Скопскиот џез фестивал, кој почнува вечерва, и ќе трае до недела, ќе го отворат двајца култни гитаристи од САД – Дејвид Торн и Фред Фрит со неговото трио во Националната опера и балет (МОБ).

Фокусот на годинашната програма на фестивалот ќе биде одбележување на 50-годишнината од германската издавачка куќа „ECM Records“.

– Од деветте групи или изведувачки имиња на главната програма, шест се практично заштитен знак на ЕСМ, иако бројот на изведувачите кои својата музика ја ставаат на етикетата на ЕСМ е навистина огромен и импресивен. Останатите три групи исто така ги конципиравме да бидат во стилот на некој начин на карактеристиките, отвореноста, авангардноста на ЕСМ, рече директорот на фестивалот Оливер Белопета.

За фестивалот тој вели дека има постигнато репутација во светот која е огромна и таа репутација, како што рече, е постигната токму поради засебноста и оригиналноста на самата програма и храбриот програмски пристап.

– Нема многу такви фестивали во Европа, има неколку и наша главна цел е да ја задржиме таа оригиналност и таквиот пристап. Тоа значи дека програмата не се прави за да се повладува на вкусовите на домашната публика, туку односот кон публиката треба да биде повеќе од едукативен карактер, вели Белопета.

Тој додаде дека промените во џез музиката се прилично големи и оти таа се повеќе оди кон широчина и продлабочување на експериментирањето, импровизациите и врските со сериозната музика.

– Втората вечер носи еден ориентален призвук и една ориентална магија најнапред со еден извонреден квартет од Грција, кој го води Сократис Синопулос, кој го свири инструментот типичен особено за јужните делови од Грција – лира. По него еден човек кој првпат гостува, најголемиот мајстор на онаа арапска лејта која се вика ут, Ануар Браем кој овде доаѓа со квартет.

В сабота ќе настапи клавијатуристот, композитор, аранжер и перкусионист од Норвешка, Јон Балке со својот оригинален проект „Batagraf“ во есклузивно издание, како и легендарните Арт Ансамбл. В недела два концерта првпат во Скопје ќе одржи еден од најмелодичните, најлирични и најпоетски расположени пијанисти во светот, Норвежанецот Торд Густавсен.

Фестивалот практично ќе заврши в недела вечерта со концертот на едно од најблескавите имиња на саксофонот од новата американска генерација Џејмс Брендон Луис. Кон програмата в недела ќе се приклучи и контрабас рециталот на француската басистка, импровизаторка и композиторка Жоел Леандре, една од најдоминантните фигури на современата европска музика.

Програмата на фестивалот годинава опфаќа и диџеј сет на италијанскиот иновативен џез ентузијаст Никола Конте, концерти на домашните ECM вљубеници „Next To Silence“ и еклектичниот „магичен оркестар“ на Џијан Емин, филмска проекција на документарниот филм посветен на ECM „Sounds and Silence: Travels with Manfred Eicher”, промоција и презентација на книгата „Cloud Arrangers” на словенечкиот фотограф Жига Коритник, како и доделување на наградата „Златен Орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2019 година, соопшти управата на Скопски џез-фестивал.

На овонеделната одржана прес-конференцијата присуствуваше и претставничката од УНХЦР Моника Сандри поради заедничкиот проект со фестивалот, кој го носи слоганот „Џез солидарност со бегалците“.

– Музиката и солидарноста отсекогаш одат заедно, ниту музиката има граници, ниту солидарноста има граници. Затоа и ги споивме овие два концепта на музика и солидарност. Музиката дефинитивно има моќ да обединува, да проговори за добрината во луѓето и затоа всушност е оваа метафора, рече Сандри.