Доза вести

Отворена е нова е-библиотека: македонски книги достапни за читање од каде било

Паноптикум ја отвори е-Библиотеката Паноптикум - нов дигитален простор за објавување, зачувување, промоција и читање македонски книги.

Новата дигитална библиотека овозможува читање книги преку компјутер, таблет или телефон, а меѓу првите бесплатно достапни наслови се „Бели мугри“, „Бегалка“ и „Силјан Штркот – Кузман Капидан“.

Веб платформата „Паноптикум“ ја отвори истоимената е-библиотека, која претставува нов дигитален простор за објавување, зачувување, промоција и читање книги од домашни авторки и автори, на македонски јазик.

Проектот ги поврзува енциклопедискиот вебсајт „Паноптикум“, е-издаваштво „КЛИК“ и е-библиотека „Паноптикум“ во единствен издавачки и медиумски систем, во кој авторите и нивните дела добиваат дигитално издание, уредничко претставување и континуирана видливост. Читателите можат да пристапат до книгите преку компјутер, таблет или мобилен телефон.

Претставникот на издавачот „DMCreative.pro“, Горан Димитровски, кој е и член на тимот на „Паноптикум“, вели дека оваа електронска библиотека не е замислена само како обична архива на ПДФ документи, туку како уредена дигитална библиотека и издавачка платформа.

Дигитализацијата е важна, не само поради ова време во кое живееме.

– Тоа е нужна потреба за, од „ментален хаос“ и динамичното секојдневие, да си овозможиме матрица на функционирање во која ќе ни биде достапно сето она што ни е потребно – вели Димитровски.

За жал, објаснува тој, технологијата се доживуваше како спектакл по нејзиното објавување и појавување.

– Потоа бевме сведоци и на отпор за нејзино прифаќање и користење. Денес пак, без дигитална технологија веќе не можеме да функционираме – вели тој.

Додава дека суштински вредно за овој нивен потфат е спојувањето на културен маркетинг со вредноста на публикациите поставени во е-библиотеката.

– Кога ќе зборувате за една публикација, од различни аспекти, нудејќи критика за делото, информации за авторот и неговото дело, и други детали кои се неопходни за да се поттикне и испровоцира публиката, и да ја земе публикацијата в раце, да ѝ посвети време и внимание, тогаш бенефитите од е-Библиотека се големи – раскажува Димитровски.

Димитровски објаснува и дека секоја публикација има сопствено место во каталогот. Корисниците преку свој индивидуален профил, можат да располагаат и со лична секција „Моја библиотека“.

Во каталогот веќе се објавени повеќе современи македонски автори и изданија, меѓу кои, дела од Љупчо Димитровски, Ненад Георгиевски и Иван Џепароски. Димитровски појаснува дека со отворање на овој онлајн простор, тие даваат можност и за промоција на македонското книжевно наследство.

– Меѓу бесплатно достапните наслови се „Бели мугри“ од Кочо Рацин, „Бегалка“ од Васил Иљоски и „Силјан Штркот – Кузман Капидан“ од Марко Цепенков, кои се во е-библиотеката. Ова ни е реализирано во соработка со Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, со цел, дела од библиотечните фондови повторно да стигнат до читателите во современа дигитална форма.

Моделот на е-Библиотеката предвидува повеќе начини на пристап: бесплатни публикации, публикации достапни преку членство и поединечно купување книги, со едноставен пристап преку кориснички профил на „Паноптикум“.

– Една од клучните цели на проектот е македонската книга да стане достапна, независно од географската локација на читателите во Македонија, но и за македонската публика во дијаспората – појаснува Димитровски.

Паралелно, преку е-издаваштвото „КЛИК“, „Паноптикум“ ја развива програмата „160 дела. 160 недели.“, како долгорочен модел за континуирано дигитално издавање, уредување, претставување и промоција на книжевни дела.

Фотографии: „Паноптикум“