Доза вести

Три нови драмски текста избрани за пичинг-форумот „Драмолетање 2.0“ на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Постер од Драмолетање

Три нови македонски драмски текста се избрани за учество на пичинг-форумот „Драмолетање 2.0“, кој ќе се реализира во рамки на 60. издание на Македонскиот театарски фестивал МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Станува збор за драмите „Сингл“ од Катерина Момева, „Трудници“ од Габриела Стојаноска Станоеска и „Летај Исак, не застанувај“ од Мартин Миљев, избрани меѓу 13 пристигнати текстови на конкурсот распишан минатата година.

Избраните автори ќе учествуваат на пичинг-форумот што ќе се одржи од 5-ти до 12-ти јуни 2026 година во Прилеп, како дел од јубилејното издание на фестивалот, а нивните драми ќе бидат објавени и во електронското издание „Драмолетање 2.0“.

Комисијата, составена од театарскиот режисер и педагог м-р Милош Б. Андоновски, продуцентот и програмски директор на МОТ Русе Арсов и актерката и магистерка по културолошки студии Јасмина Василева, ги оценувала текстовите според три критериуми: релевантност, оригиналност и продукциска вредност.

Во обемното образложение, жирито посочува дека голем дел од пристигнатите текстови отвораат општествено релевантни теми, но остануваат недоволно драматуршки развиени, со проблеми во структурата, дијалогот и сценската изводливост. Според нив, кај многу автори е забележлив пристап што повеќе наликува на филмско сценарио отколку на драмски текст за театар.

– Значителен дел од текстовите се движат во рамките на веќе исцрпени модели, без доволно оригинална трансформација, што оддава впечаток на повторување на веќе видени теми и драматуршки решенија“, наведува комисијата, додавајќи дека особено загрижува фактот што ваквите слабости се присутни и кај помлади автори.

Сепак, жирито издвојува неколку текстови кои покажуваат потенцијал за современ драмски израз, автентичен сценски јазик и јасна авторска позиција.

За драмата „Сингл“ од Катерина Момева, комисијата оценува дека воспоставува „јасна драмска форма и структура“, со современ, духовит и функционален дијалог, комбинирајќи комерцијална допадливост со суптилна, но прецизна општествена критика.

„Трудници“ од Габриела Стојаноска Станоеска е издвоен поради отворањето на чувствителни теми како женска солидарност, акушерско насилство и односот кон жената во здравствениот систем, како и поради јазичната и психолошката слоевитост на текстот.

Драмата „Летај Исак, не застанувај“ од Мартин Миљев, иако оценета како недоволно разработена во сегашната форма, според комисијата има јасен современ потенцијал и автентична поетичност што остава простор за понатамошен драматуршки развој.

Во заклучокот, комисијата потенцира дека самиот концепт на „Драмолетање 2.0“ има значителен потенцијал, но потребни се подолгорочни менторски процеси, работилници и континуирана поддршка за развој на нови драмски автори во Македонија.

Пичинг-форумот „Драмолетање 2.0“ е замислен како платформа за афирмација на современата македонска драма и за поврзување на новите автори со театри, режисери, продуценти и културни институции.

Повеќе за програмата на фестивалот прочитајте на следниот линк:

Јубилеен 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп: „Мачкина глава“ го отвора, „Црно злато“ го затвора фестивалот