„Инфјужн“ 2026: Пет години фестивал што го отвора Скопје за сите – од „Марш на исклучените“ до театар низ Градски парк
Од 4 до 20 јуни, јубилејното петто издание на фестивалот „Инфјужн“ носи уметност, музика, театар, гејминг, пристапност и заедништво, со порака дека инклузијата не е тема за разговор, туку начин на живеење.
Петтото издание на Фестивалот на инклузија „Инфјужн“ носи важна порака, дека градот им припаѓа на сите. Ова издание ќе се одржи на повеќе сцени, со различни активности во периодот од 4-ти до 20-ти јуни на повеќе локации во Скопје. Преку уметност, музика, игра, технологија и јавен простор, „Инфјужн“ ја отвора темата за инклузијата на поинаков начин, не како концепт за кој се зборува, туку како искуство што се живее.
– „Инфјужн“ не е фестивал кој само зборува за инклузија. Тој создава ситуации во кои луѓето се среќаваат, учат едни од други, пробуваат нови искуства и го гледаат градот од друга перспектива. Нашата мисија е едноставна: културата, уметноста и јавниот простор да бидат достапни, живи и отворени за сите -порачуваат организаторите од здружението „Икуалити“,
Ова издание се одржува под мотото „Почувствувај во боја“.

Фестивалот започнува на 4 јуни со работилница за креативно везење и шиење во соработка со Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“. Веќе следниот ден, во Музејот на современата уметност, посетителите ќе имаат можност да учествуваат во водена тура со знаковно толкување и во интерактивната активност „Погледни низ моите очи“, која овозможува симулација на различни оштетувања на видот.

„Марш на исклучените“ е повик за град достапен за сите
Еден од централните настани на фестивалот ќе се одржи на 6-ти јуни со „Маршот на исклучените“.
„Марш на исклучените“ во Скопје: Повик за подостапни јавни простори и еднакво учество за луѓето со попреченост
Маршот е симболична порака дека слободното и безбедно движење е право на сите граѓани. Организаторите ги повикуваат да се приклучат лица со попреченост, родители со колички, велосипедисти, деца, млади и повозрасни граѓани, сите кои веруваат во подостапен и поинклузивен град.
Маршот ќе започне во 10 часот пред Владата, ќе продолжи покрај Град Скопје и ќе заврши на Летната сцена „Лепеза“ во Градскиот парк. По завршувањето следува фестивалска програма со музика, гејминг-зона, виртуелна реалност, друштвени игри и активности наменети за сите генерации.
Јога, стрит-арт, Брајово писмо и награди за инклузија
На 13-ти јуни, Летната сцена „Лепеза“ во Скопје ќе прерасне во целодневна фестивалска зона.
Посетителите ќе можат да учествуваат во утринска јога, работилницата „Тивки дружби“ посветена на невербалната комуникација, базар на креативци и street art активности. Дел од програмата ќе бидат и интерактивни содржини поврзани со асистивната технологија, Брајовото писмо и симулации на оштетувања на видот.
Во рамките на денот ќе бидат доделени и признанијата „Шампиони на инклузија“, по што ќе следува вечерна музичка програма со млади музичари и бендови.
Театар низ градот како приказна за пристапноста
Фестивалот ќе биде затворен на 20-ти јуни со претставата „Три света, плус еден“, која ќе се изведува на три различни локации во Градскиот парк. Станува збор за движечка театарска претстава во која учествуваат професионални актери и лица со попреченост, а преку градскиот простор се отвораат прашањата за пристапноста, видливоста и секојдневните бариери со кои се соочуваат граѓаните.
Инклузијата како култура на живеење
„Инфјужн“ создава ситуации во кои луѓето се среќаваат, учат едни од други, пробуваат нови искуства и го гледаат градот од друга перспектива, велат организаторите.
– Пристапноста не е технички додаток, туку култура на живеење. Таа почнува од тоа како се движиме, како комуницираме, како создаваме и како го споделуваме просторот. Ги повикуваме сите граѓани да дојдат, да учествуваат, да поддржат, да се забавуваат и да бидат дел од едно поотворено, посолидарно и покул Скопје – порачуваат организаторите.
Клучни датуми
04.06 – Работилница за креативно везење и шиење
05.06 – „Искуси уметност“ во МСУ со знаковно толкување и „Погледни низ моите очи“
06.06 – „Марш на исклучените“, забава со Диџеј Фичо, гејминг, VR и друштвени игри
13.06 – Јога, Тивки дружби, базар, street art, Брајово писмо, асистивна технологија, награди и музичка програма
20.06 – „Три света, плус еден“ – движечка претстава за пристапноста во градот (со пријавување)
Повеќе информации на официјалниот профил на фестивалот: www.instagram.com/infusion.fest