Фоторепортажата на Ирина Крстевска од „Лице в лице“ меѓу добитниците на наградата „Гласник на невидливите“ за 2026 година
Признанието на Македонската платформа против сиромаштија годинава им припадна на осум новинарски автори чии стории ги отвораат прашањата за сиромаштијата, дискриминацијата и социјалната исклученост.
Фоторепортажата „ГМП – Пат кон зависност и сива економија, наместо излез од сиромаштија?“ на фотографката Ирина Крстевска, која беше објавена на веб платформата на „Лице в лице“, е меѓу добитниците на наградата „Гласник на невидливите“ за 2026 година, што ја доделува Македонската платформа против сиромаштија (МППС).

Станува збор за концептуален визуелен наратив за животот на корисниците на Гарантирана минимална помош, раскажан преку симболи наместо директни портрети. Фокусот е ставен на детали од секојдневието: пари под тепих, изветвени предмети, закрпено мече, сметки во сандаче, кои ја доловуваат тенката линија меѓу сигурноста и неизвесноста. Секоја фотографија функционира како симбол: преживување, стагнација, зависност, но и потенцијал за промена. Тоналитетот е во сепија, избледен, со чувство на време што стои, но со суптилни акценти на светлина како знак на надеж. Овој пристап овозможува фото-приказната да делува како визуелен есеј, кој го надополнува аналитичкиот текст и ја продлабочува темата без да ја наметнува.

Повеќе фотографии се достапни на овој линк, каде е и целата сторија:
ГМП – Пат кон зависност и сива економија, наместо излез од сиромаштија?
Наградите, кои беа доделени вечерва во Скопје, ги препознаваат новинарските приказни што ги ставаат во фокус луѓето и заедниците кои најчесто остануваат надвор од јавниот дискурс, отворајќи теми поврзани со сиромаштијата, социјалната исклученост, нееднаквоста и човековите права.

Освен Крстевска, годинашни добитници на признанието се и:
Бојан Шашевски за сторијата „Училниците уште не се „проветрени“ од дискриминацијата кон атипичните деца“,
Лени Фрчкоски и Марта Стевковска за „Женското е туѓа фамилија“,
Љубица Иванова за „Наставничката Маја е единствената вработена која се грижи за сите услови во училиштето во село Маврово“,
Магдалена Стојмановиќ-Константинов за „Замаглените лица на сиромаштијата“,
Михаил Милошевски за „Периките на хуманитарката Сашка Кузманова кои со пари не се купуваат“,
Слободан Иванов за „Глаголицата како парабола за денешното сеопфатно општество: Отворена изложбата „Глаголички откровенија“ на Томе Даневски во КИЦ – Скопје“ и
Сунчица Стојановска Зоксимовска за сторијата „Македонци на „фармацевтски туризам“ во Косово и во Србија за поевтини лекови“.
Наградите беа врачени вечерва, на настан кој годинава доби и меѓународна димензија. МППС беше домаќин на претставници на осум национални мрежи против сиромаштија и на комуникацискиот тим на Европската мрежа против сиромаштија (EAPN).
Во рамки на настанот се одржа и панел-дискусија на тема „Медиумите и сиромаштијата – гласно против тишината“, посветена на улогата на новинарството во отворањето на темите што ги засегаат најранливите граѓани и на размената на искуства меѓу новинари и организации од повеќе европски земји.
- Што ги движи протестите и зошто општествените движења не се само левичарски каузи?
- Патувачкото кино на „МакеДокс“ повторно тргнува низ Македонија: Бесплатни проекции во шест места
- Историски успех: „Приказната за Силјан“ е првиот македонски филм номиниран за наградите „Еми“
- „Зрно“ 2026 ги претставува избраните автори од меѓународниот отворен повик
- Книгите не можеме да ги вратиме, но можеме да помогнеме „Антолог“ да создава нови