People of Change

„Тоа што сум била вчера не можам да бидам денес“ – приказната на Ивона за промената, силата и движењето

Ивона Зотевска People of Change

Низ животни предизвици кои ѝ се случуваат по дијагнозата мултиплекс склероза, постојани промени и нови почетоци, радиоводителката Ивона Зотевска научила како повторно да се пронаоѓа себеси и да продолжи напред.

Кога животот се менува во еден единствен момент, го памтиме засекогаш. За Ивона Зотевска, тој момент доаѓа во 2009 година. Имала само 26 години кога почувствувала трнење во ногата, симптом што на почеток изгледал минливо и безопасно. Но, наместо краткотрајна непријатност, следувал долг период исполнет со испитувања, прашања, стравови и неизвесност.

– Имаш мултиплекс склероза – била дијагнозата која ѝ ја соопштиле.

Реченица што за многумина звучи како крај на еден живот каков што го познавале. За Ивона, пак, тоа бил почеток на една сосема нова, поинаква борба. Тивка, секојдневна и често невидлива за околината.

Животот со мултиплекс склероза (МС) носи симптоми што не секогаш можат да се забележат однадвор, но се присутни постојано и значително влијаат врз секојдневието. Станува збор за хронична невролошка болест што влијае врз централниот нервен систем, а симптомите може да бидат различни кај секој човек: од замор, трнење и проблеми со движењето, до нарушена концентрација, болки, проблеми со видот и хронична несоница.

Токму несоницата е една од најголемите пречки со кои се соочува Ивона. Недостатокот на сон не значи само физички замор, туку и постојана психичка исцрпеност, намалена концентрација и чувство дека телото никогаш целосно не се одмора. Кај многу луѓе што живеат со МС, симптомите не се видливи за околината, но тоа не ги прави помалку тешки. Болеста често го ограничува движењето, работната способност, социјалниот живот и секојдневните активности, а најтешко е што многу од тие борби се случуваат тивко, без другите навистина да можат да ги забележат.

– Еден ден изгледа многу лесно, ама е многу тешко – вели таа.

И покрај предизвиците, Ивона не дозволува болеста да ја оттурне од животот. Наместо повлекување, избира движење. Наместо стагнација, избира промена. И токму во тие постојани промени, таа ја наоѓа сопствената сила. Не дозволува деновите да се сведат само на ограничувањата што ги носи дијагнозата, туку постојано бара нов начин да создава, да учи и да остане активна.

Работи како радиоводителка за онлајн радиото „Стар“ (линк тука за нејзините емисии), но не застанува само на една професија или една улога. Низ годините се впушта во различни ангажмани, учи нови вештини, истражува различни полиња и постојано си поставува нови предизвици.

За Ивона, движењето напред не значи големи и драматични победи, туку одлука секој ден повторно да биде присутна во сопствениот живот. Освен што создава и работи, таа и јавно зборува за своето искуство: на социјални мрежи, во интервјуа и подкасти. Со тоа отвора простор за искрен разговор за животот со предизвици кои често остануваат невидливи за околината.

– Тоа што сум била вчера не можам да бидам денес – вели Ивона со насмевка, прифаќајќи ја промената како природен дел од човековото постоење.

Токму таа мисла станува нејзин двигател низ годините. Ја оттурнува од чувството на беспомошност и ја води кон нови искуства, нови професии и нови начини на себеизразување.

Денес, Ивона работи како радиоводителка, но нејзиниот животен пат никогаш не бил линеарен. Во различни периоди од животот се пронаоѓа во различни улоги: козметичарка, хиџамистка, терапевтка. Креативноста и љубопитноста се силите што ја движат напред. Работи рачна изработка, експериментира, создава. За неа, секој нов предизвик претставува начин да остане активен учесник во сопствената приказна, а не само набљудувач на околностите.

Поддршка што прави разлика

Во целиот процес на соочување со животните предизвици, поддршката од најблиските за Ивона има особено значење. Семејството и пријателите се луѓето што остануваат присутни и во најтешките денови, кога телото е изморено, кога мотивацијата паѓа и кога секојдневните обврски стануваат потешки од вообичаено. Токму тие односи ѝ даваат чувство на стабилност и сигурност, потсетувајќи ја дека не мора низ сè да поминува сама. За Ивона, поддршката не значи само помош во тешки моменти, туку и присуство, разбирање и прифаќање без објаснувања.

Пријателите кои останале покрај неа низ годините се доказ колку е важно човек да има луѓе со кои може да биде искрен, ранлив и свој. Во време кога многу битки се водат тивко и невидливо, токму блиските луѓе често стануваат најголемата сила што го турка човекот напред. Меѓу нив е и Валентин Петрески, нејзин долгогодишен пријател, водител и претприемач, сопственик на креативниот бренд „Тиноски“.

Тој добро се сеќава на моментот кога му ја соопштила дијагнозата. Од разговори исполнети со шеги, до тишина и неверување, емоција што, како што раскажува Валентин, тешко се опишува со зборови. Дијагнозата на Ивона не станува пречка за нивното пријателство. Напротив. Нивниот однос продолжува со истата динамика на искреност, хумор и меѓусебна поддршка, нешта што често имаат лековита моќ кога животот носи тешки предизвици.

Глас што ја подига свеста за мултиплекс склероза

По години исполнети со борба, Ивона не дозволува мултиплекс склерозата да го дефинира нејзиниот идентитет. Наместо тоа, таа одлучува јавно и отворено да зборува за состојбата со која живее.

Активна е на јавната сфера и постојано ја користи својата приказна за да ја подигне свеста за мултиплекс склерозата. Нејзината цел е луѓето повеќе да знаат, подобро да разберат и полесно да научат како да дадат поддршка.

– Ивона поминала низ сито и решето и испитувања коишто се баш болни. И мислам дека тоа ја направи Ивона многу појака и да биде она што е денес. Така што, од денешен аспект, на Ивона би ѝ рекла: само напред! – со насмевка, вели Ивона.

Нејзината приказна не е за живот со МС. Клучниот елемент кај Ивона е нејзината истрајност, прифаќање, промена и храброст да се продолжи понатаму, дури и тогаш кога деновите изгледаат лесни само однадвор.

Кликнете на фотографиите за поголема верзија.

Пристапната видео приказна за Ивона, погледнете ја во видеото.

Видео прилогот ќе биде достапен и за гледачите на јавните сервиси во нашата земја, како и во Војводина и Босна и Херцеговина: Македонска радио-телевизија, Радио-телевизија на Војводина и Радио-телевизија на Босна и Херцеговина.

Новинарка: Бјанка Станковиќ
Видео и монтажа: Горан Бошковски
Фотографии: Ирина Крстевска
Анимација: Андријана Весовска
Илустрации и графички дизајн: Ружица Мандичевска
Уредничка поддршка: Славица Ќурчинска, Маја Раванска, Климентина Илијевски
Мултимедијална пристапност: Асоцијација за пристапност и инклузија – АПИ: Кристијан Лазарев  и Ванеса Лазарева.
Аудионарација: „Самоглас“: Христијан Попсимонов, Ангела Стојановска
Музика на шпица: „Тело за на ТВ“, „Дупер“; Автори: Борис Какуринов („Дупер“), Илчо Нечовски („Дупер“), Мартина Баракоска – тапани, перкусии, пратечки вокали.
Продукција: Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“ – Скопје, за потребите на проектот „People of Change – transformation, resilience, progress“.

„Innovation. Media. Minds: ЕУ поддршка на новинарството во јавните сервиси на Западен Балкан“, е проект финансиран од Европската унија што се спроведува од страна на „Goethe-Institut“,  во име на Европската комисија и во соработка со партнерот за спроведување „DW Akademie“. За оваа содржина исклучиво е одговорно Здружението „Паблик“ и не мора да го одразува мислењето на Европската унија.

Дисклејмер со логоа од проектот People of Change


На овој линк може да ги најдете и сите приказни од овој серијал.