Го паметите Игорче? Денес има работа што ја сака и ново поглавје во животот
Од почетоците на „Лице в лице“, Игор Шајновски беше едно од најпрепознатливите лица на струшкото шеталиште со списанието в раце. Денес неговото секојдневие сведочи дека зад секое успешно вработување стојат доверба, континуирана поддршка и луѓе што веруваат во неговите способности.
Многумина што летно време доаѓале во Струга, сигурно го сретнале барем еднаш. Со насмевка, упорност и „Лице в лице“ в раце, со години беше едно од најпрепознатливите лица на струшкото шеталиште, но и по охридските плажи. Во летните месеци, со поддршка од професионалците во неговата матична организација, „Порака Нова“ од Струга, каде беше редовно вработен, поставуваше рекорди во продажбата на списанието. За многумина беше и првата личност што ги пречекуваше со разговор, препорака за новиот број и позитивна енергија.
Неодамна ми пиша дека сака да пишува за „Лице в лице“. Рече дека има многу убави работи да раскаже. Оттука и дојде овој разговор. Јас му поставив прашања, а тој ми ги врати одговорите испишани со ракопис, на лист хартија. Дури се изнасмеавме двајцата на тоа, ми раскажа уште неколку работи по телефон, со неизбежната покана за кафе кога ќе „дојме Радожда“.
Игор Шајновски и денес е препознатлив по својата ведрина, непосредност и упорност. Лесно започнува разговор со луѓето. Памети имиња, лица, случки. Искрено се радува кога ќе сретне некого што одамна не го видел. Токму затоа многу туристи што со години летуваат во Струга и Охрид, но и локалното население, со радост се сеќаваат на него.
– Имав чест да го продавам списанието и неколку пати ја имав привилегијата да бидам прогласен за најдобар продавач. Сега, после неколку години сфаќам дека секој труд носи успех – раскажува тој.

Многумина ќе се сетат и на билбордите низ неколку македонски градови, од една кампања за социјалните претпријатија во земјава, на кои Игор беше едно од лицата. Насмеан, достоинствен и свој, тој тогаш ја претставуваше идејата дека секој човек заслужува можност за работа и активно учество во заедницата.
Истата порака ја живее секој ден, иако повеќе не продава списанија. Тој е успешно вработен во струшка компанија и е среќен на работното место. Тоа е една од оние промени кај наши продавачи, на која сме особено горди.
Пред да премине во приватниот сектор, тој беше и вработен во граѓанскиот, во „Порака Нова“. Таму, заедно со неговиот координатор, Стефан Малески, планираа продажба и дистрибуција на списанието „Лице в лице“, на честитките и картичките од нашиот бренд. Тоа беше важен чекор во неговата работна интеграција и потврда дека со соодветна поддршка, можностите се многу поголеми од ограничувањата.
Кога продажбата на списанието веќе не беше доволна за неговите потреби и кога стана јасно дека е подготвен за нов професионален чекор, „Порака Нова“ му помогна да најде редовно вработување. Веќе две години работи во приватна компанија во Струга.

– Секој работен ден ми е убав. Работам и многу сум задоволен од работата. Најмногу ми значи што колегите ми помагаат и што сите добро се разбираме – раскажува тој.
Како и секој што започнува нова работа, и тој имал период на учење.
– Првиот месец одев на пракса. Полека учев сè што треба, и брзо се научив. Сега веќе сум професионалец во работата – вели со гордост.
За него, доброто работно место не се мери само со задачите што треба да се завршат.
– Најважно ми е да работиме како тим. Голем поздрав до моите колеги и до мојата шефица Марија – се насмевнува тој дипломатски.
Истата вредност ја носи и во приватниот живот.
– Мене најважно ми е да се дружам. Сакам да бидам со колегите, со мојата генерација, со луѓето – раскажува Игор.
Оние што го познаваат знаат дека тој има уште една голема љубов, природата. Со години зборува за чистата животна средина, учествува во акции за чистење и ги потсетува луѓето дека секој може да придонесе.
– Сите треба да се грижиме за животната средина. Треба да ја градиме јавната свест и секој да почне од себе – вели тој.
А кога не е на работа, најчесто е на брегот на Охридското Езеро:

– Најмногу уживам на „Пливалиште“, на Женска плажа и во кампот „Ливадиште“. Тоа се моите омилени места во Струга, покрај Радожда.
Иако денес има нова работа и ново секојдневие, честопати се потсетува на „Лице в лице“.
– Навистина ми недостасува „Лице в лице“. Ми недостигаат дружбите со сите вас, сите пријатели, Анита, Климентина, волонтерите… Сите ме знаеја и многу беше убаво – вели тој.
Но, тој не жали за тој период. Свесен дека може поинаку, благодарен е на сите искуства и на тоа што сега може да ужива во летото.
– Нема поубаво место од Радожда. Среќен сум што живеам тука и што уживам во летните денови. Радожда секогаш останува моето најубаво место – вели Игор.
Неговата приказна е важен показател за влијанието што го има „Лице в лице“ и дека продажбата на списанието ретко е крајната цел. Таа е можност, отскочна штица. Прв чекор кон поголема финансиска самостојност, стекнување работни навики, самодоверба и, кога ќе се создадат услови, кон редовно вработување. Секогаш кога ќе го сретнеме насмеан, на пат кон работа или покрај неговата Радожда, знаеме дека приказната продолжува токму онака како што и треба, со достоинствена работа, поголема самостојност и чувство на припадност.
Кога некој продавач ќе престане да продава затоа што нашол стабилна работа, тоа не е загуба за „Лице в лице“, туку најголемиот успех.
– Порачувам на сите да веруваат во себе и да прашаат за поддршка. Јас можам да им кажам како се продава „Лице в лице“ и како можат да напредуваат – вели Игор.
Пишува: Маја Раванска
Фотографии: Кристина Затуроска, Горан Ристовски, „Порака Нова“.
- Тоа е што е
- Шведска има и свој „Див Запад“: три места што функционираат по свои правила
- Секој четврти ученик на 15-16 години се коцкал за пари, предупредува ХЕРА Млади
- „МакеДокс“ од 20 до 27 август: 71 документарец, Шпанија во фокус и над 100 гости
- Различни патишта, исти желби: Битола го одбележува 12-ти август, Меѓународниот ден на младите