Две награди „Гласник на невидливите“ за стории објавени во уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“, беа доделени вчера, на церемонија која ја организираше Македонската платформа против сиромаштија.
Новинарката и уредничка во списанието за одржлив развој „Лице в лице“, Анета Ристеска, ја доби наградата „Гласник на невидливите“ за интервјуто насловено „Немате шанса како глуви луѓе да се занимавате со бизнис! ПОГРЕШНО!“, објавено во 43. број. 

- Приказната укажува и алармира што треба да менуваме како јавност за да ја подобриме целосната клима за живот и работа на одредени групи ранливи сограѓани. Интервјуто ги носи на виделина сите предизвици со кои се соочуваат лицата со оштетен слух при одлуката да стартуваат своја бизнис приказна, ја покажува скепсата на системот и институциите, но, во исто време дава препораки, преку надворешните искуства, како, сепак, можеме како земја да станеме поинклузивни во своите перцепции, визии и дела врзани за она што може да го постигнеме во поглед на рамноправноста на лицата со оштетен слух. Можеме да менуваме, ако се менуваме. Да веруваме во потенцијалите на луѓето, зошто тогаш тие можат уште повеќе, уште подобро- вели Ристеска.

Во интервјуто, битолчанецот Мартин Ангелов, косопственик на 02 MR Coffee Bar, а сега „Улаф сте кафе шоп“ во Битола, за Лице в лице заедницата ја раскажа претприемачката сага, отворено зборувајќи за условите што нашето општество (не) ги обезбедува за лицата со оштетен слух, во предизвикот наречен бизнис. Овој млад човек, заедно со неговата партнерка Радмила Периќ, храбро ги идентификува точките од кои може да почне менувањето на перцепцијата и надминувањето на предрасудите за вештините и за потенцијалите на лицата со оштетен слух. Образованието е, вели тој, стартното скалило за создавање општество што ќе обезбедува еднакви можности за сите. 

Новинарот Бојан Шашевски, за текстот „Пандемијата покажа што ѝ недостига на заедницата“ објавен во 40-тото издание на „Лице в лице“, исто така, ја доби наградата „Гласник на невидливите“. Сторијата зборува гласно за потребата од солидарност и емпатија, кои се длабоко врежани во човековата природа. Ги истакнува акциите кои, прокосејќи ѝ на пандемијата, ја разбудија свеса, изродија иницијативи со кои човекот може да го спаси светот и да го направи поубаво место за живеење.



Оваа награда годинава им припадна и на: 

Валентина Вурмо, „ЖИВОТ ВО КАФЕЗ“ - Државата не го брои Судахан во живите, но го „оживеа“ само кога требало да го пикне зад решетки!

Ирена Каревска, „Леон доби правда во Стразбур, но ќе ја дочека ли и дома?“

Катерина Топалова, „Битката за храна посилна од стравот од Ковид-19“

Мики Трајковски, „Триесет и девет мигранти досега го загубиле животот на македонските пруги и патишта“

Петар Клинчарски, „Бездржавјанство во време на пандемија – законски препознаени, во реалноста се’ уште невидливи“

Сунаи Сабриоски, „Образование надвор од мрежата“


МППС доделува награди за новинари што пишуваат на социјални теми, поврзани со сиромаштија и социјална исклученост, а на тој начин им даваат глас на луѓето што ретко имаат можност јавно да зборуваат за своите проблеми и се речиси општествено невидливи. Она што овој проект го прави уникатен е составот на жирито, односно улогата на членови во жирито ја имаат исклучиво луѓе кои имаат искуство со живот во сиромаштија.


Наградената сторија „Немате шанса како глуви луѓе да се занимавате со бизнис! ПОГРЕШНО!“, може да ја прочитате тука
Интервјуто беше објавено и во видео формат, со превод на знаковен јазик.

Наградената сторија „Пандемијата покажа што ѝ недостига на заедницата“, може да ја прочитате тука.