Актив арт, Доза вести

„Физика на радоста“: Премиера на театарска претстава што ја претвора различноста во сила и заедништво

Физика на радоста претстава на Театар Пи

Новата претстава на „Театар Пи“ е инспирирана од романот „Физика на тагата“ на Георги Господинов, и доаѓа по двегодишен процес на заедничко творештво со луѓе со интелектуална попреченост.

Како изгледа театар што не зборува за инклузијата, туку ја живее на сцената? Одговорот го нуди „Физика на радоста“, новата претстава на Театар Пи, создадена по мотиви од романот „Физика на тагата“ на писателот Георги Господинов, која ќе биде изведена премиерно вечерва, во Центарот за култура во Ѓорче Петров во Скопје, со почеток во 19 часот.

Во претставата заедно настапуваат актери од „Театар Пи“ и луѓе со интелектуална попреченост. Претставата произлегла по двегодишен процес на заедничко учење, креација и сценско истражување.

– „Физика на радоста“ е современа театарска приказна за осаменоста, припадноста, емпатијата и потрагата по смисла во свет исполнет со лични и колективни лавиринти. Преку театарски слики, музика во живо со бендот „Алембик“, актерска игра со документарна искреност, претставата ги истражува границите помеѓу реалноста и фантазијата, тагата и радоста, стравот и надежта – велат креаторите од „Театар Пи“.

Двегодишниот уметнички процес на кокреирање бил посветен на вклучување луѓе со интелектуална попреченост во културниот живот и сценското творештво. Претставата произлегува од континуирани работилници и заедничка работа меѓу актерите на Театар Пи и учесниците од Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Скопје.

Режијата и концептот ги потпишуваат Златко Митрески и Македонка Илиевска Митреска, додека автор на драматизацијата е Митрески. Музиката во живо е на бендот „Алембик“ и Дино Рамо, создавајќи дополнителен слој на емоционалност и непосредност во сценскиот израз.

Во претставата настапуваат: Темјана Јорданоска, Николина Димитровска, Сандра Миовска, Мила Василева, Матеа Ѓеровска, Мила Грујоска, Јана Неделковска, Мартин Милески, Јасен Угриновски и Марија Тасевска, кои преку актерска игра со документарна искреност градат простор за лични приказни, искуства и емоции.

Зад проектот стои „Театар Пи“, којшто е независен центар за изведувачки уметности и едукација од Скопје, кој со години работи на развивање на театарот како алатка за заедничко учење, општествена вклученост и културна демократизација. Организацијата е препознатлива по својата работа со деца, млади, маргинализирани групи и лица со попреченост, како и по промовирањето на независни и мобилни модели на театарско создавање.