„Флудо“ сака радикално да го промени начинот на кој зборуваме за животната средина
Разговараме со Ѓорѓи Митревски, дел од организаторите на новиот Фестивал за екокултура и креативен активизам „Флудо“, кој ќе се одржи од 24 до 26 септември во Сули Ан во Скопје. „Флудо“ ги поврзува уметноста, едукацијата и граѓанскиот активизам, со идеја луѓето да не бидат само публика, туку гласноговорници за промените што ги сакаат.
Скопје добива фестивал за екокултура и креативен активизам – „Флудо“ ќе се одржи од утре до сабота (24-26 септемри) во Сули Ан во Старата скопска чаршија. Организаторите, организацијата „Еко-свест“, најавува дека не станува збор само за уште еден културен настан, туку за платформа за трансформација, која верува дека животната средина се наоѓа на тромеѓето помеѓу социјалната правда, уметничката инспирација и технолошката иновација.

„Тајната состојка се луѓето. „Флудо“ ослободува кон креативно обликување на одржлива иднина. Сплотен фронт на креативноста и активизмот каде екокултурата е протагонист, а секоја уметничка интервенција е чекор кон промена на јавниот еколошки наратив.“
Токму оваа најава, беше доволен повод за ова интерјву со еден од организаторите на фестивалот, Ѓорѓи Митревски, координатор на Програмата за води во „Еко-свест“, каде ги води националните иницијативи за заштита и еколошка обнова на реките во Македонија. Преку иновативни пристапи, медиумски кампањи, јавни настани и граѓанска наука, тој координира кампањи за јавно застапување и подигање на општествената свест.
Како настана „Флудо“, од каде идејата за фестивалот?
– „Флудо“ настана некако органски. Се изроди спонтано од нашите досегашни активности. Нашата организација се занимава со истражување и информирање за животната средина, при што процесот на информирање започнавме да го сфаќаме во еден поширок контекст. Дали информирање значи споделување информации преку класичните медиуми и социјалните медиуми? Дали информирање значи некакво еднострано пренесување на информации од нас кон јавноста? Кои „медиуми“ треба да ги користиме притоа? Како да ги обликуваме нашите пораки за да допреме до различна публика?
Како одговор на ваквите прашања, ние пред повеќе од пет години започнавме една смислена и континуирана програма за долгорочна соработка со независните културни центри, фестивали, индивидуални уметници, културни работници и едукатори со две цели: прво, да им овозможиме да добијат подлабок увид во актуелните прашања од областа на животната средина за да можат понатаму тоа да го рефлектираат во своите активности. Целта е да се постигне што е можно поголем досег до пошироката публика. Второ, да ги вклучиме како носители на една нова едукативна програма за деца и млади со која ќе ги оспособиме идните генерации, преку различни креативни медиуми да ги артикулираат своите видувања за проблемите во животната средина.
Поради оваа наша работа во изминативе пет години, созреа идејата за „Флудо“, како простор за сите нас кои сметаме дека креативноста, уметноста и културата може и треба да дејствуваат во заеднички фронт со екоактивизмот.
Која е промената што сакате да ја постигнете преку фестивалот за екокултура и креативен активизам?
– Сакаме радикално да го промениме начинот на кој зборуваме за животната средина. Уметноста може да ги направи видливи „заробените реки“ и да ги претвори во јавни сведоштва кои бараат правда. „Флудо“ има амбиција да прерасне во јавен форум каде што уметниците, едукаторите, активистите и граѓаните заеднички ќе го обликуваат јавниот наратив за животната средина.
„Не сакаме да создаваме публика, туку гласноговорници“
Нашата цел не е да создаваме публика, туку да оспособуваме гласноговорници. Ако ги опремиме граѓаните, и особено младите со потребните вештини, тие самите ќе ги раскажат своите приказни и, уште повеќе, ќе го водат дијалогот за иднината.
Што значи Флудо?
– Флудо е еден детски карактер од една од првите претстави кои ги работевме со театарот на сенки „Сенки и облаци“ – рипче кое претставува заштитник на реките. Овој лик не е само еко-херој, туку еден симбол, кој на децата кои ја следеа претставата на фестивалот и на програмата на театарот им влеваше едно чувство на праведен бунт. Инаку Флудо на шведски значи река, а името е изведено од латинското флувиус што значи река.
Велите дека „тајната состојка се луѓето“. Како граѓаните можат да бидат активни учесници, а не само публика?
– За нас, луѓето и нивните приказни се срцето на целиот фестивал. „Сувите“ научни податоци ретко ги менуваат срцата, но личните приказни носат емоција. Токму таа емоција ни помага да заземеме став, да донесеме одлука и да застанеме на вистинската, морално исправна страна. Затоа „Флудо“ не бара пасивна публика, туку повикува на соработка. Во овој процес, уметниците и едукаторите се тука како ментори и водичи. Тие им помагаат на децата, младите и останатите учесници да научат како преку сопствениот глас и креативност да ја пренесат вистината за светот околу нас. Кога луѓето ќе ја „живеат“ природата и ќе ја раскажат преку лични приказни, тие ја напуштаат улогата на пасивни набљудувачи. Стануваат главни актери, гласноговорници и најпрепознатливите носители на промените.

На кој начин фестивалот отвора простор и за луѓе кои досега не биле дел од уметнички или еколошки иницијативи?
– Фестивалот е насочен кон широката јавност со цел да допре до секој граѓанин кој е отворен за нови културни и едукативни искуства. Тој гради кохезивна платформа која ги обединува образовните институции, граѓанскиот сектор и локалната заедница во заеднички фронт.
Освен едукативната програма, работилниците за креативни медиуми, на фестивалот имаме и мултимедијална поставка. Целта на уметничките поставки не е само естетско доживување, туку создавање на „радикално сведоштво“ кое го прави видливо она што системот го игнорира. Преку моќни визуелни наративи, уметничките поставки го редефинираат јавниот простор како место на етичка будност, каде уметноста директно го предизвикува посматрачот да заземе став.
Имаме и отворена дискусија, на која ќе разговараме за моќта на уметноста да ги направи видливи еколошките проблеми, за важноста на едукацијата и за тоа како регионалните и локалните искуства можат да ни помогнат заеднички да го обликуваме јавниот наратив за животната средина.
Какви уметнички интервенции ќе можат да видат посетителите?
– На првото издание на фестивалот „Флудо“, посетителите ги очекуваат интерактивни работилници за креативни медиуми каде што учесниците ќе совладуваат техники на стоп-анимација која ќе ја води „Флипбук“, театар на сенки во соработка со театарот „Сенки и облаци“, цијанотипија со „Зрно фестивал“, сито-печат со „Партизан принт“ и креативно рециклирање со Ана Чоловиќ-Лешоска.
Програмата нуди и силен визуелен и дискурзивен аспект. Посетителите ќе можат да ја посетат мултимедијалната изложба „Флудо“ и да проследат проекции на кратки документарни филмови кои ги отвораат важните еколошки прашања. Во рамки на фестивалот ќе се одржи и Еко-трампа, додека на панел-дискусијата „Уметност, култура и екологија: мојот пат“ која ќе ја модерира нашата позната писателка Румена Бужаровска, за предизвиците и личните искуства во градењето заеднички фронт помеѓу културата и екоактивизмот ќе зборуваат Сандра Јосовиќ од Центарот за животна средина од Босна и Херцеговина, Ѓорѓе Јовановиќ од КСЦП „Јадро“ и јас како претставник на „Еко-свест“. Овде ќе има и простор за отворен дијалог со присутните.


Музичкиот дел е доста богат. Ќе започнеме со настапот на диџеј Шурбе, концертот на Хана Корнети проследен со визуелизации од театарот „Сенки и облаци“, перформансот „Магарешки уши“ на Георги Шарески, Владимир Лукаш и Џијан Емин и концертот „Дрвото што памети“ на Јоана Ристеска. Музичката завршница му припаѓа на концертот „Transmission“ на Александар Петров и Томи Анчов.
На затворањето на фестивалот ќе биде организирана и презентација на сите дела изработени на работилниците.



Можете ли да издвоите една интервенција или проект што особено добро покажува како уметноста може да поттикне еколошка свест?
– Во нашата работа има повеќе такви примери. Ако треба да изберам еден, би ја навел сликовницата „Каде оди реката?“ во издание на издавачката куќа „Чудна шума“. Сликовницата е директно инспирирана од нашата долгогодишна работа за заштита на реките, а ја создадовме во соработка со две млади и талентирани авторки, писателката Хана Корнети и илустраторката Марија Трајаноска.
Ова е убав пример за тоа како еден уметничкиот медиум ги преведува нашите согледувања во топла, блиска и разбирлива приказна за пријателството, одговорноста и надежта, приказна која нè учи дека секој наш свесен избор е важен чекор кон зачувување на природата.
Сликовницата е достапна во сите книжарници низ државата и со тоа успеваме да „влеземе“ директно во домовите, каде што децата и родителите имаат можност заедно да ја прочитаат, да разговараат и постепено да ја градат еколошката свест уште од најрана возраст.
Кога велите дека сакате да го менувате јавниот еколошки наратив, што конкретно сакате луѓето да почнат да гледаат или да разбираат поинаку?
– Луѓето треба да почнат да ја препознаваат заштитата на природата како општествен и културен императив. Фестивалот сака граѓаните да разберат дека еколошките неправди се јавни прашања кои бараат етичка будност и институционална одговорност.
Ако посетителот треба да си замине од „Флудо“ со една мисла или едно прашање, која би сакале да биде?
– Би сакал посетителот да си замине со идејата дека има моќ и самиот директно да влијае во подобрување на состојбите во животната средина. Дека неговиот глас е важен – и уште повеќе, неопходен.
Што би значело за вас „Флудо“ да успее – повеќе публика, променети ставови, нови иницијативи, конкретна промена во заедницата…?
– Фестивалот ќе биде успешен доколку прерасне во еден заеднички простор каде сите – младите, уметниците и едукаторите, граѓанските здруженија и локалните заедници со својата визија ќе го обликуваат новиот начин на кој размислуваме и разговараме за природата и животната средина.
Длабоко веруваме дека секој граѓанин ја има во себе моќта да биде заштитник на природата. Ако успееме да го разбудиме тоа чувство кај луѓето, тогаш фестивалот ја постигнал својата вистинска цел.
„Со животната средина треба да се занимаваме сите. Тоа е наше право, а тоа е и наша одговорност.“
Кој е најголемиот мит за екологијата и културниот активизам што сакате да го разбиете преку фестивалот?
– Знаете, луѓето многу често сметаат дека со прашањата за животната средина треба да се занимаваат институциите задолжени за тоа, експертите, екологистите – односно оспособените професионалци од областа. Сакам да го разбиеме тој мит. Со животната средина треба да се занимаваме сите. Тоа е наше право, а тоа е и наша одговорност.
- „Не знам каде ќе бев денес…“ Валентин со ново знаење и сертификат за готвење
- Вештините што на возрасните им требаат на работа, на децата им требаат на игралиште
- Џез што не стои во место: Скопскиот џез фестивал носи изведувачи од 13 земји
- Од паметни сензори до микрозеленчук: три македонски зелени идеи патуваат во Призрен
- „Штефица Цвек“ избра седум книги што не се плашат да го преиспитаат светот