Кога сонцето станува коавтор: изложба на лумен принтови во Скопје
Лумен принтот, редок фотографски процес во кој сончевата светлина ја создава сликата, е во фокусот на изложбата „Фрагменти од нас“, на фотографката Кети Талевска Бакревска, што овој четврток, 9-ти јули од 20 часот ќе биде отворена во КСП Центар Јадро во Скопје. Авторката преку оваа техника го истражува женскиот идентитет низ визуелен јазик што ги спојува природата, светлината и фотографијата.
Наместо камерата и екранот да бидат во центарот, главната улога ја презема сончевата светлина, која станува коавтор во создавањето на делата преку техниката на лумен принт. Авторката Кети Талевска Бакревска преку серијата дела создадени со оваа алтернативна фотографска техника го истражува женскиот идентитет како сложена целина составена од тело, мисла и дух. Наместо класичен фотографски запис, секоја слика претставува резултат на директното дејство на сончевата светлина врз фоточувствителната хартија, поради што секое дело е единствено и неповторливо.

Изложбата е концептуално организирана околу три столба на човековото постоење, претставени преку три женски силуети создадени исклучиво со техниката на лумен принт. Во овој процес природата не е само инспирација, туку активен учесник во создавањето на уметничкото дело, оставајќи сопствени траги врз материјалот.
„Фрагменти од нас“ е трета самостојна изложба на Кети Талевска Бакревска. Нејзината работа е насочена кон алтернативните фотографски процеси, меѓу кои лумен принтовите, цијанотипијата, класичната аналогна фотографија и камера обскура. Во своето творештво таа постојано ги истражува односите помеѓу светлината, природата и фотографската слика.
Покрај самостојните изложби, таа учествувала на повеќе регионални и европски проекти, била член на жири-комисии на фотографски изложби, а преку работилници активно го пренесува своето знаење и искуство во областа на алтернативната фотографија.
- Што ги движи протестите и зошто општествените движења не се само левичарски каузи?
- Патувачкото кино на „МакеДокс“ повторно тргнува низ Македонија: Бесплатни проекции во шест места
- Историски успех: „Приказната за Силјан“ е првиот македонски филм номиниран за наградите „Еми“
- „Зрно“ 2026 ги претставува избраните автори од меѓународниот отворен повик
- Книгите не можеме да ги вратиме, но можеме да помогнеме „Антолог“ да создава нови