Интерактивна галерија

Заминуваме… 
или ќе менуваме?
Ова е мотото на новото, 56. издание на „Лице в лице“, кое отвора клучни прашања поврзани со иселувањето на младите, нивното учество во општествените процеси, предизвиците со кои се соочуваат и можностите што им се нудат.
Заедно со новото издание, го промовираме и новиот сегмент на нашата веб платформа, кој претставува интерактивна галерија на илустрации. Некои од нашите најпознати уметници – илустратор(к)и и дизајнер(к)и креираа дела кои ја илустрираат оваа тема.

ЛицеВЛице 56 насловна

Заминуваме... Или ќе менуваме?

Лице в лице #56

Илустрации за ова издание подготвија:

Андреа Бојковска

Нашата публика ја знае Андреа од втората едиција на Добри картички“. Со своја илустрација, таа се вклучи и во креирање „Лице в лице“ честитка минатата година.

Овој пат, таа креираше илустрации кои го адресираат погледот на свет на младите - позитивен, оптимистичен, моќен, отворен. 
Нејзините цртежи ни кажуваат дека дефинитивно, иднината ни е светла!

Андреј Марјановиќ

Aндреј Марјановиќ е бескомпромисен уметник кој редовно знае да чепне онаму каде што ретко кој се осмелува да чепка. 
Овој пат, преку неговата соработка со „Лице в лице“, гледаме негови дела кои носат поинаква поетика - која милува, носи оптимизам и, како да ни кажува дека „Хероите го менуваат светот со насмевка“.
Андреј изработи илустрации, но и три анимирани видеа за „Лице в лице“.
Повеќе за неговата работа има во интервјуто на овој линк.

Руки Чуки

Блескави, инспиративни, колоритни. Такви се редовно визуелните дела на Руки Чуки. Таа е верна поддржувачка на „Лице в лице“ и нејзини креации честопати се дел од списанието, било како насловни страници или како илустрации, честитки. Со неа ја работевме првата едиција на „Добри картички“. 
Мило ни е што таа овој пат креираше илустрации на тема „Млади и иднина“, кои ја носат темата на број 56. 

Ване Костуранов

Ликови кои носат прекрасна емоција, свет полн со топлината на домот. Домот како „нулта“ точка, место на почеток, раст и развивање.
Така и овој пат, Ване Костуранов, на темата „Млади и иднина“, дава топли илустрации кои носат насмевка и убаво чувство.
Негови дела се редовно дел од „Лице в лице“ честитките, како и од насловниците на печатеното издание. 

Варвара Николова

Варвара ја знаеме под псевдонимот Va.Dot. Повеќе години таа креира новогодишни честитки за „Лице в лице“. Овој пат, се вклучи во, како што ни кажа, за неа, многу важна тема - младите, нивниот поглед на свет, нивните вештини и довербата која ја имаме кон нив.  Taa споделува и дека инспирацијата за илустрациите е токму од нејзините лични искуства. Вели иднината ја гледа токму во дигиталниот свет, бидејќи онлајн учењето носи флексибилност и достапност која им е неопходна на младите.

Иван Петрушевски Флим

Иван Петрушевски - Флим е редовно во нашата омилена листа на уметници.
Како што тој знае да направи позитивна атмосфера преку неговите карактери, не веруваме дека постои некој ниту во светот! Неговите дела потсетуваат дека, ако го гледаме светото „преку очите“ на детото, ќе видиме светови во кои, дефинитивно сакаме да живееме!

Мила Матеска

Мила Матеска е волонтерка на „Лице в лице“ која се вклучува во низа активности на Платформата за одржлив развој, како дел од нашата волонтерската група „ЗЕНици“. Таа студира графички дизајн и затоа овој пат, таа се приклучи со свои илустрации. Креираше дела кои носат младешки поглед на свет, каде доминира синергија на дружење, забава, правење добро и уметност.