Две вљубенички во природата и авантурите, инстаграм блогерките Марија Ѓурчиновска и Стефанија Видовски Jанева, беа дел од „Лице в лице предизвикот“ минатиов викенд и се дружеа со Ерџан и Мемет, или, како што ги нарекоа- #ГрадскитеХероиНаЛвЛ

Тимот Марија и Ерџан продадоа повеќе списанија од Стефанија и Мемет, но сите имаа дружба од која учеа едни од други, се охрабруваа и мотивираа.

-Пријатно ме изненади нивната отвореност кон нови луѓе, искреност, сталоженост, дружељубивост и топлина. Не секој секогаш се чувствува пријатно во друштво на човек што не го познава. Токму затоа, фактот што нашето друштво беше прифатено од срце направи да се почувствувам уште поопуштено и попријатно во нивна придружба. Бев многу пријатно изненадена од мотивираноста, упорноста и вештините на Мемет и Ерџан. Навистина беше големо освежување да се биде во околина на чесни луѓе кои од срце си ја ценат работата и даваат сè од себе за да обезбедат подобар живот себеси и на своите најблиски- сподели Стефанија Видовски Jанева.

Ѓурчиновска, исто така се задржува на упорноста и мотивираноста на продавачите секојдневно да се на терен, на улиците, нудејќи го списанието.
- Дневно се среќаваат со стотина луѓе, различни лица - намуртени или насмеани, погледи, зборови или молк, а тие непоколебливо излегуваат и си ја работат својата работа. Се надевам дека ќе продолжат со таа мотивираност да создаваат подобар живот за себе и за своите семејства – споделува Ѓурчиновска, која беше на насловницата на број 41




Секогаш кога имаме нова иницијатива, таа е меѓу првите која ја поддржува.

- На овој „Лице в лице предизвик“, тргнав со мислата дека ова е одлична можност за да се создаде ново пријателство, да се запознаеме со продавачите на „Лице в лице“ и заемно да научиме нешто повеќе за работата, за животот, за сè. Да се мотивираме и инспирираме, секој на свој начин - вели Ѓурчиновска.
Ѓурчиновска посочува и на своето чувство кое го имала за време на заедничката продажба на „Лице в лице“ со Ерџан:
- За време на дружбата силен впечаток ми остави односот на луѓето. На некој начин ме
разочараа. Малкумина од нив сакаат социјална интеракција. Како да
заборавивме да бидеме луѓе и да комуницираме лице во лице. Ми делуваа како да се опколени со ѕид исполнет со многу слоеви, а нималку љубопитност и желба да се погледне и разбере.




Видовски Јанева пак, која беше на терен зедно со Мемет, се надоврзува на ова чувство на Ѓурчиновска:

- Знаејќи, за жал со какви предрасуди ова наше општество сè уште се бори, ја очекував индиферентноста кај луѓето. Она што го почувствував беше разочарување. Меѓутоа, по дружењето, бев исто толку пријатно изненадена од бројот на луѓе кои нè пресретнаа со насмевка, се заинтересираа да дознаат нешто повеќе, купија списанија или пак едноставно, учтиво нè известија дека веќе го набавиле.

Во кожата на другиот
Стефанија Видовски Jанева посочува дека на оваа средба се потсетила на нешто многу важно:
- Учтивоста и почитта кон другиот, особини кои се значително важни да се стекнат од мали нозе и да се практикуваат. Не чини ништо да се однесуваш кон другите онака како што сакаш тие да те третираат тебе. Таа промена започнува од нас самите!

Таа објаснува за чувството кое го имала пред и по дружењето со продавачите и контактот со граѓаните, во обид да им се продаде списанието:
– Една од причините поради која со задоволство ја прифатив вашата понуда за учество во предизвикот беше желбата и можноста да бидам тука за некој. Како долгогодишен читател на „Лице в лице“, сметав дека ова е перфектната прилика да дојдам лице в лице со продавачите, но за првпат да не бидам од другата страна на дијалогот, туку да почувствувам како е да се биде во нивна кожа – вели таа.




Кога ги прашавме продавачите за дружењето беа согласни дека овој вид на поддршка значи многу за нив.
-Ако нешто ми недостига од пред пандемијата, тоа е блискоста со луѓето помеѓу кои го продаваме списанието. Слобода, без страв дека ќе си наштетиме и ќе се заразиме. Но, кога веќе сме во ваква ситуација, поддржувачите многу ни значат – вели Ерџан.

Мемет се надоврзува и повикува до сите кои ги пресретнуват нив кога продаваат:
- Ние вредно работиме, секој час го посветуваме на продажба на „Лице в лице“, многу ни значи кога купувате, а не нè одминувате!