема можност да имаат проблеми со говорот, решавање на проблеми, и воспоставување на комуникација со други лица. Затоа е многу важно да имаат квалитетно образование. Да имаат квалитетни часови поминати со наставникот, бидејќи тие стануваат втор нивен родител. Навистина сум среќна што Министерството за труд и социјална политика на Северна Македонија е меѓу првите земји во светот што спроведува висококвалификувани обуки за воспитувачите и работи на унапредување на условите за престој на децата“, рече Елис.

Доминик Ричардсон, шеф за социјална политика, Канцеларија за истражување на УНИЦЕФ истакна дека земјите од Западен Балкан треба да вложуваат во раниот детски развој, но и во програми за намалување на сиромаштија.

„Само програмите за вработување и преквалификација водат до извлекување на семејствата од сиромаштија. Истовремено треба да се јакне предучилишното образование, бидејќи е висок процентот на децата коишто во Западен Балкан немаат можност за рано учење на возраст од три до шест години.  Треба да се зголеми пристапот за сите возрасни групи, а особено за најсиромашните деца, децата од руралните средини и децата со попреченост, подеднакво да бидат вклучени во предучилишното образование“, рече Ричардсон. 

Сите земји имаат политики за уредување на предучилишното образование, а вклучувањето на децата со попреченост е во развој, иако, поради децентрализираното управување, постојат големи разлики во финансирањето и опфатот на предучилишното образование на локално ниво.

Жарко Шундериќ, Центар за социјална политика, Србија рече дека сите земји имаат политики за уредување на предучилишното образование, а вклучувањето на децата со попреченост е во развој.

„Во суштина ние инвестираме помалку од развиените земји во социјалните системи. Ако ги погледнеме другите елементи за едукација многу деца се изоставени од предучилишото образование не само во Србија туку и во регионот. Само висококвалитетно рано детско образование може да доведе до позитивен напредок. Сите земји имаат политики за уредување на предучилишното образование, а вклучувањето на децата со попреченост е во развој“, рече Шундериќ.

Игор Антевски од Министерство за труд и социјална политика, Северна Македонија, рече дека справувањето со детската сиромаштија стои многу високо на приоритетот на земјите членки на ЕУ. Затоа нашата реформа освен што ги зајакнува ранливите е направена за да ја намали детската сиромаштија и да даде подеднаков старт на секое дете. Едно евро вложено во програми во предучилишно образование е многу повредно од едно евро вложено во понатамошното образование и преквалификации и доквалификации“, истакна Антевски.

Инаку, по повод Меѓународниот ден за борба против сиромаштија, денеска и утре Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Институтот за социјална работа и социјална политика Скопје и канцелариите на УНИЦЕФ и Светска Банка организираат Регионална конференција на тема „Ефективна социјална заштита: поддршка на деца, семејства и заедници во борбата против сиромаштијата”.