Јазикот на присутноста
Една случајна средба во Скопје ме потсети дека најсилната комуникација започнува со присутност, а не со зборови.
Пишува: Викторија Јордановска
Јули е и топло е. Животот забавува. Светското првенство е главна опсесија. Многу лекции за лидерство и тимски развој.
Да почнеме…
На 20 јуни, точно во 23.50 часот, тргнав да си одам откај другарка ми. Се испративме и точно пред да излезам од нејзиниот дом, гласот на мојата баба се појави во мојата глава:
„Глуо доба е, не треба да излегуваш сега.“
За момент се сепнав.
Петнаесетте минути пред и по полноќ, таа ги нарекуваше „глуо доба“. Некогаш во моето детство, тоа апсолутно верување на баба ми станало и мое верување – дека во тие триесет минути е побезбедно да останам каде што сум и да почекам да помине времето. Старата јас би почекала, но ова мое издание реши да го предизвика тоа старо верување. Си реков: „ај баш да видиме што ќе се случи“, и со еднаква доза на љубопитност и самодоверба излегов на улица „Орце Николов“ во Скопје.
Беше топла летна ноќ. Улицата беше полна со разговори, смеа и музика што доаѓаше од локалните кафулиња и барови – живост која се очекува за една топла петочна вечер. Слушнав англиски, германски, италијански, турски, српски… туристи насекаде. И така, одлучив да одам пешки, наместо вообичаеното возење велосипед. Ем да сменам перспектива, ем да успорам, ем да го доживеам мое Скопје како турист.
Некаде меѓу Камени Мост и Чаршија, ме привлече една интересна глетка. Мало бело масиче, на него послужавник со лалиња, полн со бонбони и рачно напишан натпис што прво ме збуни: „100 10 bonboni, 100 DEN / €2“.

Погледнав наоколу, но не видов никој што би го поврзала со масичето со бонбони. „Интересна слика“, си реков и го извадив телефонот да сликнам.
Во тој момент почувствував некого зад мене. Кога се свртив, видов слаб човек, веројатно во своите доцни трисетти или рани четириесетти години, како полека се движи кон мене и масичето. Секој чекор, секој потег беше видлив напор. Беше јасно дека живее со значителна парализа на поголемиот дел од телото. Не можеше ни да зборува, од неговата уста излегуваа само звуци и плунка. Сепак, имаше нешто различно кај него што ме задржа да го почекам да дојде до местото каде што стоевме јас и неговата масичка. Во неговите очи видов еден премногу љубопитен, светол, остар и присутен поглед. Очи што комуницираа со таква прецизност што можев да го разберам секој негов звук како збор.
Разговаравме триесетина минути. Или можеби е попрецизно да кажам… комунициравме. Тој прашуваше. Јас одговарав. Јас прашував, и тој одговараше. Двајцата се смевме. Ниту еднаш не почувствував дека сме се разбрале погрешно. Флоу.
Како што продолжив да пешачам кон дома Александар од Влае не ми излегуваше од глава. Тој разговор, беше еден од највпечатливите разговори во мојот живот. А скоро и да немаше зборови. Една мисла остана со мене:
Можеш да се споиш со секого. Доволна е само присутност.
Ајде да нурнеме подлабоко…
Психологиjа на присутноста
Често претпоставуваме дека, за да бидеме добри комуникатори, значи да ги најдеме вистинските зборови, да изградиме убедливи аргументи или да совладаме техники на убедување. Често држам обуки на тема комуникација, секојдневно учам за човечката комуникација и длабоко верувам дека еден од најважните елементи во комуникацијата е ПРИСУСТВО.
Психологот Карл Роџерс верувал дека најдлабоката човечка промена не се случува кога некој ни дава совети или ни проповеда. Tоа се случува кога се чувствуваме длабоко слушнати, видени и вреднувани. Тој напишал:
„Кога некој навистина те слуша без да суди за тебе, без да се обидува да преземе одговорност за тебе, без да се обидува да те обликува, тоа навистина е прекрасно.“
Присуството е токму тоа. Да бидеш целосно достапен. Целосно тука. Со сите свои сетила отворени и насочени нанадвор, кон другата личност. Како да велиш: тука сум за тебе, сега.
Да не мислиш на својот одговор додека другата личност сè уште зборува. Да не го проверуваш физички или ментално телефонот. Да не се обидуваш да поправиш нешто. Да не се обидуваш да импресионираш.
Само… да бидеш таму.
Иронично е што ваквата присутност станува сѐ потешка. Истражувањата на психолозите Метју Килингсворт и Даниел Гилберт откриле дека нашите умови лутаат речиси 47% од времето, и дека ова лутање на умот е поврзано со помали нивоа на среќа. Нивниот познат заклучок е едноставен:
„Оној ум што лута е несреќен ум.“
Ако нашето внимание е на друго место речиси половина од времето, не е ништо чудно што честопати ги напуштаме разговорите чувствувајќи се невидени, неслушнати и невреднувани.

Пред да продолжиме, еден потсетник:
Да, повторно и повторно ќе зборувам за претстојните програми НЛП практичар во Скопје и Виена, и моја задача е да се осигурам дека знаеш дека имаш можност да научиш комуникациски вештини, сензорна острина, присуство, калибрација и да станеш врвен комуникатор/ка. Групата е мала и добиваш лично внимание. Што те спречува да го направиш првиот чекор? Немаш време, немаш пари, немаш други ресурси? Сакам да знаеш, сите тие се само изговори и знам дека си свесна/ен! Помисли си сега, замисли што би можел/а да постигнеш ако знаеш НЛП? Можеш да се пријавиш на листата за чекање и ќе те контактирам лично.

Продолжуваме…
Присуството се чувствува пред да се разбере
Долго пред свесно да интерпретираме нечии зборови, нашиот мозок веќе проценува многу пофундаментални аспекти како безбедност, поврзаност и конгруентност (внатрешна порамнетост). Невронауката и психологијата ни кажуваат дека нашите мозоци континуирано ги толкуваат изразите на лицето, движењата на очите, држењето на телото, гестикулациите, ритмот на дишењето, тајмингот и емоционалната конгруентност, пред свесно да ја обработиме јазичната порака. Многу пред да одговориме на нечие прашање, нашиот нервен систем веќе почнал да одлучува дали личноста ја доживуваме како безбедна, искрена или доверлива. Невронаучникот Стивен Порџис го нарекува овој процес невросепција, и тој функционира целосно на несвесно ниво, автоматски прилагодувајќи ја нашата физиолошка состојба пред да можеме свесно да процесираме што се случува.
Нашите тела почнуваат да комуницираат пред нашите усти воопшто да проговорат!
Таа вечер немаше многу зборови. Немаше сценарио. Немаше внимателно изграден идентитет за тој разговор. Сосема непознат човек. И сепак, во ниту еден момент не се посомневав дека човекот пред мене беше целосно присутен. И на некој начин… тоа ми помогна и мене да бидам целосно присутна за него.
Споделувам со вас подолу два НЛП концепти. Свесноста за нив ми помага да изградaм присуство во мојата комуникација:
„Значењето на твојата комуникација е одговорот што го добиваш.“
Иако намерата има големо влијание, комуникацијата не се мери според нашата намера. Се мери според тоа што навистина пристигнува кај другата личност и како таа реагира. Поголемиот дел од недоразбирањата не се случуваат бидејќи вокабуларот ни е слаб; тие се неуспешна калибрација. Во НЛП, калибрацијата е од витално значење и се однесува на набљудување на другата личност со извонредно внимание – забележување промени во дишењето, држењето, гестикулациите, фокусот на очите, бојата на кожата, мускулите на лицето, темпото, енергијата, гласот…. За да можеш да калибрираш со прецизност, треба да бидеш целосно присутна/ен тука и сега, и твоето целосно внимание треба да биде насочено надвор од твоите лични филтри. Оваа внатрешна состојба се нарекува „состојба на незнаење“ (know-nothing state). Намерата е да се добие што е можно повеќе информации за да можеш да разбереш, а потоа да можеш да комуницираш на начин на кој ќе го добиеш саканиот одговор.
Колку повеќе си присутен/на, толку повеќе можеш да набљудуваш и поголемо влијание ќе имаш врз разговорот.
Бидејќи кога навистина набљудуваш, престануваш да претпоставуваш. И љубопитноста ја заменува сигурноста.

„Мапата не е територијата.“
Уште еден НЛП принцип, кој доаѓа од работата на Алфред Корзибски, нè потсетува дека никој од нас не ја доживува објективно реалноста директно, туку го доживуваме нашето толкување на реалноста. Вистината е дека никој од нас не е објективен! Секој од нас носи внатрешна мапа на реалноста која е формирана од спомените од детството, семејното воспитување, образованието, верувањата, ставовите, перципираните успеси, трауми и јазикот – како еден од примарните алатки што ги користиме за да ги конструираме тие внатрешни мапи. Јазикот ни дава значење.
Aко знаеме дека сите имаме различна мапа на реалноста, тогаш секој разговор e всушност средба помеѓу две мапи, а не помеѓу две реалности. Често веруваме дека луѓето не се согласуваат бидејќи еден од нив е во заблуда, но всушност тие едноставно имаат различна мапа што дава различно значење на зборовите што се користат. Токму затоа, една реченица може да инспирира една личност, a да навреди друга. Зборовите остануваат исти, но внатрешните мапи не се исти.
Лингвистот Лудвиг Витгенштајн напиша:
„Границите на мојот јазик значат граници на мојот свет.“
Јазикот што ни е достапен влијае на тоа што го забележуваме, како ги категоризираме искуствата и кои можности ги перципираме. Токму затоа присуството ни овозможува да станеме свесни за сопствената мапа и љубопитни за туѓата.
Можеби вниманието е најголемиот подарок.
Кога се враќам наназад, не се сеќавам точно на секој гест што го разменивме и не се сеќавам на секој звук што го направи. Она што го памтам е како се чувствував. Целосно присутно. Целосно внимателно. Целосно човечно.
Во свет каде вниманието е еден од нашите најскапоцени ресурси, присуството е еден од најголемите подароци што можеме да им го подариме на другите.
Не совети. Не решенија. Не елоквентни говори.
Туку, ПРИСУСТВО.
Можеби целта на комуникацијата никогаш не била да зборуваме убаво. Можеби секогаш била да ја направиш другата личност да се чувствува дека, во тој момент, таа е единствената личност во твојот свет.
Таа ноќ, тргнав мислејќи дека го предизвикувам старото верување за „глуо доба“ на мојата баба Васка. Наместо тоа, дојдов дома со многу подлабоко разбирање. Не се мачиме да се поврземе затоа што не знаеме да комуницираме, се мачиме затоа што сме заборавиле како да бидеме присутни.

За мене, присуството е местото каде што почнува секој значаен разговор.
Мојата порака за месецот јули е: Биди присутна/ен, сега!
Оригиналниот текст е објавен на англиски јазик и може да го прочитате на профилот на социјалната мрежа „Линкдин“ на авторката на овој линк.
Прочитајте ги и претходните блогови на Викторија:
- Индира Кастратовиќ: Спортот прво учи на човечност, па на победи
- Повеќе од четири децении уметност: Почнува 37. Ликовна колонија „Галичник“
- „Само сонот е стварност“ е пораката со која „МакеДокс“ го најавува своето 17. издание
- Највредните искуства не се мерат со пари: моето лето како волонтерка во „Лице в лице“
- Го паметите Игорче? Денес има работа што ја сака и ново поглавје во животот