Доза вести

Кариерен буткамп во Скопје: Практична поддршка за млади на почетокот на кариерата

Буткамп на Мрежа Стела за млади

Млади кои се на почетокот од својата кариера ќе имаат можност да стекнат конкретни вештини и насоки за вработување преку практичен кариерен буткамп што ќе се одржи на 8-ми мај, од 10 до 14 часот, во „Нетавил“ во Скопје. Настанот го организира Мрежа „Стела“, во партнерство со „Career Launch“ од Србија. Станува збор за интерактивен настан наменет за млади луѓе кои сакаат да направат сигурен и информиран чекор кон пазарот на труд.

Програмата е фокусирана на практично учење и директна интеракција со експерти, при што учесниците ќе работат на разбирање на процесите на вработување, креирање CV и профил на „Линкдин“, развивање вештини за самопрезентација, добивање насоки и повратни информации од професионалци. Сите содржини на буткампот ќе бидат на англиски јазик.

– Целта на овој буткамп е да им помогнеме на младите да се чувствуваат посигурно и подготвено во процесот на започнување кариера, преку конкретни алатки и реални увиди – истакнуваат организаторите.

Дополнително, учесниците ќе имаат можност да добијат професионални фотографии за „Линкдин“, како значаен елемент во градењето на нивниот личен бренд. Обуката ќе ја водат Андреа Дарабашиќ од Career Launch, Србија, и Елена Костоска, основачка на „Learning Curve“.

Учеството е со претходна регистрација, а заинтересираните можат да аплицираат преку овој линк.