Што им изгледа невозможно на младите? „Џифони Македонија“ вечерва го отвора 14. издание
Италијанскиот филм за повторното соочување со неостварениот сон ќе биде прикажан вечерва во 19 часот во киното „Фросина“, со што почнува фестивалската програма посветена на темата „Невозможните нешта“
Италијанскиот филм „Лагат – Невозможен сон“ вечерва во 19 часот ќе го отвори 14. издание на Младинскиот филмски фестивал „Џифони Македонија“. Филмот од 2025 година, во режија на Мајкл Зампино, ќе биде прикажан во киното „Фросина“ во Скопје.
Приказната го следи Андреа, тинејџер кој некогаш бил сметан за надежен џокеј, но по смртта на мајка му ги напушта тркачките патеки. Средбата со Тони, неговиот поранешен тренер во коњичкиот клуб „Сан Росоре“, повторно ја отвора можноста за соочување со сонот што го оставил зад себе.

Филмот го отвора и поширокото фестивалско прашање: што навистина го прави нештото невозможно – границата на околностите или нашата претстава дека повеќе не можеме да го направиме?
Осумдесет филмови и осум работилници
По вечерашното отворање, фестивалот во следните денови носи програма со повеќе од 80 долгометражни и кратки филмови, распоредени во неколку натпреварувачки селекции. Публиката и учесниците ќе ги следат програмите за најдобар долгометражен, краток и анимиран филм, како и селекцијата на филмови создадени од ученици од основните и средните училишта.
Во програмата се и најновите кратки филмови на македонските автори Крсте Господиновски, Ханис Багашов, Трифун Ситниковски, Оливера Каменаровска, Лора Милошевска, Кирил Цеков и Фросина Захда. Македонската продукција ќе биде застапена и во отворањето на натпреварувачката програма со играниот филм „Скејбордингот не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума.
Од регионот пристигнува црногорскиот филм „Видра“ на Срџан Вулетиќ, додека во јуниорската селекција ќе биде прикажан хрватскиот филм „Вториот дневник на Паулина П.“ на Невен Хитрец. Останатите долгометражни филмови доаѓаат од различни европски земји, а краткометражната програма ги носи приказните на автори од целиот свет.
Филмот продолжува и по одјавната шпица
Еден од важните делови на „Џифони Македонија“ и годинава се средбите меѓу младата публика и филмските автори. Досега се потврдени гостувања на четворица режисери на долгометражни филмови, кои по проекциите ќе разговараат со учесниците и ќе одговараат на нивните прашања.
Токму разговорот по филмот е дел од фестивалскиот пристап: филмот не завршува со одјавната шпица, туку продолжува низ прашањата, дискусијата и размената на искуства. Покрај филмската програма, младите ќе моажт да учествуваат и на осум работилници наменети за учење, создавање и соработка.
На годинешното издание досега се пријавени повеќе од 400 учесници, а се очекува и учество на околу 30 млади гости од Италија, Данска, Романија, Србија и Косово.
Фестивалот „Џифони Македонија“ ќе се одржува од 24 до 29 септември, а овогодишната тема „Невозможните нешта“ ги отвора прашањата за границите, соништата и она што младите го препознаваат како невозможно – не само како нешто што треба да се надмине, туку и како нешто со кое вреди да се соочиме.
- Наташа Гелева – Лени: Дваесет години архива на oтпорот кон наметнатите рамки
- Yes for Less Викенд во Скопје: два дена за одржливи избори и локални еко-бизниси
- „Не знам каде ќе бев денес…“ Валентин со ново знаење и сертификат за готвење
- Вештините што на возрасните им требаат на работа, на децата им требаат на игралиште
- Џез што не стои во место: Скопскиот џез фестивал носи изведувачи од 13 земји