Доза вести

Наградата „Гласник на невидливите“ по деветти пат ќе ги одликува новинарите што известуваат за сиромаштијата и социјалната исклученост

Илустрација од magnific.com

Скопје ќе биде домаќин на претставници од осум европски мрежи против сиромаштија, а доделувањето на наградите ќе биде проследено со панел-дискусија за улогата на медиумите во отворањето на темите што често остануваат на маргините.

Македонската платформа против сиромаштија (МППС) на 16 јуни во „Cowork21“ во Скопје ќе го организира деветтото издание на наградата „Гласник на невидливите“, признание што им се доделува на новинари и медиумски работници кои во својата работа ги отвораат темите поврзани со сиромаштијата, социјалната исклученост и животот на луѓето што честопати остануваат надвор од фокусот на јавноста.

Годинашното издание добива и силна меѓународна димензија. Од 15 до 17 јуни, МППС ќе биде домаќин на претставници на осум национални мрежи против сиромаштија, како и на комуникацискиот тим на Европската мрежа против сиромаштија.

– Средбата ќе ги поврзе искуствата на организации, новинари и активисти од повеќе европски земји во обид да се отвори поширока дебата за улогата на медиумите во известувањето за социјалните нееднаквости – најавуваат од МППС.

Во рамки на настанот за доделувањето на наградите ќе се одржи и панел-дискусијата „Медиумите и сиромаштијата – гласно против тишината“, посветена на предизвиците и одговорноста на медиумите во претставувањето на темите поврзани со сиромаштијата. Организаторите најавуваат простор за размена на искуства меѓу домашни и европски новинари, комуникациски експерти и лица со лично искуство со сиромаштија.

Наградата „Гласник на невидливите“ во изминатите години се наметна како едно од ретките признанија во земјата што ја вреднува новинарската работа насочена кон човековите права, социјалната правда и видливоста на ранливите групи. Преку неа се афирмира новинарството кое не се задржува само на статистики и институционални соопштенија, туку ги раскажува приказните на луѓето чии гласови најчесто остануваат неслушнати.

Илустрација: magnific.com