Лице в лице интервју

Индира Кастратовиќ: Спортот прво учи на човечност, па на победи

Индира Кастратовиќ: Спортот прво учи на човековост, па на победи

Што останува по титулите? Разговараме со познатата спортистка за тимот, менталната сила, жените во спортот, токсичноста на социјалните мрежи и зошто децата прво треба да го сакаат спортот, а дури потоа победите.

Има луѓе чии успеси ги знаеме напамет, но вистински ги запознаваме дури кога ќе ги видиме надвор од рефлекторите. Така јас ја запознав Индира Кастратовиќ.

Пред четири години, кога го организиравме инклузивниот ракометен натпревар по повод 10-годишнината на „Лице в лице“, таа без двоумење ја прифати поканата да биде дел од настанот. Но, повеќе од нејзината спортска големина, ме освоија нејзината професионалност, скромност и начинот на кој им пристапи на нашите продавачки и продавачи.
Тогаш сфатив дека најголемите шампиони не ги препознаваме само по победите, туку по начинот на кој се однесуваат со луѓето.

Европска шампионка со „Кометал Ѓорче Петров“, една од најуспешните ракометарки што ги имала Македонија, успешен тренер.  Таа денес е координаторка на женските национални селекции при Ракометната федерација на Македонија (РФМ), како и спортска директорка на Женскиот ракометен клуб „Вардар“. Овој пат зборува за исклучителна спортска кариера.

Но, во разговорот со Индира најчесто не слушате „јас“. Кај неа се „ние“, „тимот“, „работевме“, „успеавме“. И токму затоа нејзините победи звучат уште поголеми.

Кога една екипа станува симбол на цела држава

Повеќе од две децении подоцна, европската титула со „Кометал Ѓорче Петров“ останува еден од најголемите спортски успеси во македонската историја. Но, кога ја прашуваме што најсилно го обележало тој период, Индира не почнува со трофејот:

– Секако дека зад тој голем успех стои долгогодишниот труд на сите членови на клубот од тоа време. Но, најсилен впечаток кај мене остави атмосферата што ја чувствувавме во неделата меѓу двата финални натпревари, како и атмосферата за време на реваншот. Незаборавен останува и пречекот на плоштадот, пред повеќеилјадната публика – вели таа.

Во нејзиниот глас и денес се чувствува истата емоција. Не е тоа носталгија по една титула, туку по чувство кое ретко се доживува – кога една екипа станува симбол на цела држава. Кога илјадници луѓе се препознаваат во твојата борба. Сепак, спортот не дозволува долго да живееш ниту во еуфоријата на победата, ниту во тежината на поразот. Следниот натпревар секогаш доаѓа побрзо отколку што би сакале.

– Во ритамот на натпреварувачката сезона нема многу време за размислување за победите или поразите од претходниот викенд. Имавме еден ден одмор, анализа на натпреварот и потоа целосен фокус на следниот предизвик. Во тоа време менталната стабилност зависеше најмногу од две работи, играчкото искуство и индивидуалниот психолошки профил на секој играч. Денес клубовите и националните селекции имаат поинаков пристап. Во сериозните спортски колективи се вклучени спортски психолози и други стручњаци, што е голема предност – споделува таа.

Вели дека кај нас сè уште недостига многу работа на тоа поле.

– Би требало многу повеќе внимание да се посвети на изнаоѓање вистински решенија. Поголем ангажман на професионалци кои се едуцирани во оваа област сигурно би донел резултати. За жал, ниту клубовите имаат можност да ангажираат спортски психолози, ниту во Македонија има доволно кадар што е специјализиран за оваа област.

Поразот не е крај, туку патоказ како следниот пат да бидеме подобри

Прашана за најголемиот успех, Индира се присетува на еден од најболните порази. Не затоа што сака да зборува за неуспесите, туку затоа што токму тие, вели, ја обликувале:

– Можеби тоа беше поразот во мојата прва сезона како ракометарка на „Кометал Ѓорче Петров“, против холандскиот шампион „Виза Свифт“. Тој натпревар ни беше патоказ како не треба да се подготвува и да се игра на тоа ниво на натпреварување. Во следните сезони работевме многу повеќе и како награда дојдоа првото европско финале, а потоа и освојувањето на Лигата на шампионите.


Во овие неколку реченици, всушност, е содржана целата филозофија на врвниот спорт. Поразот не е крај, туку лекција. А победата никогаш не доаѓа случајно.

На спортистките им е потешко, и тоа не е прашање на талент

Како жена која стигнала до самиот европски врв, Индира не се двоуми кога зборува за разликите меѓу машкиот и женскиот спорт. Не зборува за квалитетот, туку за животните околности со кои се соочуваат жените.

– Амбицијата да создадеш семејство и да станеш како мајка ја прави суштинската разлика меѓу двата пола во спортот. Од тој аспект, според мене, патот на една спортистка е потежок отколку на еден спортист. Бременоста, породувањето и периодот во кој жената е оддалечена од континуираниот тренажен процес се голем предизвик. А враќањето на професионално ниво по една таква пауза, бара огромна физичка и психолошка сила.

Не го кажува тоа како оправдување, туку како факт што сè уште недоволно се препознава. Затоа и денес, кога работи со младите ракометарки, знае дека успехот не зависи само од талентот. Понекогаш зависи и од тоа дали системот ќе знае да ја поддржи жената во вистинскиот момент.

Денес спортистите имаат противници кои никогаш не стапнале на терен

Ако има нешто за што е благодарна што не било дел од нејзината кариера, тоа се социјалните мрежи. Денешните спортисти, смета Индира, покрај противниците на теренот, сè почесто мора да се справуваат и со оние што никогаш не застанале на него.

– За среќа, во времето на мојата професионална кариера немаше социјални мрежи и на тој начин бевме многу повеќе заштитени отколку што се спортистите денес – вели таа.

Додава дека спортското навивање го смета за голема поддршка на тимот, но без навредување на спортистите што се од другата страна.

– Критиките, негативните коментари и навредите на социјалните мрежи најчесто потекнуваат од луѓе кои, поради недостиг на талент или работни навики, не успеале да остварат позначајни спортски резултати. Тој вид лични фрустрации не треба да имаат никакво значење за спортистите.


Нејзиниот став не е повик критиката да исчезне од спортот. Напротив. Критиката е составен дел од секоја професионална кариера. Но, постои јасна граница меѓу анализата на играта и навредата кон човекот. А токму таа граница, вели, денес сè почесто се губи.

Детето треба прво да го сака спортот

Со истата искреност зборува и за една појава која последниве години станува сè почеста – родителите што преку своите деца сакаат да ги реализираат сопствените неостварени соништа.

– Ова прашање има две страни. Детето на рана возраст не може само да знае кој спорт е вистинскиот избор за него, па тука родителите имаат важна улога. Во периодот на психомоторниот развој треба да им се дозволи на децата да пробаат повеќе спортови, а потоа самите да го направат изборот. Така ќе го засакаат спортот во кој најдобро се чувствуваат, без разлика дали е тимски или индивидуален, и многу подолго ќе останат во него.

По кратка пауза додава уште една мисла што ретко се изговара гласно:

– Од друга страна, има родители кои во децата гледаат и можност за идна финансиска сигурност. Мислам дека тоа е погрешен пристап. Детето прво треба да го сака спортот, а дури потоа да размислува за резултатите.

Тоа можеби најдобро објаснува и зошто Индира денес толку природно се снаоѓа во улогата на координаторка на женските национални селекции при РФМ и како спортска директорка на „Вардар“.

– Како професионален играч размислуваш само за две работи- како најдобро да се подготвиш и како најдобро да го одиграш натпреварот што е пред тебе. Но како координатор и спортски директор гледаш дека постојат многу организациски процеси кои директно влијаат на тренажниот процес, натпреварите и развојот на спортистите. Тоа е покомплексна и поодговорна улога.

Кога зборува за иднината на женскиот ракомет, не бара брзи решенија туку зборува за систем. – За посветла иднина на женскиот ракомет мора сите да се обединиме и да создадеме подобри услови во секој сегмент, да изградиме поголема база на млади ракометарки, подобра спортска инфраструктура, поквалитетна стручна работа и поквалитетни натпреварувања. Само така можеме повторно да создадеме генерации што ќе бидат конкурентни на европско ниво.

Спортот нè учи на еднаквост

Додека ја слушам, ми станува јасно дека и денес зборува исто како што некогаш играла, без спектакуларни изјави, без ветувања што убаво звучат, туку со многу работа, дисциплина и трпение. Затоа не ме изненади ниту нејзиниот одговор кога ја потсетив на инклузивниот ракометен натпревар што „Лице в лице“ го организираше по повод 10-годишнината на Платформата за одржлив развој.

Тоа беше ден во кој на теренот не се броеја голови. Се броеја насмевки, подадени раце и чувството дека секој човек има свое место во играта. Токму затоа ми беше важно повторно да ја прашам што мисли за моќта на спортот да ги руши предрасудите.

– Голема чест ми претставуваше што бев дел од таа иницијатива на „Лице в лице“. Сметам дека спортистите и спортските работници, како препознатливи личности во јавноста, треба да дадат свој придонес и такви општествено значајни активности. Спортот дава чувство на еднаквост и припадност, особено на децата. Тој создава можност за дружење, за нови пријателства, за социјализација и за учење на вистинските вредности.

Најголемата победа е да останеш своја

На крајот од разговорот ѝ поставив прашање што немаше врска со титули, тренерски успеси или функции. Ја прашав што би ѝ кажала на Индира која стои во тунелот пред финалето на Лигата на шампионите, на младата девојка која сè уште не знае дека ќе стане европска шампионка и ќе испише историја.

– Сигурна сум дека денешната Индира е поискусна и позрела. Но, на онаа Индира од тоа време би ѝ рекла само две работи: да биде своја и да ги следи своите соништа.

Можеби токму во овие две реченици се крие целата нејзина приказна. Не само сторија за една од најголемите македонски ракометарки, туку за жена која никогаш не дозволила титулите да ѝ бидат поважни од луѓето. Токму затоа, Индира Кастратовиќ не ја паметиме само како европска шампионка. Таа е шампион и надвор од теренот.

Пишува: Магдалена Чадиноска Кузманоски
Фотографии: Томислав Георгиев, направени на инклузивниот натпревар по повод 10-годишнината на „Лице в лице“, во октомври 2022 година, на кој учествуваа ракометарките од шампионската екипа на „Кометал Ѓорче Петров“, како и повеќе други спортистки и спортисти, заедно со продавачки и продавачи на „Лице в лице“.

Поврзана содржина

На Скопје му се случи инклузивно дерби