Документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland) освои две награди на Избор на критиката за документарци во САД (Critics’ Choice Documentary Awards), кои беа доделени вчеравечер (10 ноември) во Њујорк. На режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов им беше доделена наградата за најдобар прв документарен филм, а на главната протагонистката во документарецот – Атиџе Муратова ѝ беше врачена наградата за најпривлечен лик во документарец.
Наградите, кои ги доделува Американското здружение на критичарите, се сметаат за едни од најдобрите предвидувања на номинациите за „Оскар“, што ќе бидат соопштени во јануари 2020.





Во саботата (9 ноември), пак, беше соопштено дека „Медена земја“ е номиниран за најдобар документарец на „Европските филмски награди“, кои ги доделува „Европската филмска академија“. Нашиот филм е меѓу петте кандидати за наградата – најдобар европски документарец за 2019 година. За оваа селекција одлучуваат гласовите на 3600 членови на ЕФА. Победниците ќе бидат прогласени на церемонијата што ќе се одржи на 7 декември оваа година во Берлин, Германија.

„Медена земја“ деновиве освои многубројни нови престижни награди. Да потсетиме:
На 43. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Сао Паоло, Бразил филмот доби две признанија: награда на критиката за најдобар филм во меѓународната конкуренција и награда од жири за најдобар документарец во категоријата „Нови режисери“. Ја доби и главната награда на фестивалот Festival Ânûû-rû Âboro во Нова Каледонија, Океанија, потоа „Golden Gateway“, наградата за најдобар филм во меѓународната конкуренција на Jio MAMI Mumbai Film Festival with Star во Мумбај, Индија.

Се закити со специјалната награда од жири на меѓународниот фестивал на документарен филм „West Lake“ кој се одржува во Ханчоу во Кина. Следуваа: наградата од публика за најдобар филм на фестивалот во Луксембург, CinEast Festival, специјалната награда на Festival Cinemed во Монпелје, Франција и специјална награда за документарен филм на фестивалот „Девоур“ во Канада.

На 64. издание на меѓународниот филмски фестивал во Ваљадолид ја доби наградата „Espiga Verde“ – за најдобар филм во категоријата „Cine y Cambio Climático“ во која се прикажуваа филмови кои го третираат проблемот на климатските промени и природните ресурси.
Неодамна филмот беше прикажан на „Док Лајпциг“ во Лајпциг, Германија и на „Виенале“, интернационалниот филмски фестивал во Виена, Австрија.

Претстои учество на филмскиот фестивал AJYAL во Доха, Катар, и на „Синевропа“ – фестивал во Сантјаго де Компостела, во Шпанија. „Медена земја“ ќе биде дел и од официјалната селекција на IDFA – најголемиот фестивал за документарен филм во светот кој се одржува во Амстердам, Холандија. Тоа, воедно, ќе биде и холандска премиера на филмот.
На најпрестижниот светски настан посветен на документарниот филм кој е во организација на ИДА (Интернационалната документарна асоцијација) во САД ја доби наградата „Pare Lorentz“. „Медена земја“ е номиниран во уште три категории (најдобар документарен филм, најдобра режија и најдобра кинематографија), а победниците ќе бидат објавени на 7 декември во студијата на „Парамаунт“ во Лос Анџелес.
 
„Медена земја“ е македонски кандидат за „Оскар“ во категоријата најдобар странски филм. Во тек е промотивната кампања на филмот за номинации за најпрестижната филмска награда, со поддршка од Агенцијата за филм.