Пет дена филм, идеи и креативност: вечерва се затвора 14. „Џифони Македонија“
По пет дена филмски проекции, дискусии и креативни работилници, џифонци вечерва во „Фросина“ ќе ги покажат своите дела, а ќе бидат избрани и учесниците што ќе ја претставуваат Македонија на „Џифони“ 2027.
Четиринаесетто издание на Младинскиот филмски фестивал „Џифони Македонија“ ќе биде затворено вечерва во киното „Фросина“. Од 19 часот ќе започне вечерта во која џифонци покажуваат што креирале во изминатите пет дена за време на работилниците што се одржуваат секоја година. Исто така, вечерва ќе бидат избрани дел од учесниците што ќе ја претставуваат Македонија на централниот настан, односно на Филскиот фестивал во Џифони 2027 година, а ќе бидат избрани и најдобрите филмови на фестивалот.
Изминатите неколку дена, основците, односно учениците од шесто до деветто одделение беа јуниорско жири во Кинотеката каде проследија долгометражни и краткометражни филмови, имаа дискусии и учествуваа на работилници. Целата програма за средношколците се одвиваше во Младонскиот културен центар во Скопје.
Голем интерес кај џифонци вчера предизвика филмот „Кој те создаде“ (Who Made You) кој ја обработуваше темата за вештачката интелигенција на финската режисерка Ирис Харма, со која џифонци можеа да поразговараат и да поставуваат прашања.
Таа им објасни дека процесот на создавање бил долг и дека кога креирате документарец, треба да ја следите приказната повеќе години.
– Ние како човештво треба да ја разбереме целата работа со Вештачката интелигенција (ВИ) и со технологијата, да ја разбереме и посебно властите, луѓето што ги водат државите треба да бидат целосно искрени и да ни кажат што се може да се прави со ВИ. Ние мораме да ја разбереме технологијата и да ги разбереме ризиците од користењето и заедно ќе сме посилни – рече Харма.
Авторите на филмот додадоа и уште нешто важно:
– Најважно е да имаме дијалог, тоа е најважното нешто. Ние мора да имаме поголема контрола врз вештачката интелигенција.

Овој документарен филм ѝ пристапува од хуманистичка перспектива на една од најактуелните теми на нашето време: брзиот развој на технологијата и трансформацијата што следува со него. Филмот им дава глас на истражувачите кои работат во оваа област. Преку прикажување на визиите на експертите и средбите меѓу луѓето и роботите, филмот ни овозможува да ѕирнеме во нашата блиска иднина.

Јуниорите учествуваа на работилница за мјузикл со Лада Шоптрајанова Петровска, на работилница за ликовна уметност со Моника Мотеска и за краток филм со Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов. Средношколците можеа да учат за краток документарен филм со Ханис Багашов, за филмска фотографија со Елена Бојаџиева-Цветковска, за тоа како се прави сториборд заедно со Здравко Гиров и Давор Драмиќанин од здружението „Макстрипови“. Софтверскиот инженер Александар Колов ги внесе џифонци во тајните на 3Д-принтот користејќи рециклирана пластика од шишињата за вода.
- „Не знам каде ќе бев денес…“ Валентин со ново знаење и сертификат за готвење
- Вештините што на возрасните им требаат на работа, на децата им требаат на игралиште
- Џез што не стои во место: Скопскиот џез фестивал носи изведувачи од 13 земји
- Од паметни сензори до микрозеленчук: три македонски зелени идеи патуваат во Призрен
- „Штефица Цвек“ избра седум книги што не се плашат да го преиспитаат светот