Јасна Жмак на „Прво па женско“ во Скопје – храбар перформанс за авторството, родот и уметничката одговорност
Хрватската писателка и драматургина Јасна Жмак, вечерва во 20 часот ќе го изведе својот авторски перформанс „Ова е мојата вистина, кажи ми ја твојата“, на Академската сцена при Факултетот за драмски уметности во Скопје. Настанот е дел од 13. издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, во организација на „Tiiiit! Inc.“
Перформансот претставува искрен и личен проект во кој Жмак ја истражува својата врска со уметничкото поле, отворајќи прашања за авторството, одговорноста на уметникот и анксиозностите што ги носи творечкиот процес. Почетната инспирација е личното искуство од 2011 година, кога Жмак за време на претставата „MandićStroj“ добива тинитус и хиперакузија, што станува основа за нејзиното истражување на влијанието на уметноста врз животот и реалноста на човекот.
Темите на тинитусот и патријархатот стануваат централни во перформансот, кој се движи на граница помеѓу стенд-ап и перформативно предавање. Жмак ја води публиката низ своите драматуршки и сексуални искуства, поставувајќи прашања за вистинитост, репрезентација и смислата на уметничкото творење во современиот капиталистички контекст.
Во октомври оваа година, перформансот ја доби Гран при наградата „Мира Траиловиќ“ на меѓународниот театарски фестивал БИТЕФ во Белград, поради автентичноста, прецизноста и критичкиот пристап кон патријархалните и капиталистички структури во изведувачките уметности.
Билетите се достапни на овој линк, а сите приходи од продажбата ќе бидат донирани за иницијативата „Support Kocani“.
Јасна Жмак е писателка, драматургина и универзитетска професорка од Загреб, авторка на значајни изданија и влијателна фигура во современата уметност и критичкото мислење, истражувајќи теми како авторство, род, сексуалност, уметничка одговорност и репрезентација.
- Индира Кастратовиќ: Спортот прво учи на човечност, па на победи
- Повеќе од четири децении уметност: Почнува 37. Ликовна колонија „Галичник“
- „Само сонот е стварност“ е пораката со која „МакеДокс“ го најавува своето 17. издание
- Највредните искуства не се мерат со пари: моето лето како волонтерка во „Лице в лице“
- Го паметите Игорче? Денес има работа што ја сака и ново поглавје во животот