Лице в лице интервју

Горан Кузманоски: Спортот не создава само шампиони, туку и карактер

Горан Кузманоски - зборува за за лекциите што спортот им ги дава на младите и надвор од теренот.

Тренерот на младинската селекција што освои злато на Светските училишни игри, Горан Кузманоски, зборува за важноста на спортот, за тимската игра, притисокот кај младите спортисти, улогата на тренерот и зошто емоционалната едукација е подеднакво важна како и техничката подготовка.

Златниот медал е само видливиот дел од приказната. Зад овој успех на македонската младинска ракометна селекција (кој се случи изминатиов месец), стојат години работа, доверба, дисциплина и внимателно градење на карактерот на младите спортисти. Во интервју за нашиот медиум, тренерот Горан Кузманоски кој го доведе овој тим до првото место, зборува за патот до титулата, за справувањето со притисокот и поразите, но и за вредностите што спортот им ги дава на младите далеку надвор од теренот.

Како го доживеавте моментот кога ја освоивте златната титула?  Што беше пресудно овој тим да стигне до врвот?

– Ништо не беше случајно. Ако се земе предвид дека оваа селекција составена од генерација 2008 има едногодишен континуитет настапи на Олимписки игри за млади, турнири, квалификации и Медитерански игри, тогаш успехот е резултат на долг процес и напорна работа. Токму тој континуитет, воиграноста и системот што го градевме, беа пресудни за да стигнеме до врвот. Наградата за сето тоа беше освојувањето на првото место на овие светски училишни игри. Иако бевме домаќини, останавме максимално фокусирани од првиот до последниот натпревар и верувавме во тоа што го работиме. 

Каде ја гледате најголемата разлика кај оваа генерација играчи?

– Тимската хемија е можеби најголемата разлика кај оваа генерација. Играчите не се селектирани само според играчкиот квалитет, туку и според човечките особини и карактерот. Во текот на целиот едногодишен процес имаа многу заеднички дружења, настапи и дел од нив играат заедно и на клупски план. Едноставно, кликнаа како генерација и тоа многу се почувствува на теренот. Но, постои едно големо „но“. Oва е само почеток. Потребно е сите да продолжат да се надградуваат индивидуално и како тим, без разлика каде ќе продолжат на клупски план. Само така оваа генерација може да го задржи континуитетот и во иднина. 

Велите дека емоционалната едукација е исто толку важна како техничката. Како тоа изгледа во пракса на тренинг?
– Не е важен само тренингот како тренинг, туку и психолошкиот момент кај играчите. Станува збор за млади луѓе кои се на возраст од 17 до 18 години, период кога се оформуваат и како спортисти, но и како личности. Затоа многу е важно да им се всади што значи да се носи репрезентативниот дрес, колкава е одговорноста и честa да се претставува државата, но и да останат приземни без разлика на успесите. Постојано им укажуваме дека треба да продолжат да работат и да напредуваат, затоа што токму во овој период најлесно може да се изгуби фокусот. Денес социјалните мрежи имаат големо влијание врз младите спортисти, па затоа се трудиме колку што е можно повеќе да ги насочиме кон вистинските вредности, дисциплината и спортскиот развој. 

Како се гради самодоверба кај млад спортист, без да се создаде страв од грешки?

– Многу интересно прашање, особено ако се земе предвид дека ракометот е спорт број еден во Македонија и јавноста внимателно го следи секој настап, и на клупско и на репрезентативно ниво. Социјалните мрежи и коментарите од поединци дополнително создаваат притисок кај младите играчи. Tие почнуваат да размислуваат како ќе одиграат и како нивната игра ќе биде пренесена и оценета во јавноста. Нормално е да постои и страв од тренерот, од тоа дали по лош натпревар ќе бидат тргнати од тимот или ќе ја изгубат довербата. Но, грешката како грешка не е проблем. Проблем е начинот на кој се повторува и дали играчот ќе научи нешто од неа. Тука улогата на тренерот е многу важна – како ќе укаже на грешката, како ќе помогне таа да се исправи и како ќе му даде сигурност на играчот да продолжи понатаму. Некогаш намерно оставам одредени играчи сами да направат грешка и сами да сфатат каде им е слабоста. Токму тие играчи, ако сами ја препознаат и исправат грешката, многу лесно можат да прераснат во лидери. Ако тоа не се случи, тогаш следуваат разговор, дополнителен тренинг, работа на конкретни ситуации – шут, одбрана, поставеност – сè со цел играчот да напредува без да создаде страв од неуспех. 

На кој начин го „тренирате“ притисокот пред/на важни натпревари?  

– Сè зависи од самиот натпревар. Дали се игра против послаб или посилен противник, дали натпреварот одлучува пласман или настап на првенство – секоја ситуација носи различен вид притисок и подготовка. Кога играме против послаб противник, најважно е да не дојде до потценување. Играчите мора да останат фокусирани и дисциплинирани, да ги наметнат своите најсилни страни и уште од почеток да покажат сигурност и контрола на теренот. Кога се игра против посилен противник, тогаш подготовката е многу подетална – анализа, видео-снимки, тактички тренинзи и психолошка подготовка. Тука е важно да се подигне моралот кај играчите кои можеби премногу го респектираат противникот, за да влезат со самодоверба и верба во сопствените квалитети. А кога доаѓа навистина важен натпревар, тогаш мотивацијата е клучна. Без разлика колку си физички и тактички подготвен, најважно е играчите да бидат позитивни, мотивирани и со полна енергија да излезат на терен. Токму така се „тренира“ притисокот, преку добра подготовка, доверба и правилен пристап од тренерот и тимот. 

Кои се клучните елементи за градење доверба и соработка во тимот?

– Најбитна е довербата, релацијата играч-тренер и тренер-играч. Без тоа нема ништо, а дури потоа следува соработката. Ако еден тренер нема доверба и авторитет во соблекувалната кај играчите, тогаш можеби најдобро е да ја напушти екипата или репрезентацијата. Тоа е еден од најважните сегменти во секој спорт, а посебно во ракометот. Кога довербата е обострана, тогаш и соработката е многу полесна. Играчите прифаќаат совети, систем и одговорност, а тренерот знае дека тимот стои зад него. Многупати се случува една екипа на играчки план да има помал квалитет од друга, но ако поседува доверба, соработка и добра хемија, може да биде многу поуспешна. Од друга страна, тим со поквалитетни индивидуалци, но без заедништво и позитивен дух, често не ги остварува очекуваните резултати. Токму затоа тимската хемија, меѓусебната почит и довербата се темел за секој успешен тим. 

Во тимските спортови, клучно е играчите да играат еден за друг, а не само за резултат. Го прифаќаат ли ова младите генерации спортисти?  

– Резултатот најчесто доаѓа кога се игра тимски, тоа е факт. Во професионалниот спорт резултатот секогаш е важен и нормално е сите да работат за да дојдат до успех. Точно е дека тимската хемија, заедништвото и позитивниот дух носат резултати, особено кај младите генерации. Мислам дека младите играчи го прифаќаат тоа, но потребно е постојано да се насочуваат и да разберат дека индивидуалниот квалитет најмногу вреди кога е ставен во функција на тимот. Но, во ракометот постои и уште еден многу важен момент. Кога во тимот имате вонсериcки играч, лидер кој може да ја поведе екипата во клучни моменти, тогаш доаѓаат и вистинските резултати. Сепак, за тоа да функционира, потребно е и останатите играчи и тренерите да му веруваат и да ја прифатат неговата улога во тимот. Најуспешните екипи се токму тие што успеваат да направат баланс: силен колектив, но и лидер кој знае кога да ја преземе одговорноста. 

Што е клучно при справување со пораз во спортот (но, и во животот)?  Што учат младите од поразите, а што не можат да го научат од победите?

Подобро е поучен пораз отколку победа од која ништо не си научил. Многу е важно младите спортисти да научат правилно да го разберат поразот, а не да го доживуваат како „губење“ во негативна смисла. Во главата не треба да постои зборот „губам“, туку само пораз и анализа на поразот, што може да се поправи и како да се напредува. Без порази нема ни победи.
Многу често гледаме врвни спортисти и им се восхитуваме на нивните успеси, но не треба да се заборави колку порази имаат зад себе, колку научиле од нив и колку пати се издигнале за да стигнат до врвот. Тоа е процес што бара трпение и макотрпна работа. Многу е важно и улогата на тренерот. Тој е оној што треба да ја подигне екипата и играчот после пораз, да ги врати на вистинскиот пат и да ги насочи кон следниот предизвик. Од друга страна, и победата може да биде замка ако не се сфати правилно. Ако мислиш дека денешната победа гарантира и утрешна, тогаш се губи фокусот. Затоа гладта за успех мора секогаш да постои кај младите спортисти. Многу играчи остануваат на едно ниво токму затоа што се задоволуваат со малку, една победа или добра утакмица, наместо да гледаат кон постојан напредок. А токму континуитетот и желбата за подобрување прават разлика помеѓу добар и врвен спортист. 

На кој начин спортот помага во градење карактер и надвор од теренот? Што сакате вашите играчи да понесат од ракометот во животот?

– Спортот, особено на врвно ниво, бара дисциплина, а токму преку дисциплината се гради карактерот. Не станува збор само за она што се случува на теренот, туку и за сè што спортистот го прави надвор од него. Важно е како се гради односот со луѓето, како се комуницира со медиумите, како се развиваат навиките за професионално однесување, па дури и како се работи на личен развој, како учење странски јазици и слично. Многу е важен примерот што го даваш: како тренер, како играч, но и како личност. Спортот е јавна професија, особено кај нас, и затоа секое однесување е под лупа. Токму затоа е важно младите спортисти да разберат дека нивниот карактер не се гради само преку тренинг и натпревари, туку и преку нивниот однос во секојдневниот живот. 

Каква порака би им испратиле на младите кои сакаат да се занимаваат со спорт?

– На младите кои сакаат да се занимаваат со спорт би им порачал да го сакаат спортот повеќе од сè и да уживаат во секој почетен чекор. Тоа е пат кој бара дисциплина, почит кон тренерот и способност за комуникација и прифаќање на позитивна критика. Најважно од сè, според мене, е трпението. Без трпение нема напредок, и многу често токму тоа е причината зошто некои млади спортисти се откажуваат прерано. Ако нема трпение, се губи и спортскиот дух. Спортот не е само игра или резултат туку е начин на живот. Тој учи како да се справиш со пораз, како да останеш смирен во победа, како да работиш во тим и како да се развиваш како личност и спортист во исто време. Затоа им порачувам да бидат истрајни, да веруваат во процесот и да не се откажуваат кога е најтешко, затоа што токму тогаш се гради вистинскиот карактер.

Пишува: Маја Раванска
Фотографии: приватна архива на Кузманоски

Поврзани статии: