Генерација Z, Доза вести

КОМБО ја лансира својата прва онлајн платформа: Од заеднички простор до дигитална заедница

Комбо

Новата платформа ќе биде промовирана на 31 мај во дворот на КОМБО, каде младите ќе ги претстават своите идеи за социјални претпријатија и локални промени

Просторот КОМБО на истоименото Здружение за креативна одржливост, кој се наоѓа во населбата Железара во Скопје, добива свое дигитално продолжение. На 31 мај, во дворот на КОМБО, официјално ќе биде промовирана новата онлајн платформа, создадена како простор за поврзување, видливост и споделување на заедничките иницијативи, креативни идеи и вредности што оваа заедница ги гради изминатите години.

Како што велат организаторките Анастасија и Ивана Павловски, платформата претставува обид да се пренесе духот на КОМБО и во дигиталниот простор, место каде луѓето не само што создаваат, туку и се среќаваат, соработуваат и градат чувство на припадност.

– Оваа платформа е продолжение на една идеја која започна скромно, но со многу ентузијазам и верба дека заедницата може сама да создава култура, топлина и припадност“ – порачуваат од КОМБО.

Во рамки на настанот ќе бидат претставени и идеите на младите „Сонувачи“, учесници во менторската програма за развој на социјални претпријатија. Тие ќе ги презентираат своите концепти, креативни решенија и визии за општествени промени, со фокус на одржливост, солидарност и локален развој.

Од КОМБО велат дека токму заедницата е причината поради која просторот продолжува да расте.

– Благодарение на заедничката поддршка, денес КОМБО е место кое ги вдомува нашите и вашите креативни замисли, поттикнува одржлив начин на живеење и создава простор каде луѓето повторно се среќаваат, соработуваат и сонуваат заедно.

Промотивниот настан ќе се одржи на 31 мај, од 12 до 15 часот, во дворот на КОМБО и е отворен за сите поддржувачи, соработници и посетители кои сакаат да бидат дел од развојот на локални иницијативи и социјално претприемништво.

Платформата е создадена во рамки на проектот „Креативни семиња – Социјално претприемништво за млади 101“, поддржан од Младински Сојуз – Крушево, ПАБЛИК Скопје и НОВУС Струмица, преку поддршка од Европската Унија за граѓанското општество и медиумските организации во Северна Македонија.