Лице в лице интервју

Филип Миркуловски: Медалите остануваат во витрина, вредностите засекогаш

Филип Миркуловски, во периодот кога играше ракомет, со неговите две ќерки. Фотографија од негова приватна архива

Познатиот спортист Миркуловски, зборува за лекциите што ги донесоа победите и поразите, за младите спортисти што брзаат кон успехот и за вредностите што остануваат долго откако ќе згаснат рефлекторите.

Знам за спортисти чии успеси ги следиме од далечина, но, и за оние, за кои навиваме како да се дел од нашето семејство. За многумина во Македонија, Филип Миркуловски, е токму таков човек. За македонската ракометна јавност тој е познат под прекарот Жути – борец на теренот, човек кој секогаш го оставаше последниот атом енергија за дресот што го носеше.

Со години беше еден од симболите на македонскиот ракомет, дел од генерацијата што испишуваше незаборавни страници во историјата на репрезентацијата. Денес е во поинаква улога. Како координатор на машките национални селекции во Ракометната федерација на Македонија, останува близу до спортот што му го одбележа животот, но сега гледа на работите од другата страна на теренот, низ призмата на развојот, визијата и иднината на македонскиот ракомет.

Со него зборуваме за победите што ја кренаа на нозе цела Македонија, за поразите што оставија болни, но важни лекции, за патот меѓу нив, за промените што ги носи една богата кариера, за вредностите што остануваат кога ќе се изгаснат рефлекторите и за тоа како искуството го менува погледот кон спортот и животот.

Кариерата го одведе од центарот на теренот до еднакво важна улога надвор од него, но не го промени човекот. И денес, како и во играчките денови, Жути останува симбол на борбеност, искреност и посветеност, вредности поради кои публиката отсекогаш го ценеше и сакаше.

Ракометот е многу повеќе од игра. За оние што поминале години на теренот, тој станува училиште за живот, место каде што се градат карактер, дисциплина и вредности што остануваат долго по завршувањето на кариерата.

– Највредната лекција што ја научив е дека никој не успева сам. Можеш да бидеш најдобриот поединец на теренот, но ако не знаеш да функционираш како дел од тим, нема да стигнеш далеку. И во спортот и во животот, најголемите успеси секогаш се заеднички – вели Миркуловски.

Токму затоа поразите ги смета за една од најважните алатки за развој. Според него, победите носат потврда дека работиш добро, но поразите носат нешто многу повредно: лекции:

– Од поразите се учи многу повеќе од победите. Од победите добиваш потврда дека си на вистинскиот пат, но од поразите добиваш лекции што те прават подобар. Ако имаш храброст да ги признаеш грешките, да ги анализираш и да учиш од нив, тогаш напредокот е неизбежен. Во текот на кариерата сфатив дека не треба да се плашиш од поразите, туку да не ја пропуштиш лекцијата што ја носат. Кога ќе научиш да учиш од сопствените грешки, победите порано или подоцна доаѓаат сами по себе.

По сите освоени медали, одиграни натпревари и постигнати резултати, останува прашањето што е навистина трајно.

– Медалите остануваат во витрина, резултатите во статистика, но луѓето ги паметат вредностите што си ги оставил зад себе. Остануваат пријателствата, почитта од соиграчите и чувството дека си бил дел од нешто поголемо од себе.

Денес, кога е од другата страна на системот, гледа работи што како играч не можел да ги забележи.

– Денес гледам колку е важна долгорочната визија. Како играч често гледав само кон следниот натпревар. Сега гледам дека успехот се гради со години, преку добра организација, правилна работа со младите и трпение во развојот на играчите.

Кога би имал можност веднаш да промени нешто во развојот на младите ракометари, приоритетите му се јасни:

– Прво, би вложил повеќе во едукација на тренерите. Второ, би ставил поголем акцент на индивидуалниот развој наместо само на резултатите. Трето, би работел повеќе на воспитувањето на карактерот, затоа што врвни спортисти не се создаваат само со техника и физичка подготовка.

Според него, токму трпението, дисциплината и одговорноста се вредностите што денес најмногу недостигаат.

– Денешното време нуди брзи задоволства, а спортот бара години работа за да дојдеш до врвот. Многумина сакаат успех веднаш, но ретко кој е подготвен да го помине целиот пат до него.

Затоа смета дека општеството премногу често бара инстант резултати и дека сме опседнати со брзи успеси.

– Сакаме резултати денес, а забораваме дека големите генерации се создаваат со системска работа, доверба и време. Ниту една силна репрезентација не е создадена преку ноќ.

Кога би можел повторно да се сретне со момчето што првпат зачекорило во ракометна сала, пораката која Миркуловски би му ја дал би била едноставна:

– Би му рекол да ужива во секој тренинг и никогаш да не престане да сонува. Не е важно дали денес е најдобар во салата, важно е секој ден да биде подобар од вчера. Ракометот ќе го научи на многу повеќе од голови и победи – ќе го научи на другарство, дисциплина, почит и борба. А на сите деца што денес ги прават своите први ракометни чекори би им порачал: верувајте во себе, работете напорно и бидете трпеливи. Големите приказни секогаш почнуваат со еден мал чекор.


Пишува: Магдалена Чадиноска – Кузманоски
Фотографии: приватна архива на Миркуловски.