Филмови, дебати, работилници посветени на медиумите и новинарството во дигиталната ера ќе може да проследи публиката на третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал - Скопје, кој ќе почне вечерва во 19 часот во „Кино Култура“.  

Трите фестивалски дена ќе бидат исполнети со богата програма, повеќе од 30 странски и домашни гости, врвни истражувачки новинари кои ќе ги споделат своите искуства и ќе дебатираат како новинарството може да преживее и напредува рамо до рамо со доминантните социјални медиуми, што медиумите би можеле да понудат на публиката опремена со лични дигитални редакции во своите телефони, и кои алатки и платформи можат да се исползуваат за сеопфатно пласирање на новинарските приказни.

Мотото на третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал - Скопје е насловено „Кон дигиталното“, и од различни аспекти ја разгледува позицијата на медиумите и новинарите во дигиталната ера.

„Годинава фестивалот ги разгледува негативните и позитивните влијанија на новите дигитални трендови и социјалните мрежи врз новинарството и медиумите. За прв пат, ова издание ќе има и интерактивна програма во која посетителите низ текот на целиот фестивал ќе може да погледнат интересни содржини за користење на дел од најиновативните алатки во медиумите и новинарската работа“, изјави Кристина Озимец, претседателка на ПИНА и главен координатор на фестивалот.

Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје ќе биде отворен со дебатата: „Новинарството и медиумите во дигиталната ера и социјалните мрежи, каде одиме?“, која по воведниот дел ќе почне во 19.15 часот.

Новинарката Ана Зафирова на панел дискусијата посветена на борбата за опстанок и интегритет на новинарството во светот на социјалните медиуми ќе разговара со гостинките Марија Фернанда Лаурет од Ал Џезира - Контраст и Ана Јакимовска, докторка на науки од областа на вештачка интелигенција, која има работено во престижни британски медиуми како Guardian, Sky News, BBC и Channel 4.

Потоа во 20.30 часот ќе биде прикажан филмот „Големиот упад“ („Тhe Great Hack“), документарен филм за скандалот со Кембриџ аналитика и злоупотребата на личните податоци на Фејсбук корисниците.

Со интерактивната содржина на третиот ИФФС, за првпат на Фестивалот на посетителите им се нуди увид во виртуелната реалност во новинарството, преку работата за правата на бегалците на тимот на Контраст.  Овој дел од програмата на Фестивалот е поддржан од УНХЦР Скопје. 

Покрај презентацијата за покривање актуелни социјални проблеми преку документарци со виртуелна реалност, на ИФФС ќе се зборува и за новите дистрибутивни модели преку video on demand платформите, за користење блокчејн технологија во онлајн медиумите, за правото на приватност и заштита на податоци на интернет, за иницијативите за неформално новинарско образование за млади новинари, како и за прекугранични соработки на новинари од земјава и соседна Грција.

Богатата фестивалска програма не ги заобиколува ниту актуелните домашни теми, па на ИФФС ќе ги слушнеме ставовите и стравовите на искусни новинари врзани со предложениот акциски план на Владата за борба против дезинформации и лажни вести.

Фестивалот повторно нуди широка палета на работилници и разговори за најновите трендови во медиумите и на социјалните мрежи. Со гостинката од Германија, уредничката Верена Ламерт, ќе разговараме како успешно да се користи Инстаграм за пласирање на горливите прашања кои ја засегаат помладата публика. Организаторот на ИФФС, Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, неодамна започна две нови програми – Програма за жени новинарки како и Програма за мобилно новинарство, со кои ќе се запознаеме преку разговори за можностите за развој на мобилното новинарство во земјава, како и за предизвиците на жените новинари.

На водечката тема на годинешното издание на ИФФС ќе се разгледа и патот кон дигиталното на домашните редакции, а покрај дискусијата на оваа тема новинарите ќе имаат можност и да го разгледаат примерот за дигитализација на редакцијата на финскиот јавен сервис на работилница со гостинот од Финска, Матијас Еркиле.

Филмската програма на ИФФС опфаќа документарци за децентрализиран интернет „Времето на децентрализиран интернет доаѓа“ (The Decentralized Web is coming), за модерирање на содржините што се шират по социјалните медиуми - „Чистачите“ (The Cleaners), онлајн закани кон новинарки - „Мрачно место“ (A Dark Place). Ќе имаме филм за ширењето на десничарска пропаганда во Европа (How Steve Bannon’s far-right ‘Movement’ stalled in Europe), а ќе биде прикажан и филмот „Белингкет“- вистината во светот на пост-вистината“ (Bellingcat – Truth in a Post-Truth World).

Годинава ИФФС првпат ќе прикаже и игран филм, драмата „Официјални тајни“ (Оfficial secrets), заснована на вистински случувања. Филмот каде Кира Најтли ја игра Кетрин Ган која споделувајќи тајни документи се обидела да ја спречи американската инвазија врз Ирак, ќе се прикаже во МКЦ како дополнителна програма на третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал - Скопје.

Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА која го организира ИФФС, заедно со партнерите ФЕС – Скопје е организација од новинари, ентузијасти и професионалци која се залага за промоција и зајакнување на истражувачкото новинарство и професионалноста во медиумската средина во Македонија. 

Фестивалот е од интернационален карактер и дел од настаните се на англиски јазик.

Влезот за сите настани е бесплатен.

Сите детали за фестивалот може да ги следите на веб-страниците www.pina.mk, и www.iffs.mk