Како еден простор станува јавен? Отворен повик за „Градот како сцена“ во Скопје
„Градот како сцена“ во рамки на 21. издание на Фестивалот за современи уметности АКТО ќе ги собере учесниците на тридневна лабораторија за перформативни и просторни интервенции во јавниот простор
Како еден простор станува навистина јавен? Кој го користи, на кој начин и што е потребно за тој да стане место со значење за заедницата? Овие прашања се во фокусот на Лабораторијата за перформативно-просторни практики „Градот како сцена“, која ќе се одржи од 1 до 3 октомври во киното во Железничката зграда во Скопје, во рамки на 21. АКТО – фестивалот за современи уметности.
Работилницата ќе се фокусира на тестирање и развој на модели за користење на киното во Железничката зграда, со цел да се размислува за неговите можни идни намени и начини на активирање како заеднички простор. Појдовната идеја е дека просторот постои кога се користи. Оттука, учесниците ќе истражуваат што му дава на еден простор општествено и јавно значење и како преку различни практики може да се создадат нови сценарија за негово користење.
Во тридневниот процес ќе се поврзат знаења и практики од архитектурата, театарот, сценскиот дизајн, урбаните и изведувачките практики, а градот и јавниот простор ќе се разгледуваат како сцена на која можат да се препознаат и артикулираат предизвиците на една заедница.
Кој ќе ја води лабораторијата?
Работаилницата ќе се овдива во соработка со меѓународен тим ментори и соработници: Филип Јовановски од Архитектонскиот факултет во Скопје, Zita Leutgeb од ARCH+ во Берлин и Слаѓана Милосављевиќ од SCEN во Нови Сад.
Во менторскиот процес ќе соработуваат и Радивоје Динуловиќ, Татјана Дадиќ-Динуловиќ и Миа Давид од SCEN, Нови Сад; Aby Cohen од OISTAT International; Jan Steanek од DAMU во Прага; Ристо Аврамовски, архитект и илустратор од Скопје/Берлин; Димитар Милев од ФРУ, Скопје; Фросина Пандурска-Драмиканин, независна истражувачка, и Стефан Танков, архитект и илустратор од Скопје.
Пријавувањето е отворено до 29 септември
Повикот е првенствено наменет за студенти по архитектура, драмски, ликовни уметности, антропологија, книжевност и сродни области, како и за млади заинтересирани за интердисциплинарни уметности и јавниот простор. Организаторите најавија дека за лабораторијата има ограничен број места, а заинтересираните можат да се пријават најдоцна до 29 септември 2026 година преку пријавата за учество на овој линк.
- „Не знам каде ќе бев денес…“ Валентин со ново знаење и сертификат за готвење
- Вештините што на возрасните им требаат на работа, на децата им требаат на игралиште
- Џез што не стои во место: Скопскиот џез фестивал носи изведувачи од 13 земји
- Од паметни сензори до микрозеленчук: три македонски зелени идеи патуваат во Призрен
- „Штефица Цвек“ избра седум книги што не се плашат да го преиспитаат светот