„Генералка викенд“ руши рекорди: Десетици илјади волонтери ќе чистат на над 500 локации
Десетици илјади граѓани повторно ќе излезат на терен за да ја исчистат земјата и да испратат силна порака за заштита на животната средина. Од 8-ми до 10-ти мај ќе се одржи шестото издание на „Генералка викенд“, најмасовната еко-акција во земјава и регионот.
Оваа година, акцијата руши рекорди со учество на волонтери од 80 општини, повеќе од 600 организации, јавни институции и приватни компании, како и над 250 државни институции.
Генералка на над 500 локации низ целата земја
Акцијата ќе се спроведува истовремено на повеќе од 500 локации низ земјата, координирана од општините во соработка со Црвениот крст. Официјалното отворање е закажано за 8-ми мај во 9 часот во Скопје, со акција за чистење на кејот на реката Вардар. На потегот од реката Лепенец до мостот „Киро Глигоров“ ќе бидат распоредени осум тимови волонтери, кои ќе работат на двете страни од реката.
Во акцијата ќе се вклучат и јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, заедно со волонтери од компании, институции и училишта.
Посебни еко-акции низ земјата
Покрај главните активности, ќе се реализираат и специјализирани акции, меѓу кои и чистење на диви депонии во Националниот парк Шар Планина, со учество на припадници на Вооружените сили на Р.С. Македонија, локално население, чувари на паркот, компании и експерти, како и еко-акција во Охрид за заштита на крајбрежјето, во соработка со студенти, професори и меѓународни организации.
Паралелно со теренските активности, ќе се спроведува и еко-образовната програма „Еко час“ во училиштата низ земјата, во соработка со Министерството за образование и со УНИЦЕФ.

Најголема еколошка акција во земјава
„Генералка викенд“ веќе прерасна во национална традиција и најголема логистичка операција за собирање отпад во земјата, со цел да се подигне јавната свест и да се поттикне одговорно однесување кон животната средина. Акцијата се реализира како волонтерска иницијатива, при што учесниците се одговорни за сопствената безбедност.
Успехот на иницијативата се должи на долгогодишната соработка со партнери од приватниот и јавниот сектор, како и поддршката од институции, невладини организации и локалните самоуправи.
Пораката останува иста и оваа година:
„Да се извалкаме и да исчистиме!“
- Хакатон во Охрид: Млади идеи за зелена и поинклузивна иднина
- Онлајн конференција „Како да креираме општество без бариери?“ отвора дебата за пристапност и инклузивни градови
- КРИК носи „Критичко читање низ филмови“: киното како простор за грижа, сеќавање и политичко промислување
- Продолжено породилно до 12 месеци: помош за мајките или ризик за уште подолга исклученост од пазарот на труд?
- Младите не се апатични: илјадници волонтери во Македонија создаваат реални промени