Инклузивни медиуми за деца: нов водич за етичка и пристапна продукција на содржини за најмалите
Како да се создаваат медиуми за деца што се достапни за сите? Одговорот на ова прашање го има новиот водич од Креативниот кластер на Војводина, кој, освен што продуцираше инклузивна серија за деца со интегриран знаковен јазик, разви и практичен водич за медиумски професионалци, како и девет етички стандарди за продукција на содржини за деца и алатки за нивна практична примена.
Медиумската содржина за деца не е само прашање на добра приказна и привлечна продукција. Таа влијае врз начинот на кој децата го доживуваат светот, визуелниот израз, темпото, атмосферата и пристапноста… Сите овие елементи имаат посебно значење за развојот на најмалите.
Тргнувајќи од оваа перспектива, Креативниот кластер на Војводина го разви „Деца во медиумскиот хаос: Водич за етичка продукција“, практичен прирачник наменет за автори, продукциски тимови, медиуми, образовни институции и уредници.
Водичот е создаден како практичен инструмент за примена на „Кодексот за квалитет на медиумски содржини за деца“, а неговата цел е, етичките и регулаторните принципи, да ги претвори во конкретни професионални алатки. Опфаќа девет етички стандарди за продукција, Мапа на развојна усогласеност на медиумската содржина со возраста на детето и Матрица на развојно усогласена продукција.
Од инклузивна серија до практични стандарди
Водичот се развиваше паралелно со создавањето на инклузивната серија од седум епизоди, насловена „Зад последната точка“, која е продуцирана на српски и на унгарски јазик. Серијата користи специфичен пристап: знаковниот јазик е интегриран директно во куклената игра, наместо пристапноста да се додава како дополнителен елемент по завршувањето на продукцијата.
Овој пристап е важен и за поширокото прашање на инклузивноста во медиумите: како содржините да се создаваат така што различните потреби на публиката ќе бидат земени предвид уште од почетокот, но и во целиот процес на креирање.
Токму во овој елемент, Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ даде и свој придонес, развивајќи го стандардот за различност и инклузија, со дополнителни насоки за практична примена. Пристапот се темели и врз искуствата на „Лице в лице“ кои се однесуваат на кокреирање и учество, принципи кои се водечки елементи во приказната на нашата платформа.
Одговорноста започнува пред содржината да стигне до децата
Авторите на водичот тргнуваат од реалноста на дигиталното опкружување во кое растат денешните деца. Покрај можностите за создавање и дистрибуција на содржини, дигиталното доба носи и ризици поврзани со неконтролираната изложеност на формати и содржини кои не се усогласени со детскиот развој, алгоритамските механизми за задржување внимание и комерцијалната експлоатација.
Затоа водичот не се фокусира само на тоа што им се кажува на децата, туку и како се создава содржината.
Една од неговите цели е сложеноста на медиумското дело да биде прецизно усогласена со биолошката возраст и развојните капацитети на публиката. Преку систем на возрасни категории до адолесценцијата, прирачникот нуди параметри за градење естетика и атмосфера што го земаат предвид детското сензорно и когнитивно оптоварување. Истовремено, водичот поставува основа за поголема сензорна пристапност на содржините преку примена на насоките за пристапност на веб содржини (WCAG – Web Content Accessibility Guidelines).
– Медиумската содржина создава атмосфера која детето ја доживува со целото свое битие- вели во уводниот текст кон водичот, Татјана Калезиќ, коосновачка и раководителка на Кластерот на креативни индустрии на Војводина.
Калезиќ ја нагласува одговорноста што ја носат авторите и продукциските тимови кога создаваат за најмладата публика.
– Дигиталното доба, покрај несогледливите можности за создавање и дистрибуција на содржини, донесе и огромна потреба да ги заштитиме децата од неконтролираната навала на развојно неусогласени и некритички обликувани медиумски формати – вели таа.
Калезиќ посочува дека квалитетната програма за деца е одговор на современото медиумско опкружување и дека медиумските производи силно влијаат врз детскиот внатрешен свет.
– Со оглед на тоа што медиумските производи силно влијаат врз детскиот внатрешен свет, градејќи доживување кое за нив има сила на реалност, наша одговорност е да создаваме содржина која ја поттикнува детската љубопитност и ги охрабрува да го разберат светот како простор вреден за откривање, во кој преку предизвиците се доаѓа до смисла и конструктивни решенија – вели Калезиќ.
Во документот таа ја нагласува и довербата со која децата пристапуваат кон медиумските содржини:
– Медиумската содржина создава атмосфера која детето ја доживува со целото свое битие, со целосна доверба.
Токму таа доверба, се наведува, носи обврска содржините да не ги изневерат, исплашат или збунат децата. Авторската слобода, како што е наведено во водичот, треба да се потпре врз цврста етичка рамка која истовремено остава простор за креативни и продукциски иновации.
Внимателно создадената содржина може да биде и поддршка за семејното опкружување, како сојузник во современото родителство. На тој начин, водичот е замислен како практична алатка, но и како своевиден општествен договор меѓу создавачите на медиумски содржини за деца, во кој тие преземаат одговорност за медиумското опкружување во кое растат идните генерации.
Практични алатки за оние што создаваат за деца
Водичот е наменет за автори и продукциски тимови, медиумски и образовни организации и уредници, а неговата цел е етичките принципи да им помогнат да ги претворат во конкретни одлуки во процесот на создавање. Паралелно со него се создадени и ресурсите поврзани со инклузивната серија.
Со ова, искуството од една конкретна продукција се претвора во знаење и алатки што можат да ги користат и други професионалци со цел пристапноста, развојната соодветност и етичката одговорност да бидат дел од медиумската содржина уште од нејзиното создавање.
- Наташа Гелева – Лени: Дваесет години архива на oтпорот кон наметнатите рамки
- Yes for Less Викенд во Скопје: два дена за одржливи избори и локални еко-бизниси
- „Не знам каде ќе бев денес…“ Валентин со ново знаење и сертификат за готвење
- Вештините што на возрасните им требаат на работа, на децата им требаат на игралиште
- Џез што не стои во место: Скопскиот џез фестивал носи изведувачи од 13 земји