Лице в лице интервју, Час по родови прашања

Кога нема градинки и поддршка за деца, мајките го напуштаат пазарот на труд

Неда Чаловска Димовска деца трошоци анализа интервју

Како системот ја зголемува сиромаштијата и економската зависност на жените, особено во недостаток на податоци колку чини одгледувањето деца? Недостиг од податоци и услуги за деца ја ограничува економската активност на жените во Македонија, посочува адвокатката и експертка за родови прашања Неда Чаловска-Димовска, која, заедно со Катерина Шапкова Коцевска и со Елена Димушевска, е авторка на анализата Трошоци за одгледување деца во Северна Македонија: реалност, предизвици и препораки“ на Центарот за еднаквост и правда (ЦЕП).

Пишува: Маја Раванска

Државата сè уште не знае колку навистина чини одгледувањето дете, посочува последната анализа Трошоци за одгледување деца во Северна Македонија: реалност, предизвици и препораки“ на Центарот за еднаквост и правда (ЦЕП). Документот посочува и дека немаме национална проценка на трошоците што семејствата ги имаат за растење дете, ниту системска анализа што би ги поврзала тие трошоци со животниот стандард и соодветната поддршка.

Без вакви податоци, политиките за помош на семејствата често се креираат без реална основа. Последиците пак, најсилно ги чувствуваат самохраните и семејствата со повеќе деца, како и жените кои ја носат главната грижа за децата. Недостигот од јавни услуги за грижа, како градинки и згрижување по училиште, дополнително ја продлабочува оваа нерамнотежа. На оваа тема, разговараме со адвокатката и експертка за родови прашања Неда Чаловска-Димовска, која, заедно со Катерина Шапкова Коцевска и со Елена Димушевска, е авторка на анализата.

Во анализата посочувате дека државава нема национална проценка на трошоците за одгледување дете. Како ова влијае врз економската сигурност на семејствата, особено на мајките?

– Во моментов, во државата  не постои специјализирана проценка на трошоците за одгледување дете, ниту систематска анализа на животниот стандард на домаќинствата со деца за разликите според нивната возраст. Политиките за финансиска поддршка не ги отсликуваат реалните трошоци за да се задоволат потребите на семејствата во Република Северна Македонија. Иако постојат неколку типови на парична помош која се доделува на повеќе основи, износите на паричната помош не секогаш соодветствуваат со реалните потреби, ниту пак сите категории на граѓани на кои им е потребна парична помош, стигнуваат до неа.  Ова директно влијае на економската несигурност на семејствата. Посебно ги погодува повеќедетните семејства и еднородителските семејства, каде во најголем број случаи се родители каде носителот на трошоци се  самохрани мајки.

Како недостигот од точни податоци влијае врз детската сиромаштија? Кои групи се најризични?

– Отсуството на податоци и стратегија за систематско прибирање и анализирање на трошоците за деца, води кон креирање на несоодветни политики.  Несоодветните политики пак, не ги таргетираат вистинските потреби на семејствата. Дел од семејствата  остануваат надвор од системот на финансиска поддршка.

Анализата ни покажа дека највисоки стапки на сиромаштија има кај: домаќинства кои се составени од двајца возрасни и се со три или повеќе издржувани деца, како и кај самохраните родители со издржувани деца. Во руралните средини, поради немањето организирани решенија за згрижување на децата, родителите се принудени да останат надвор од пазарот на труд и со тоа се дополнително изложени на ризик. Семејства каде пак, има деца со попреченост, имаат повисоки трошоци и помал пристап до услуги, па ризикот од детска сиромаштија е поголем.

Како недостигот од институционална поддршка (градинки, згрижување по училиште) влијае врз повлекувањето на жените од пазарот на труд?

– Во нашата држава опфатот на деца во градинка или установи за ран детски развој е навистина мал, споредбено со оној на развиените земји. Така, опфатот на деца во градинки се движи околу 30%( Прецизен податок е 34% според Министерството за социјална политика, демографија и млади, а  29% според Државниот завод за статистика).  Постојат и општини каде и воопшто нема градинки.  

Понатаму ова е и прашање на економски раст и развој на земјата. Во отсуство на работна сила, каде државата увезува кадри, ние имаме огромен неискористен потенцијал. Доколку создадеме услови за вклучување на жените во пазарот на труд ќе се зголеми и Бруто домашниот производ (БДП) и ќе се намали стапката на сиромаштија.

Колку економската зависност ја зголемува изложеноста на жените на родово базирано насилство?

– Економската зависност е еден од клучните фактори што ја зголемува ранливоста на жените на насилство. Кога жените немаат сопствени приходи, ниту пак сопствен имот  (стапката е навистина мал, помалку од 28% од жените се сопственички на имот, за разлика од мажите, а во руралните средини процентот уште понизок, само 5%) тие многу потешко се одлучуваат да ја напуштат насилната средина. 

Дополнително, државата не обезбедува соодветни услуги за заштита од родово базирано / семејно насилство ниту има доволен број на засолништа. Така, доколку немаат финансиски средства, ниту имот, едноставно немаат избор и би се соочиле и со ризик од бездомништво.

Понатаму, економското насилство е една посебна форма на насилство која што е многу присутна, а не е доволно препознаена. Потребно е да се работи на финансиско омоќување на жените, нивно вклучување на пазарот на труд и препознавање на сите форми на насилство, вклучувајќи го и економското.

Затоа, финансиските политики за поддршка на жените и семејствата со деца се важни и од аспект на превенција на родово базирано насилство.

Кои решенија се најсоодветни за самохраните родители?

– Самохраните родители, кои во најголема мера се мајки,  се меѓу најранливите групи. Анализата покажа дека самохраните родители се повеќе изложени на ризик од сиромаштија, а тоа значи потребни се и таргетирани мерки кои би го намалиле овој ризик. Такви би биле:  повисок детски додаток за самохрани родители, приоритет во  пристапот до градинки и училиштен престој, повисока издршка на децата при развод. Треба да се воведат флексибилни услови при вработувањето кои би овозможиле полесно справување со товарот од грижа за децата итн.

Ова се дел од предлозите како мерки кои директно ќе придонесуваат да се намали ризикот од сиромаштија, како и социјална исклученост на самохраните родители.

Дизајн: Центар за еднаквост и правда.

Која би била една конкретна итна интервенција на државата?

– Ако може да се направи една интревенција која би влијаела директно на подорување на животниот стандард на семејствата со деца би била воведување универзален детски додаток и проценка за „Минимална кошничка за грижа на дете“ .

Како што го промовира и УНИЦЕФ, универзалниот детски додаток обезбедува редовна и предвидлива финансиска поддршка за секое дете, независно од приходот на семејството. Тој не само што ја намалува детската сиромаштија, туку и признава дека грижата за децата е општествено и економски значајна работа и обезбедува достоиствен живот на секое дете.

Како на краток рок може да се усогласат износите на поддршката со инфлацијата?

– Износите на поддршка се усогласуваат со стапката на инфлација, но основниот надомест е мал и не е пресметан врз соодветна методологија. Затоа, со усогласувањето со стапката на инфлација недоволно се интервенира во економскиот шок кој го доживуваат семејствата. Затоа е потребно ревидирање на методологиите на пресметки. Потребно е надоместоците да бидат прилагодени на вистинските потреби на семејствата.

Кои европски модели може да се применат кај нас?

Анализата истражи неколку Европски модели, па така би ги издвоиле Германија или Шведска. Во контекст на обезбедување парична помош за децата, Германија е добар пример. Постои нешто што се нарекува Kindergeld,основен  детски додаток кој им се дава на сите семејства со деца. Дополнително, поддршка на семејствата во социјален ризик, преку системот на детски додатоци постои и  Kinderzuschlag, дополнителен месечен додаток, наменет за семејства со ниски приходи кои не ги исполнуваат условите за социјална помош, но сепак имаат финансиски тешкотии.

Во Шведска системот се потпира на сеопфатни достапни услуги за секое дете, а и обезбедување на повеќе типови поддршка за децата и родителите, меѓу кои е и универзалниот детски додаток Barnbidrag, кој не е условен од приходите на семејството и се дава за секое родено дете до 16-годишна возраст.

Комбинација од  ваквите пристапи, инвестирање во достапни услуги и парична помош за семејства со деца, ќе обезбеди намалување на социјалниот и ризикот од сиромаштија, а ќе обезбеди достоинствен живот на сите деца во државата. Во моментов, со тоа, за жал не може да се пофалиме, бидејќи во Северна Македонија секое трето дете живее во сиромаштија.

Напишете коментар