Книгите не можеме да ги вратиме, но можеме да помогнеме „Антолог“ да создава нови
Една недела по поплавата што го уништи магацинот на „Антолог“, потребна е конкретна солидарност за да продолжи приказната на издавачката куќа која 27 години создава простор за книги, автори и читатели.
Пред точно девет години, во јули 2017 година, во „Лице в лице“ пристигна една идеја што веднаш ни покажа дека не станува збор за обична соработка. Жарко Кујунџиски од „Антолог“, заедно со писателот и преведувач Владимир Јанковски, дојдоа со идеја за книга што ќе ја поврзе книжевноста со солидарноста со ранливите сограѓан(к)и. Така се роди антологијата „Тивка анестезија: за болката на другите“, а дел од приходите од нејзината продажба и авторските хонорари беа наменети за продавачите на „Лице в лице“.
Во тоа време, ваквата поддршка за нашите продавачи, луѓе кои градеа нова можност за достоинствено вклучување во општеството, беше исклучително важна.

Во 2017 година, 14 автори и авторки (Николина Андова Шопова, Петар Андоновски, Игор Анѓелков, Јулијана Величковска, Живко Грозданоски, Владимир Јанковски, Жарко Кујунџиски, Калина Малеска, Владимир Мартиновски, Снежана Младеновска Анѓелков, Фросина Пармаковска, Олгица Станковска, Давор Стојановски, Фросина Стојковска), наменски ги создадоа своите раскази за антологијата „Тивка анестезија; за болката на другите“, во издание на „Антолог“.


Објава на содржината од 2017 година, од 25. издание на уличното списание „Лице в лице“. Кликнете на сликата за да може да прочитате.
Оваа книга носеше и порака дека книжевноста има моќ да гледа надвор од сопствените граници, да препознава неправди и да создава солидарност.

Тогаш зборувавме за тоа како луѓето со повисоки цели лесно се препознаваат. Денес, девет години подоцна, таа солидарност повторно е потребна – овојпат, на „Антолог“.
„Лице в лице“ постои затоа што верува дека солидарноста не е чувство, туку дело. Во сржта на нашата мисија е вербата дека промените се случуваат кога луѓето се поврзуваат и се поддржуваат меѓусебно. Денес, таа солидарност ја упатуваме кон „Антолог“, затоа што културата, исто како и луѓето, опстанува само кога заедницата стои зад неа. Кога е загрозено едно добро што со децении придонесува за заедницата, наша одговорност е да ги повикаме луѓето да се поврзат, да се организираат и да помогнат.
27 години книги, преводи и книжевни врски – под вода
На почетокот на месецов, по силното летно невреме што го зафати Скопје, магацинскиот простор на „Антолог“ во населбата Кисела Вода беше целосно поплавен. Последиците се огромни. Уништени се десетици илјади книги, инвентар, техника, компјутерска опрема и возила. Материјалната штета се проценува на неколку стотици илјади евра.
Но, штетата не може да се измери само во бројки, тиражи, пари… Зад секоја уништена книга стои огромен труд, луѓе, преводи, уредување, лектура, дизајн, печатење, работа на автори и професионалци. Зад секој наслов стои одлука некоја приказна да стане достапна за читателите.
„Антолог“ веќе 27 години е еден од препознатливите книжевни центри во земјава и издавачка куќа која донесе голем број домашни и светски автори до македонските читатели, создавајќи каталог што е дел од современата македонска културна сцена.
Јасно е дека оваа поплава им го донесе најтешкиот моменти во нивното постоење.
„Сите планови отидоа буквално под вода“, објавија од „Антолог“ по повод нивниот 27. роденден, кој симболично го одбележаа вчера и годинава наместо со прослава, го дочекаа со борба за повторно воспоставување на работата.
Но токму во најтешките моменти се гледа силата на заедницата.
Медиумот „Види Вака“ покрена силна медиумска поддршка, на која се приклучија и многу други медиуми. Книжевната сцена застана со поддршка зад „Антолог“. Од првите денови пристигнуваат пораки за поддршка од читатели, автори, колеги од културата и граѓани кои сакаат да помогнат.
Невремето во Скопје го поплави магацинот на „Антолог“
Една недела по поплавата, важно е поддршката да не застане и да се засили!
Еве што можеме да направиме:
Да купиме книга
Еден од најдиректните начини за поддршка е купување книги од изданијата на „Антолог“. Секоја купена книга е повеќе од трансакција и помош еден издавач повторно да застане на нозе. Книги може да се купат во нивната книжарница која се наоѓа во центарот на Скопје, веднаш до гимназијата „Јосип Броз Тито“. Повеќе издавачки куќи се откажаа од рабатот, па купете и изданија на „Антолог“ на било кое место каде што ќе најдете.
Да помогнеме преку онлајн нарачки
И покрај тоа што нема да може да се испорачаат книги поради последиците од поплавата, онлајн поддршката е начин да се помогне финансиски. Ова значи дека купувачите ќе донираат, преку онлајн продажбата на нивната продавница, која е на овој линк.
Да се обезбеди магацински простор
Една од клучните потреби во овој момент е сув и безбеден простор каде што книгите и работата на издавачката куќа ќе можат повторно да се организираат. Сите кои имаат можност привремено да отстапат магацински простор можат да се обратат до тимот на „Антолог“ на: 075 228 984 и на 02 6169 150.
Директна финансиска поддршка
За сите кои сакаат директно да помогнат:
АНТОЛОГ – БООКС ДООЕЛ СКОПЈЕ
Цел на дознака: Донација
Комерцијална банка АД Скопје 300000003674784
НЛБ Тутунска банка АД Скопје 210069242710158
За меѓународни донации: IBAN: MK07300701003070696 SWIFT: KOBSMK2X
Да помогнеме на терен
Магацинот сè уште има потреба од расчистување. Потребни се луѓе кои можат да помогнат физички, но и оние кои имаат можност да обезбедат соодветна механизација.
Да ја зачуваме приказната што ни ги донесе другите приказни. Културата често изгледа невидлива сè додека не биде загрозена. Издавачките куќи како „Антолог“ се места каде што се создаваат врски меѓу автори и читатели, каде што преводите отвораат прозорци кон други светови, каде што идеите патуваат.
Пред девет години „Антолог“ помогна една книга да зборува за солидарноста кон другите.
Денес, таква солидарност е потребна кон нив. Затоа што кога една книжевна куќа се обидува да се спаси, не спасуваме само магацин со книги. Спасуваме дел од културната меморија и од просторот во кој едно општество чита, размислува и се поврзува и си помага.
- Што ги движи протестите и зошто општествените движења не се само левичарски каузи?
- Патувачкото кино на „МакеДокс“ повторно тргнува низ Македонија: Бесплатни проекции во шест места
- Историски успех: „Приказната за Силјан“ е првиот македонски филм номиниран за наградите „Еми“
- „Зрно“ 2026 ги претставува избраните автори од меѓународниот отворен повик
- Книгите не можеме да ги вратиме, но можеме да помогнеме „Антолог“ да создава нови