Хакатон во Охрид: Млади идеи за зелена и поинклузивна иднина
Во текот на три инспиративни дена, Охрид беше место каде младите ја претвораа својата креативност во конкретни идеи за подобра иднина. Во рамки на проектот „Градење зелена иднина: Социјално претприемништво за млади“, повеќе од дваесет учесници од различни градови низ земјата се собраа на хакатон посветен на иновации, соработка и општествено влијание.
Хотел „Далјан“ стана простор каде се развиваа нови иницијативи, се споделуваа искуства и се создаваа тимови подготвени да размислуваат поинаку. Млади од Скопје, Битола, Куманово, Кавадарци и Тетово работеа заедно на идеи кои одговараат на реални еколошки и социјални предизвици, користејќи пристап базиран на социјално претприемништво.
Програмата ги водеше учесниците низ целиот процес – од препознавање проблем, преку креирање решение, до развој на одржлив бизнис модел. Со поддршка од ментори и обучувачи, тимовите ги разработуваа своите концепти, учејќи како идејата може да прерасне во иницијатива со вистинско влијание.
Покрај развојот на претприемачки вештини, хакатонот отвори простор и за нови познанства, тимска работа и размена на различни перспективи. Токму таа разновидност беше една од највредните страни на настанот.
Особено значење имаше учеството на средношколци со оштетен слух од ДСУРЦ „Партенија Зографски“, кои активно беа дел од тимовите и процесот на создавање идеи. Нивното присуство не беше симболично, туку реален придонес во дискусиите, решенијата и динамиката на хакатонот. Ваквите настани покажуваат колку е важно младите да имаат еднаков пристап до можности за учење, вклучување и личен развој, без разлика на комуникациските или другите предизвици со кои се соочуваат.
Во текот на настанот се слушнаа и искуства од самите учесници, кои споделија дека ваквиот тип активности им овозможува не само да стекнат нови знаења, туку и да почувствуваат дека нивниот глас и идеи се важни и слушнати. Дел од учениците истакнаа дека за нив највреден бил чувството на еднаква вклученост и можноста да работат заедно со врсници од различни средини.
Хакатонот покажа дека кога младите добиваат простор за соработка, поддршка и еднакво учество, се создаваат идеи што имаат потенцијал да придонесат за позитивни промени во заедницата.
Проектот „Градење зелена иднина“ го реализира Здружението на бизнис жени, со цел да ги поттикне младите кон претприемничко размислување и активно учество во создавање поодржливо и поинклузивно општество. Активноста е дел од иницијативата „RAISE CSOs – Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемништво за младите“, која се спроведува со поддршка на Европската Унија.
Oбјавата е дел од проектот ‘RAISE CSOs – Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемништво за младите преку градење капацитети на локални граѓански организации во Северна Македонија’ имплементиран од страна на Младински Сојуз – Крушево во соработка со Центар за истражувања и анализи „НОВУС“ и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, со поддршката на ЕУ за граѓанското општество и медиумските организации во Република Северна Македонија, ИПА програма за граѓанско општество 2022-2023.