People of Change, Интерактивни приказни

Решителност, раст и промена: Како Филип изгради сопствен бизнис преку самостојно учење, од нула

Филип Наков со својот лаптоп стои насмеан пред графит

Без формално образование во претприемаштво и маркетинг и без сигурен почеток, преку самостојно учење, фриленс и упорност, Филип гради сопствена агенција и претприемничка приказна која ја менува перцепцијата за работа без традиционален професионален пат.

Филип е млад човек одлучува да создаде нешто свое, наместо да бара сигурни вработувања. Неговиот претприемнички дух се градел без формален пат, без гаранции и без јасна сигурност каде ќе го однесе. Тој ги минува деновите и ноќите учејќи сам, преку видеа, форуми, книги и практични обиди. Првите фриленс задачи се мали и скромни, но доволни да го внесат во светот на дигиталниот труд и да го насочат кон претприемаштво. Од тие почетоци, постепено се гради идејата дека работата не мора да значи вработување кај некој друг. Токму од таа идеја се раѓа сопствена маркетинг агенција, со упорност, учење и решителност што не запира.

Оваа приказна е за Филип Наков, млад претприемач кој од спонтана идеја за работа од дома, изгради сопствен бизнис, но и свој професионален правец, воден од вербата дека секој човек може да направи промена.

Јасна цел и желба за промена

– Секогаш еден човек бил тој кој ја менувал историјата. Ако се навратиме наназад гледаме дека навистина, еден човек може да направи промена во општеството. За тоа е потребно да има јасна цел и да има јасна порака за тоа што сака да промени – вели Наков.

Тој објаснува дека идејата за да отпочне со својот бизнис започнала многу спонтано.

– Немав многу конкретна идеја што сакав да работам. Само знаев дека е нешто поврзано со работа од дома – графички дизајн, дигитален маркетинг или нешто слично. Почнав да чепкам по форуми, да гледам видеа, да учам повеќе за тоа. На почетокот бев повеќе насочен кон графички дизајн. Изработував логоа на некои од фриленсерските веб сајтови. Потоа видов дека повеќе ме влече маркетингот и почнав сам да учам  – вели Филип.

Самостојно учење без формални рамки

Тој додава дека неговиот развој и едукација не биле формални, туку целосно самоиницијативни. Споделува дека нема завршено курсеви. Сè што знае е од книги и од обиди преку практична работа да си ги унапредува вештините.

– Пробувам, учам и така го надоградувам знаењето. Најмногу  учев од видеа на „Јутуб“. Потоа сите овие активности некако ме насочија кон маркетинг. Направив свој профил на платформите за фриленс, напишав неколку текстови, колку да имам нешто во портфолио. И токму тие ги презентирав на компанија која ме контактираше. Им се допадна и така почнавме. После тоа сè некако беше како снежна топка и портфолиото почна само да се гради -раскажува Филип.

Со тек на време, оваа индивидуална работа прераснала во сериозна структура. Заедно со сопругата решиле да отворат маркетинг агенција. Прво биле насочени кон контент стратегии, блог постови, веб страни, маркетинг материјали. Подоцна почнале да се стеснуваат кон одредени клиенти. Виделе дека најмногу се пронаоѓаат со софтверски фирми.

Како започна приказната

– На почетокот, постоеше само довербата на блиските луѓе. Првиот посериозен поттик се случи кога дознавме за грант преку Агенцијата за вработување и UNDP. Аплициравме и нè одбраа. Искрено, тој грант многу ни помогна да го забрзаме процесот – вели Филип.

Тој објаснува дека токму таа поддршка им овозможила да направат чекор напред.

– Со средствата кои ги добивме од тој грант, успеавме да купиме опрема, да го подобриме процесот на извршување и побрзо да стигнеме до посериозни клиенти. Тоа ни даде можност да се насочиме кон софтверски фирми, кон компании што се во IT индустријата и кои таргетираат техничка публика – објаснува Филип.

Споделува и за предизвиците:

– Еден од поголемите предизвици на почетокот беше тоа што, кога почнуваш нешто ново, околината не верува во твојата идеја. Секогаш го добивав коментарот: зошто не се вработиш некаде каде што ќе имаш сигурна плата? Зошто да се замараш со отворање фирма, тоа е многу покомплицирано.

Сепак, вели дека имал поддршка и луѓе кои верувале во него.

– Поддршката од сопругата ми значи премногу. Со нејзината верба, стигнавме многу подалеку од тоа што самиот би можел да замислам – споделува тој.

Дискриминацијата како реалност

Приказната на Филип нема да е целосна, ако не раскажеме и за секојдневните судири со предрасудите на околината. За моментите кога некој однапред одлучува што можеш, а што не можеш. За тишината што следи по одбивање кое нема врска со квалитетот на твојата работа. И покрај целиот успех, Наков вели дека секојдневно се соочува со дискриминација. Но, не со сите.

– Интересно, со клиентите од странство никогаш не сум почувствувал некаков проблем во тоа. Тие не гледале на попреченоста како нешто што е важно за работата. Дискриминацијата за жал, повеќе се случувала тука, локално – вели Филип.

Филип Наков работи на компјутер

Раскажува дека и претходно кога аплицирал за работа, исто така имал предизвици од овој тип.

– Секогаш сум бил дисквалификуван само затоа што мислеле дека не можам да ја завршам работата доволно брзо или доволно квалитетно – објаснува Филип.

Веројатно, токму овие ситуации, го градат, можеби најважниот дел од неговиот пат – решителноста. Не како мотивација што доаѓа и си оди, туку како свесна одлука да продолжи, без разлика на околностите:

– Најважното нешто што човек треба да го има е решителност. Мотивацијата не е нешто на кое можеш да се потпреш. Денес те држи, утре не. Решителноста е таа што те носи напред. Имам цели и секој ден работам кон тие цели. И колку и да изгледа нешто тешко на почеток, ако си фокусиран, можеш да ги постигнеш поставените цели.

Приказната на Филип Наков е приказна за упорност, самодоверба и континуирано учење. Од спонтана идеја до развиена агенција, неговиот пат покажува дека промената не доаѓа од совршени услови, туку од луѓе кои одлучуваат да продолжат, дури и кога околината не верува во нив.

Видео-прилогот е достапен и за гледачите на јавните сервиси во нашата земја, како и во Војводина и Босна и Херцеговина: Македонска радио-телевизија, Радио-телевизија на Војводина и Радио-телевизија на Босна и Херцеговина.

На овој линк може да ги најдете сите приказни од овој серијал. Погледнете ги и останатите видео-приказни од овој пристапен серијал, за Валентин и за Иштван, на линковите подолу.

Дисклејмер со логоа од проектот People of Change

Новинарка: Адријана Георгиев
Камера: Димитар Атанасоски
Монтажа: Ратомир Цениќ
Фотографии: Ирина Крстевска
Анимација: Андријана Весовска
Илустрации и графички дизајн: Ружица Мандичевска
Уредничка поддршка: Славица Ќурчинска, Маја Раванска, Климентина Илијевски
Мултимедијална пристапност: Асоцијација за пристапност и инклузија – АПИ: Кристијан Лазарев  и Ванеса Лазарева.
Аудионарација: „Самоглас“: Христијан Попсимонов, Ангела Стојановска
Музика на шпица: „Тело за на ТВ“, „Дупер“; Автори: Борис Какуринов („Дупер“), Илчо Нечовски („Дупер“), Мартина Баракоска – тапани, перкусии, пратечки вокали.
Продукција: Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“ – Скопје, за потребите на проектот „People of Change – transformation, resilience, progress“.

„Innovation. Media. Minds: ЕУ поддршка на новинарството во јавните сервиси на Западен Балкан“, е проект финансиран од Европската унија што се спроведува од страна на „Goethe-Institut“,  во име на Европската комисија и во соработка со партнерот за спроведување „DW Akademie“. За оваа содржина исклучиво е одговорно Здружението „Паблик“ и не мора да го одразува мислењето на Европската унија.