„Хируршките маски се новите биткоини“
Ова беше ранофевруарски пост на „Фејсбук“ на докторот Ненад Лазаров. Тој реагираше дека нѐ очекува криза со пандемија што ќе го смени животот, ќе го смени здравствениот систем, навиките на луѓето за дружење, работење и за купување производи. И тоа се случи. Не дека Лазаров е пророк, туку е информиран доктор што алармираше дека ќе има дефицит на заштитна опрема и на разни ресурси за заедницата, која преку низа солидарни и хумани акции покажа дека во криза се раѓаат иницијативи што треба и понатаму да ни се вградени во секојдневието.

Имаме луѓе со неверојатен потенцијал
Докторот Лазаров и тимот што стои зад „ЗД принт медицинска опрема“ изминатиов период дизајнираа, печатеа и донираа повеќе од 10.000 заштитни визири. Скопје, Кавадарци, Тетово, Гостивар, Кичево... секаде низ Македонија, достава „на рака“ на колегите, медицинските лица од „првата линија на одбраната“ и на полициските службеници.  Лазаров раскажува дека идејата потекнува од Александар Каревски, ортопед во „8 Септември“. Претходната година тој, со 3Д принт, направил помагало што на еден пациент му обезбедило поддршка, која, инаку, не можело да се направи со толкава прецизност.
- Многу комплицирана операција стана едноставна, со 100 проценти успех. Човекот денес може да игра фудбал. И, од тука произлегоа идеи. Веднаш настапивме проактивно - раскажува Лазаров, кој е претседател на Асоцијација на специјализанти и на млади лекари.
Како што се продлабочуваше кризата, во комуникација со колеги, сфатиле дека најдобра заштита за лекарите би биле визирите бидејќи и Светската здравствена организација потенцирала дека визир, заедно со хируршка маска оздола, е заштита од повеќе од 98 проценти.
- Цела Асоцијација, јас и Бојан Трајковски, застанавме зад идејата на Каревски. Се направи група на „Фејсбук“, па од вечерта до наредното утро, веќе имаше неколку илјади членови. Се појавија генијалци, 70-80 активни луѓе со свои 3Д печатачи, успеавме да создадеме цел систем, кој беспрекорно функционира. Се работи за дизајн на Пруст, еден од иноваторите во оваа технологија. Иницијалниот дизајн на визирот е медицинско помагало со лиценца. Услов за да го преземеш е да не правиш профит, а, второ, задолжително да се модифицира според употребата -  вели Лазаров.
Визири веќе добија илјадници медицински лица и друг персонал на кој му се потребни, меѓу кои и продавачите на „Лице в лице“. Околу 250 луѓе беа инволвирани во целиот процес, од производство, дизајн, логистика, интервентен увоз дури и по 2-3 часот по полноќ. Целата ситуација доведе до солидарност, но и препознавање на неискористениот потенцијал на многу луѓе.
- Тие инженери, активисти, дизајнери што се вклучија безрезервно во иницијативата, тие ни ја вратија надежта дека од државава може да биде нешто. Имаме генијалци што работат со НАСА. Луѓе што работат на протипови, научник што има направено биомеханичка рака, имплант за деца со ампутирана рака. Државава нема систем да препознае и да стимулира такви луѓе. Бев депресивен и разочаран пред оваа акција мислејќи дека сите прогресивни и паметни луѓе или се отидени, или се подготвуваат да си одат. Тоа е голема вистина, ама не е целосна. Сѐ уште има луѓе. Тие повеќе нѐ мотивираа нас, отколку ние нив бидејќи влегоа со цело срце, 24/7 - раскажува тој.
Овој тим ќе ѝ донира на државата дополнителни 20.000 визири. Лазаров вели дека би се покрил секој здравствен работник, луѓето од МВР, АРМ, сите јавни сервиси што се изложени. Планираат и донација на 30.000 визири на земјите од поранешна Југославија, како и во Албанија, Грција, Бугарија.
Последната фаза е формирање Институт за 3Д медицински отпечаток - научна институција меѓу првите во светот (нешто слично имало на универзитетите „Харвард“ и „Стенфорд“).
- Ќе бидеме меѓу лидерите во светот во таа насока. Ќе имаме инфраструктурно подготвен институт, со персонал и со целосна лабораторија, и ќе можеме да помагаме ад хок. Предоперативно, во текот на операција, по операција. Со целата досегашна акција придонесовме да се смени перцепцијата за медицинарите во Македонија. Да се смени стигмата. Ова е клучен момент за пресврт, да добиеме меѓусебна доверба. Кога лекуваш некого, мора да има заемна доверба - констатира Лазаров.

Бесплатни маски „на шалтер“
Скопјанката Сузана Стојановска е мајка на две деца со пречки во развојот. Едниот син, Никола, има Даунов синдром, а другото дете е со оштетен вид и со лесна спреченост. Откако се затворија училиштата и почнаа мерките против ковид 19, Сузана заедно со децата почна да прави маски. Децата ги редат, бројат маските. Таа ги употребува шивачките способности.
- Први почнавме да правиме и да подаруваме маски бидејќи имаше недостиг. Имавме дома материјали, чаршафи, нови и неупотребувани. Прво почнав да правам од нив, а потоа набавував. Луѓе ни носеа памучен материјал, сѐ со што располагале дома. Но, сѐ што работиме, сѐ е донирано. Ништо не наплативме, никому. Секој што сака да има маска - може да дојде да си земе. Даваме и на хуманитарни организации да делат. Дониравме и во болницата во Козле, во Домот „11 Октомври“ - раскажува Стојановска.
До крајот на април изработиле околу 5.000 маски. Ги подаваат од терасата од првиот кат, како „на шалтер“. Поради социјалната дистанца, Никола е задолжен да ги предава преку тераса. Тоа е негова задача и е многу среќен.
- Ова го мотивираше да биде вклучен, ангажиран, да истраеме, дека мораме да шиеме маски за да ги заштитиме луѓето - нагласува Стојановска и додава дека вакви хумани акции мора да продолжат и откако ќе заврши кризата за да  останат „врежани“.
Уште кога почнала со шиење, ги повикала граѓаните преку „Фејсбук“.
- Кај нас текстилната индустрија е развиена, па секое трето или четврто домаќинство има машина за шиење. Мојот апел беше: Ако не може некој повеќе, нека направи за себе и за соседите – вели таа.

Со инвенција - „УВ гард“ против вирусотот корона
Иноваторите Ивица Поцков и Никола Глигоров од Свети Николе се појавија со уред што врши дезинфекција на површина и на воздух, 360 степени наоколу, со помош на УВ-Ц зрачење. Тоа ги убива микроорганизмите што доаѓаат во контакт со светлината. Им ги уништува нуклеинските киселини и ја нарушува нивната ДНК оставајќи ги без можност да ја вршат функцијата. Ова е придонес на иноваторите против вирусот корона.
- Сакаме да им помогнеме на здравствените работници. „УВ гардот“ е уред што дезинфицира од вируси и од бактерии. Апаратот е мобилен, со функционалност да се движи на тркалца од една просторија во друга. Работи на струја и на батерии, што претставува одлична можност за дезинфицирање места каде што нема електрична инсталација - вели Поцков.
Поради кризата, вели тој, на домашниот пазар не биле достапни електрични делови, па некои елементи морале да ги увезат, а поголемиот дел претходно ги обезбедиле за други проекти на кои работат. Уредот не е за продажба, туку е дониран на Клиниката за инфективни болести, на „8 Септември“, Клиниката за пулмологија, во установи во Кавадарци, Свети Николе и Охрид.
-Спремаме уште осум што ќе бидат донирани и во Велес, Куманово, Штип... Позитивните реакции и побарувачката нè натераа дополнително да конструираме и надградуваме. Тестираме и индустриски модел кој е 20 пати помоќен. Сакаме да ги заштитиме и вработените во конфекциите, фабрики, моловите, училиштата - нагласува иноваторот.

Вирусот корона е преголем залак за светот без солидарни акции  
Додека волонтери од Црвен крст вршеа достава за стари и немоќни лица низ секој агол од Македонија, во римскиот Пињето се солидаризираа млади луѓе на возраст од 25 до 30 години. Основаа иницијатива за помош на старите луѓе - жители што се придржуваат на најстрогите правила на самоизолација. Тие извршуваа разни услуги за нив, како набавка на производи, плаќање сметки, а набрзо други групи во Рим и низ Италија тргнаа по нивните стапки.
Во римскиот кварт Пињето, во социјалните станови, изградени пред неколку децении, живеат токму постари луѓе. Тие се дружат во локални барови или читаат весници на клупите во пешачките зони. Кога вирусот корона од северниот дел на Италија почна да се шири и на другите  делови од Италија, пензионерите беа први што исчезнаа од јавниот живот зашто владата им советуваше да останат дома.
- Дневно обработувавме од четири-пет, па до 20 повици од постари луѓе - изјави 30-годишната Дијана Арменто, една од координаторките на проектот.
Таа објасни дека волонтерот се поврзува со постарото лице што живее во близина за да може да го следи неговото движење во случај да се разболи.
Италијанскиот Неапол истовремено стана препознатлив по „солидарните кошници“. Врзани со јаже од повисоките катови на објектите, кошниците од балкони се спуштаат на земја. Така вишокот намирници можат да го соберат бездомници или кој било што нема да набави. Акцијата се прошири низ Неаполскиот Залив, каде што уште на почетокот на април од ковид 19 починаа речиси 200 луѓе, а повеќе од 15.000 низ цела Италија.
Бездомниците беа во фокусот и во Франција. Луѓе од ресторани од парискиот Белевил, со маски на лицето, чекореа низ празните улици за да бараат бездомници и да им делат храна, а во 8 часот навечер одекнуваше аплауз од терасите за докторите. 
Баровите и рестораните во Шпанија се затворени од средината на март, но проработи колективен инстинкт за солидарност. Шефовите на кујните правеа хамбургери, не за редовните муштерии, туку за докторите и за медицинските сестри низ градот. Преку мотото „Достава за херои“ еден ресторан подготвуваше 200-300 оброци, ги пакуваше и ги праќаше до болниците. 
Во Србија, до крајот на април, повеќе од 1.000 граѓани добија помош преку иницијативата „Покрив над глава“. Со разграноци во Белград, Суботица и во Нови Сад, волонтери носеа помош во вид на храна и на хигиенски производи. Понекогаш и лекови. На теренската работа ѝ претстоеja донации од солидарни луѓе преку социјалните мрежи. Педесетина членови од „Покрив над глава“ и волонтери успеаја да завршат работи за кои сметаат дека државните институции ги избегнуваат.
„Докажавме дека проблемот со гладот е решлив. Како и дека државата нема да ја чини многу да нема гладни - ние потрошивме 1.381.700 динари (724.795 денари), плус многубројни донации и стока, чијашто вредност не ја знаеме. Замислете што би можела да направи држава со стоковни резерви и со буџет од 13 милијарди евра?“ соопштија од „Покрив над глава“.
Во друг дел од светот, на 19 април, неколку невладини организации во опустошените воени делови од Сирија стартуваа акција да стерилизираат, помагаат за храна и медикаменти и да ја подигнуваат свеста за да се спречи ширењето на пандемијата. Иницијативата се вика „Волонтери против вирусот корона“. Очекувањата беа дека ќе бидат мобилизирани 8.000 волонтери во 835 области.

Визуелните пораки - моќна активистичка алатка во кризата

- Живееме моменти што ја сменија перцепцијата за многу нешта. Пандемијата, која ни наметна едно сосема поинакво живеење, како да наметна и иницијативи што имаат информативен карактер, пред сѐ -  е ставот на активистот и дизајнер Зоран Кардула.
Тој ги повика своите студенти на креативност, како дел од активизмот. Потегна иницијатива, а разни креативци возвратија со десетици видови решенија. Пораки за социјално дистанцирање, за почитување мерки, насоки како да се помине времето во изолација за да се одржи напредна мисла и здрав разум. Исто така, стигнаа илустрации и пораки за поддршка и за здравствените работници. Кардула го упатил повикот првично до студентите за да си помогнат себеси со одвлекување на мислите од карантинот, но и да се вклучат во подигнување на свеста за вирусот корона.
- На моите предавања редовно ги потсетувам студентите дека активизмот е многу важен и дека секогаш кога имаат можност треба да го прават тоа - вели Кардула.
И низ јавниот простор во Штип се проширија дизајн и пораки. „Штип арт активисти“ поставија суперхерои Халк, Тор, Капетан Америка, Супертекстилка... со порака „Биди суперхерој, почитувај ги мерките за заштита!“. Со тоа ја нагласија пожртвуваноста на најизложените.
- Во време на активна и секојдневна борба со ковид 19, нашите вистински суперхерои и суперхероини се, всушност, околу нас - здравствените работници, вработените во маркети, текстилните работници, полицијата, војската, пожарникарите. Сите тие што се секојдневно на своето работно место за ние да можеме да останеме дома и на тој начин да се заштитиме себеси и семејствата - соопштија активистите.

Акции на студенти, доставувачи и волонтери – кој колку може

Студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ спроведоа акција за да им помогнат на колегите што не можат да следат електронски предавања. Училиштата и факултетите се затворија, а наставата на повеќе факултети се „пресели“ на интернет. Идејата беше да се набават уреди и техничка опрема за тие што немаат таква можност.
Во Социјалниот центар „Дуња“, пак, волонтери организираа солидарна акција за собирање хигиенски производи и храна, кој колку може и што може. Потоа волонтерите дел од собраните донации ги носеа кај социјално загрозените семејства со кои соработуваат, а дел и кај бездомните лица и семејства.
„Велодостава“ е уште еден сервис или мала заедница, формирана за време на кризата.  Главната улога ја има велосипедот.  „Велодостава“  нудат бесплатна достава за лица повозрасни од 65 години и за лица со инвалидност.

Под­др­шка за фи­зич­ко­то и мен­тал­но здрав­је за вре­ме на пан­де­ми­ја­та

Изо­ла­ци­ја­та при­до­не­се да се ја­ви по­тре­ба за актив­но­сти со кои се одр­жу­ва­ат мен­тал­но­то и фи­зич­ко­то здрав­је на гра­ѓа­ни­те.  Ин­стру­кто­рот по јо­га и ме­ди­та­ци­ја Сер­геј Ѓе­ор­ги­ев се­кој ра­бо­тен ден во 8 ча­сот овоз­мо­жу­ва ме­ди­та­ци­ја пре­ку ин­тер­нет за по­лес­но со­о­чу­ва­ње со но­во­на­ста­на­та­та си­ту­а­ци­ја.
- До­жи­ве­ав ка­ко да ми е долж­ност да го спо­де­лам тоа што ми по­мог­на ме­не. Има по­зи­ти­вен од­ѕив. По­сто­ја­но се при­сут­ни 15-ина лу­ѓе, се­кој ден, без иск­лу­чок. До­пол­ни­тел­но спо­де­лу­ва­ат со дру­ги, а тие - со тре­ти лу­ѓе, па бро­јот кон­стант­но се зго­ле­му­ва - ве­ли Ѓор­ги­ев.
Тој се по­ви­ку­ва и на ста­вот на СЗО мен­тал­но­то здрав­је да се тре­ти­ра со иста важ­ност ка­ко фи­зич­ко­то. Ѓе­ор­ги­ев по­јас­ну­ва де­ка на­уч­ни­те истра­жу­ва­ња по­ка­жу­ва­ат де­ка ме­ди­та­ци­ја­та, ако се ра­бо­ти на со­од­ве­тен на­чин, со иску­сен ин­стру­ктор, е зна­чај­на при­до­би­вка за со­о­чу­ва­ње со емо­ци­и­те и со мис­ли­те низ криз­на­та со­стој­ба.
Кли­нич­ки­от пси­хо­лог и учи­тел по јо­га, Вла­ди­мир Ѓе­ор­ги­ев, се­кој ви­кенд, во не­де­ла, во 20 ча­сот, ор­га­ни­зи­ра сред­би на ин­тер­нет за си­те за­ин­те­ре­си­ра­ни за на­со­ки ка­ко да ја над­ми­не­ме си­ту­а­ци­ја­та со ко­ја се со­о­чу­ва­ме.
Под мо­то­то #Оста­ни­До­ма и веж­бај, Еurope House ор­га­ни­зи­ра­ше се­ри­ја ви­деа со те­ра­пе­вти по аку­пре­су­ра, учи­те­ли по таи чи чу­ан и чи гонг, ка­ра­те, јо­га, па сѐ до кро­сфит тре­не­ри со ли­цен­ца. За се­ко­го по не­што. Би­ло да се ша­о­лин веж­би, уб­ла­жу­ва­ње бол­ки или пси­хич­ка рам­но­те­жа.
Ко­мо­ра­та на пси­хо­ло­зи об­ја­ви ли­ста од 30-ина пси­хо­ло­зи за пси­хо­ло­шка под­др­шка, а Ге­шталт ин­сти­ту­тот ор­га­ни­зи­ра бесп­лат­но со­ве­ту­ва­ње и пси­хо­те­ра­пи­ја.
Освен што обез­бе­ду­ваа ху­ма­ни­тар­ни хи­ги­ен­ски па­ке­ти за бре­ме­ни или не­о­дам­на по­ро­де­ни Ром­ки, ХЕРА ну­де­ше и ин­фор­ма­ции по­вр­за­ни со ре­про­ду­ктив­но­то здрав­је.

(Текстот е објавен во 40. издание на „Лице в лице“)