Лице в лице интервју

Наташа Гелева – Лени: Дваесет години архива на oтпорот кон наметнатите рамки

Бунтот одамна не се препознава само по изгледот, туку по начинот на живеење. Фотографката и културна работничка Наташа Гелева – Лени, преку својата дваесетгодишна архива, зборува за независната културна сцена, автентичноста и потребата да се остане свој.

Ако во изминативе две децении си бил/а на културен настан во Скопје или низ земјава, голема е веројатноста дека си ја забележал/а. Редовно со фотоапаратот при рака, како да сака да остане незабележана зад објективот, а сепак да не можеш да ја промашиш.

Магловито се присетувам на летото кога се одржа првото издание на „Аларм“, раните 2000-ти (поточно, 2002, откако изгуглав). Кампуваше во близина на нашиот шатор и изведувајќи акробации, изгледаше дека ужива, дури мојата екипа смислуваше како да се сместиме тројца, сосе торби и патики, во шатор за двајца. Не ми доаѓаат детали, но, нејзината појавност ја запаметив. Низ годините, почнав да ја препознавам и на настаните што ги посетуваше, фотографираше, организираше… некои со струшкиот колектив „ИНКА“, со кои имавме и професионална соработка, но и со други уметнички и културни друштва што ја создаваа независната сцена.

Денес, дел од тој личен поглед е собран во монографијата „20 години архива на независна културна сцена“ на Наташа Гелева – Лени, што, заедно со изложба, ќе биде промовирана утре од 20 часот во Културно информативниот центар во Скопје. Изданието е на „Илика“, а книгата го опфаќа периодот од 2006 до 2026 година.  Освен Гелева, изданието го потпишуваат и уредничката на „Илика“ Катерина Шекутковска, кураторот Владимир Јанчевски, дизајнерките Ема Велковска, Марија Смилевска и Оливер Илиевски.

Фотографиите на Лени ги чуваат лицата, просторите и моментите што ретко влегуваат во официјалните културни хроники, а без кои градот би бил многу поинакво место. Во разговорот за „Лице в лице“, таа зборува за жилавоста на независната култура, за бунтот што стана комерцијална естетика и за фотографијата како начин да се зачуваат приказните што лесно можат да исчезнат од колективната меморија.

Дваесет години (веројатно и повеќе) сте со објектив вперен на независната културна сцена. Кога денес ќе ги погледнете тие фотографии, што прво гледате? Луѓето и нивните приказни, просторот во кој се случувале работите, една верзија на Скопје (и пошироко) и на културниот живот што веќе ја нема…?

– Кога денес ќе ја погледнам таа обемна дваесетгодишна архива како една целина, она што прво избива на површината се дефинитивно луѓето и нивните приказни, но, нераскинливо испреплетени со просторите во кои се случуваа работите. Она што ме фасцинира за независната културна сцена во Македонија е нејзината жилавост и отпорност. Таа како феникс, има обичај одново и одново да се раѓа од пепелта и целосната запоставеност. Претставува непресушен извор на инспирација и мотивација, затоа што луѓето продолжуваат да се занимаваат со уметност, и покрај тоа што условите се такви какви што се.

Независната сцена често ги собира оние што не се вклопуваат лесно во доминантните културни, општествени или естетски матрици. Фотографирајќи ја, кој е „внатре“, а кој останува „надвор“ од кадарот?

– Морам да признам дека оваа монографија е себична и субјективна. Признавам дека има дупки, но сепак, на крајот ова е архива создадена од еден човек. Ова не е институционален историски зборник поддржан од државата, туку е мојот дваесетгодишен поглед. Токму затоа, границата помеѓу она што е „внатре“ и „надвор“ од кадарот ја одредуваше мојата лична поврзаност со протагонистите. За мене, „внатре“ во кадарот се секогаш оние кои создаваат уметност, не за да се вклопат во комерцијалните или институционалните калапи, туку од чист, незапирлив внатрешен нагон. „Внатре“ се оние кои со својата автентичност и бунт ја редефинираат слободата, честопати плаќајки ја цената на маргинализацијата. „Надвор“ од мојот кадар остана сето она што е вештачко, конформистичко и наметнато од доминантните општествени матрици. Ова не е обичен, ладен историски попис, туку искрен, емотивен и многу личен документарен поглед на заедницата на која и самата ѝ припаѓам.

Во овој контекст, може ли и самиот фотограф, како сведок, набљудувач, навистина да биде надвор од таа поделба?
–
Што се однесува до мојата позиција во оваа приказна, јас никогаш не сум само пасивен, надворешен набљудувач, туку нешто помеѓу хроничар и активен учесник. Ја документирам сцената како некој што доаѓа одвнатре, некој што со децении го дели истиот простор и воздух со луѓето што ја креираат. Не можам да бидам рамнодушен сведок, бидејќи многу добро ги познавам нивните мотиви, нивните секојдневни егзистенцијални борби и нивниот уметнички јазик.

Објективот за мене не е бариера која ме одвојува, туку средство преку кое се започнува или се продолжува/продлабочува комуникацијата со луѓето од сцената.

Како го препознавате човекот или моментот што вреди да биде фотографиран, а да не го претвориш во „другиот“ само затоа што е различен од мнозинството?

– Мојот апсолутен и омилен субјект за фотографирање отсекогаш биле човечките лица. Тука станувам пристрасна и некои лица едноставно ми се поинтересни од другите. Отсекогаш повеќе ме привлекувала интимата на портретот, отколку динамиката на групната фотографија, иако секако постоела потреба и од документирање настани во група. Токму затоа, во мојата лична компјутерска архива денес можат да се најдат лични истории на поединци, сликани низ годините во најразлични прилики и етапи од нивниот живот.

Во моментот на одлука секако учествуваат и други фактори, светлото, просторот, сценографијата.

Она што ја одредува суштината на кадарот е етичката позиција на уметникот.

Кога фотографира одблиску, фотографот има моќ да долови емоции, суптилни нијанси и состојби кај субјектот за кои тој самиот можеби не е свесен. Поради тоа, секогаш се трудам да ги прикажам субјектите со длабока почит, интимност и темелно разбирање.

Многу нешта што некогаш биле дел од субкултурата влегоа во мејнстримот – визуелно, музички, модно, па и како начин на живот. Што според вас значи денес да се биде „надвор од главниот тек“?

– Да, денес границите се целосно измешани и заматени. Често ќе видите млади луѓе облечени во готик стил, кои немаат никаков суштински интерес или знаење за тоа движење. Големите брзи брендови масовно произведуваат маици со препознатливите дизајни на Кит Хaринг, со култни филмски сцени или со логоа на бендови, а повеќето луѓе кои ги носат немаат поим кој бил Харинг или пак немаат слушнато ниту една песна од соодветниот бенд.

Бунтот стана комерцијален производ, а визуелните кодови на некогашните радикални движења се претворија во празна естетика на масовна потрошувачка.

Токму затоа, денес да се биде „надвор од главниот тек“ повеќе воопшто не го одредува стилот на облекување, туку начинот на живеење. Да се биде надвор од главниот тек денес значи активен, тивок и тврдоглав отпор кон наметнатите општествени рамки, конвенции и политички конформизми. Тоа значи свесна одлука да се држи до сопствената автентичност и да не се биде дел од партиските машинерии кои го голтаат индивидуалецот.

Постои ли денес вистинска субкултура?

– Да, денес сè уште силно постои исконската човечка потреба да се биде различен, неконвенционален и надвор од мејнстримот и токму од тој отпор и пркос се храни современата субкултура.  Најдобар доказ за оваа жилавост се новите колективи на млади луѓе со неверојатен ентузијазам како „Гола планина“ во музиката, анархистичкиот колектив „Смоква“ и „Култура Бета“, во книжевниот простор. Тука се и веќе етаблираните столбови на отпорот: Социјалниот центар „Дуња“, кој функционира како вистинско јадро за социјални и културни настани, потоа ветераните од „Скопје Прајд Викенд“ со нивните радикални перформанси и дрег шоуа, како и тврдоглавата, повеќедецениска упорност на кафе-барот „Ла Кања“. До пред кратко постоеше и „Буква“, простор што денес на многумина неизмерно им недостасува и кој остави сериозна празнина во културниот и социјалниот живот на градот, која сè уште нема кој да ја пополни. Појавата на овие нови колективи и истрајноста на старите независни иницијативи е дефинитивна потврда дека независната сцена во Скопје никогаш не може да биде угушена или избришана.

Денес речиси сè се фотографира, социјалните мрежи се преплавени, но огромен дел од тие фотографии исчезнуваат во тој, тн. дигитален шум. Што значи да направиш архива? Гледате ли на архивирањето само како паметење, или е форма на отпор, одлука да кажете: „ова било важно и не сакам да биде избришано“?

– Во денешно време сè повеќе се зборува за важноста на архивите, а фотографијата и архивирањето се нераскинливо поврзани. Фотографијата како медиум, има неверојатна моќ да го замрзне времето и да ги зачувува моментите кои инаку би биле изгубени во заборавот. Таа е сведок на историјата, лична и колективна, и служи како мост помеѓу минатото, сегашноста и иднината. Во време на брзи промени, фотографијата станува особено важна, бидејќи ни овозможува да зачуваме фрагменти од светот кој исчезнува пред нашите очи.

Ајде малку и прашања надвор од темата. Имате 6 години. Во училиште работите писмена вежба на тема „Што сакам да бидам кога ќе пораснам и зошто“. Што сте напишале? 

– На 6 години сè уште бевме во забавиште и не пишувавме состави. Но многу добро се сеќавам на часот неколку години подоцна кога нè прашуваа што сакаме да бидеме. Тогаш сите детски одговори автоматски се сведуваа на три-четири познати професии: лекарка, учителка или полицаец. И тогаш избиравме една од овие опции, затоа што не знаевме за друга, а јас лично ниту знаев ниту пак замислував што сакам да бидам.  Сигурно имало, а сега дури и повеќе примери на деца кои од мали се насочени што ќе бидат, но и тоа знае многу често да биде контрапродуктивно. Но, професијата и пасијата често не се едно исто. Јас сум по професија германист, а најголемата пасија ми е уметноста во една форма или друга од рана возраст.

Премотуваме 80 години од тој момент, имате 86 години. Каков живот имавте? За што сте најгорда, што ве направило најсреќна и најисполнета? 

– Гледајќи наназад од таа дистанца, би можела да кажам дека сум задоволна, бидејќи направив сè што сакав и живеев интензивно, како за неколку животи одеднаш. Во текот на сите овие децении бев неуморно активна, создавав, не бегав од конфликти, свесно преземав ризици и она што ми е најважно, останав доследна на себе.

Ако треба да издвојам една работа, оваа монографија ме прави најгорда од сè што сум создала, едноставно затоа што мојот личен, емотивен и творечки влог во неа беше најголем. А најисполнета и најсреќна ме прави фактот што низ сиот тој пат бев опкружена со луѓе кои ме прифаќаат и ме сакаат токму таква каква што сум. Пред сè, мојот партнер Јане Алтипармаков, без чија безрезервна поддршка, разбирање и заедничко чекорење, сигурно немаше да стигнам до таму каде што сум денес.

Што би ѝ кажала 6-годишната Лени, на оваа сега?  Kаков совет пак, би ѝ дала 86 годишната Лени на оваа сега? 

-Да ја цитирам Бети Дејвис од „Сè за Ева“: „Fasten your seatbelt, it’s going to be a bumpy ride!”

Кој филм, серија, претстава, музика, поткаст… би го препорачале на публиката на „Лице в лице“?

– Филмови гледам опсесивно. Секогаш имам подготвено листа што ќе гледам следно и си правам сопствена „курирана“ програма. Мојот метод на гледање не е случаен, т. е. практикувам да проучувам цели опуси, односно да гледам повеќе филмови по ред од ист режисер или со конкретен актер. Последно на програмата беше режисерот Абел Ферара, пред тоа си повторував дел од антологиското творештво на Пазолини, а барем еднаш годишно се навраќам, гледам и се восхитувам на делото на Орсон Велс. Барем во денешно време е лесно да се откријат филмови од специјализирани профили на социјалните медиуми или од индивидуалци и од разни листи на најдобри филмови по категории.

Која книга би ја препорачале на нашата публика ?

– „Повикот на дивината“ од Џек Лондон.