Сторија на „Лице в лице“ од Вурмо за еколошките ризици од увозот на отпад доби награда од СЕММ
Покрај третата награда за Валентина Вурмо од Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), првата награда му припадна на Михаил Милошевски за текстот „Како Македонија ќе го напушти јагленот без да ја загуби енергетската стабилност“, објавен на порталот 360 степени. Втората награда ја добија Александар Методиев и Сузана Мицева од Нота.мк за документарниот филм „Нелегалните патишта на отпадот“.
Сторијата на новинарката Валентина Вурмо, „Дали освен сопственото нè труе и странско ѓубре“, која ја објави „Лице в лице“, ја доби третата награда на конкурсот за најдобри новинарски стории на тема „Факти и дезинформации за климатските промени“, кој го објави Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).
Обработувајќи прашање од јавен интерес поврзан за загадувањето и управувањето со отпадот, оваа сторија се надоврзува на серијата содржини што „Лице в лице“ ги објавуваше изминативе месеци за политичкиот интегритет – клучна тема за начинот на кој се носат одлуки што директно влијаат врз секојдневниот живот на граѓаните. Сторијата го отвора прашањето како државата управува со увозот на отпад и дали системот навистина ги штити граѓаните, имајќи предвид дека процесите често изгледаат безбедни „на хартија“, но во пракса остануваат ранливи на влијанија и злоупотреби. Истражувањето беше изработено во рамките на проектот „Лице в лице со интегритетот: мобилизирање на граѓаните и медиумите за политички интегритет во Македонија“.
Целата наградена сторија е на овој линк:
Дали освен сопственото, нè труе и странско ѓубре?
На денешното доделување, првата награда му припадна на Михаил Милошевски за текстот „Како Македонија ќе го напушти јагленот без да ја загуби енергетската стабилност“, објавен на порталот 360 степени. Втората награда ја добија Александар Методиев и Сузана Мицева од Нота.мк за документарниот филм „Нелегалните патишта на отпадот“. Покрај наградите, беа доделени и пофалници на Иван Кузмановски, Фисник Џелили и на Александар Манасиев. Добитниците се заблагодарија за признанијата, истакнувајќи дека зад нивните трудови е повеќемесечна посветена работа и истражување.
Претседателката на СЕММ, Леунора Калиќи, посочи дека годинава на конкурсот пристигнале 29 стории од 16 автори, што, како што рече таа, е охрабрувачки показател за интересот и посветеноста на новинарите кон теми од јавен интерес. Калиќи потенцираше и дека медиумите треба многу повеќе и многу подлабоко да известуваат за прашања кои директно го засегаат квалитетот на животот на граѓаните.
Претставникот на ЕУ, Штефен Худолин, шеф на одделот за соработка нагласи дека новинарите со својата работа помагаат на публиката да разбере многу сложени структури и да прави разлика меѓу фактите и измислиците, со што придонесуваат за поголема доверба во медиумите, институциите и во можноста за информирана јавна дебата.
Регионалниот координатор на УНЕСКО, Џошуа Масаренти, истакна дека заложбата на СЕММ за овие награди, трета година по ред да охрабрува квалитетни новинарски стории поврзани со човековата околина и климатските промени е значајна. Тој додаде дека сега етичкото известување е важно и заради други предизвици:
– Известувањето за животната средина сè повеќе се одвива во дигитална информативна средина, каде фактите можат да бидат манипулирани, научните докази – изопачени, а јавната дебата-поларизирана. Овие закани се засилени со растечката употреба на генеративна вештачка интелигенција, која, не само што може да го загрози интегритетот на информациите и одржливоста на медиумите, туку има и значително глобално влијание врз животната средина
- Хакатон во Охрид: Млади идеи за зелена и поинклузивна иднина
- Онлајн конференција „Како да креираме општество без бариери?“ отвора дебата за пристапност и инклузивни градови
- КРИК носи „Критичко читање низ филмови“: киното како простор за грижа, сеќавање и политичко промислување
- Продолжено породилно до 12 месеци: помош за мајките или ризик за уште подолга исклученост од пазарот на труд?
- Младите не се апатични: илјадници волонтери во Македонија создаваат реални промени