Доза вести, Инклузивно општество

Општествен проблем, а не лична трагедија – како известуваме за животот на маргините?

етичко известување за бездомништво и сиромаштија

Од јазикот што го користиме до фотографиите што ги објавуваме, секој аспект од известувањето може да придонесе за поголемо разбирање на бездомништвото и сиромаштијата. Или, за продлабочување на предрасудите кон луѓето што живеат на маргините.

Бездомништвото не е личен неуспех, туку сложен општествен проблем кој произлегува од низа економски, институционални и социјални фактори. Начинот на кој медиумите, новинарите и воопшто, сите оние кои креираат содржини зборуваат за бездомништвото и за сиромаштијата, има значајно влијание врз јавната перцепција, односот кон луѓето кои живеат во такви услови и разбирањето на причините за овие појави. Затоа е важно известувањето да биде етичко, точно и ослободено од стереотипи, сензационализам и стигматизација.

Во медиумското известување за бездомништвото и сиромаштијата, а особено во визуелните содржини што ги придружуваат, најчесто се среќаваме со искривена слика: животот на улица како последица на лична трагедија, лоши одлуки или сплет на несреќни околности. Бездомништвото и сиромаштијата не се исклучиво индивидуални проблеми, туку сложени општествени феномени кои настануваат на пресекот на економските, институционалните и социјалните фактори.

Списанието „Лицеулице“, од своето основање во 2010 година, настојува на публиката да ѝ ги приближи искуствата на луѓето кои живеат на маргините на општеството во согласност со принципите на етичко известување. Оваа година, тие принципи ги споделуваме со колегите и колешките од другите медиуми.

Освен што нецелосното, стереотипното и сензационалистичкото известување за овие теми може да придонесе за намалување на емпатијата и солидарноста кај читателите и гледачите, тоа го отежнува разбирањето на причините за проблемите што ги засегаат сите граѓани и граѓанки. Правото на домување и достоинствен живот се основни човекови права и тие мора да бидат одговорност на општеството и државата.

НАСОКИ ЗА ИЗВЕСТУВАЊЕ – Јазик и терминологија

Во известувањето е потребно да се користи јасен, неутрален и прецизен јазик кој не стигматизира. Се препорачува јазик во кој човекот се поставува како поважен од ситуацијата во која се наоѓа (англ.: person-first language), односно, терминот „лице во ситуација на бездомништво“, а не бездомник или бездомничка, просјак, скитник и сл.

Избор на тема

Важно е за овие теми да се известува во текот на целата година и со осврт на различни перспективи. Бездомништвото и сиромаштијата на различни начини ги погодуваат старите лица, жените, децата и младите, лицата со попреченост, лицата со искуство на насилство, маргинализираните групи, луѓето без лични документи, мигрантите и луѓето без државјанство, луѓето од руралните подрачја. Секогаш кога е можно, треба да се известува за „невидливите“ облици на бездомништво: за станбената исклученост и искуствата на лица кои се повеќекратно дискриминирани.

Избор на соговорници

Во известувањето е важно да се вклучат лица со искуство на бездомништво и сиромаштија, стручњаци и стручњачки од релевантни области и организации кои обезбедуваат поддршка и работат со маргинализирани групи. Организациите од граѓанското општество, стручњаците и стручњачките кои работат со лица во ситуација на бездомништво и екстремна сиромаштија, се важна поддршка за нас. Покрај тоа што ќе ги споделат своите искуства и знаење, тие можат да бидат посредници во комуникацијата со соговорниците и да помогнат лицето со кое разговараме да се чувствува поудобно, да ја разбере целта на интервјуто и своите права кога станува збор за информирана согласност и авторизација.

Она што е важно, е како новинари и уредници да им овозможиме доволно време за давање изјава, авторизација и поврзување со корисниците и корисничките. Во медиумите роковите често се кратки, но не можеме да очекуваме некој за помалку од 24 часа да ни одговори на прашања или да подготви соговорник за разговор.

Интервјуирање на соговорници

Пред интервју со лице кое има искуство на бездомништво или сиромаштија, потребно е јасно да му се објасни целта на разговорот, да се обезбеди информирана согласност и да се запознае со можните последици од објавувањето. Ова често подразбира да се запознаеме пред да почнеме да ја бележиме приказната.

Во текот на интервјуто е важно да се почитува правото на соговорникот/соговорничката да одбие да одговори на прашања и да ја повлече согласноста доколку така одлучи. Кон разговорот пристапуваме со почит и емпатија, избегнувајќи притисок и инсистирање. Мораме да внимаваме лицето со кое разговараме да не се почувствува како да е должно да изнесе лични податоци за да ни „направи услуга“.

Доколку лицето со кое разговараме така сака, потребно е да се овозможи на интервјуто да присуствува некој кому му верува – посредник, пријател/ка, социјален работник/чка или др. Луѓето во ситуација на бездомништво често зад себе имаат трауматични искуства, искуства на експлоатација или насилство и не ни должат доверба само затоа што сме медиумски работници и работнички и имаме добри намери.

По извршеното интервју пожелно е да останеме во контакт со соговорниците, да им обезбедиме примерок од медиумот во кој е објавено интервјуто, или да им го покажеме прилогот во кој се појавуваат. Пожелно е и да водиме сметка за контекстот во кој се појавува нивната приказна. Интервјуто не смее да биде извадено од контекст, проследено со сензационалистички наслов и не смее да открива лични податоци кои можат да ја загрозат безбедноста и достоинството на соговорникот.

Визуелна содржина

Потребно е да се избегнуваат стереотипни прикази кои го сведуваат бездомништвото на екстремни слики, како оние во кои во фокус е лице што спие на клупа, на улица или пребарува по контејнери за отпадоци, како и слики на страдање, мачење или нечистотија.

Не е прифатливо фотографирање или снимање без согласност, тајно снимање ниту фотографирање лица во ризични и интимни ситуации кои го нарушуваат достоинството. Не треба да се објавуваат фотографии или снимки кои можат да се употребат како доказен материјал против лицето за кое известуваме, или како начин лицето да биде лоцирано, осудено или да му се наштети.

Се препорачува користење визуелни материјали кои обезбедуваат поширок контекст и ја прикажуваат разновидноста на животните ситуации: дружење, меѓусебна поддршка, хобија, како и илустрации и фотографии кои на преносен или алегоричен начин ги претставуваат системските проблеми: институционални „лавиринти“ и „заплеткани“ процедури, заклучени врати, нееднакви почетни позиции и друго.

Пишува:  Дуња Карановиќ
Фотографии: Марија Јанковиќ
Илустрации: Тамара Калчиќ, Андреја Лепир
Фотографиите и илустрациите се преземени од публикацијата.

Содржината е изворно објавена во 122. издание на српското улично списание „Лицеулице“, а „Лице в лице“ го пренесува со дозвола oд редакцијата. Оригиналната објава е на српски јазик на овој линк. Целата публикација „Насоки за етичко известување за бездомништвото и сиромаштијата“ со ресурси и корисни контакти можете да ја преземете од сајтот на „Лицеулице“ liceulice.org.


Поврзана содржина:

Упатства на „Лице в лице“ како етички медиум