Преку интерактивна онлајн средба насловена Лице в лице со новата Земја -  соочување“, на која ќе се разговара за можните сценарија на развој на нашето опкружување, и светот воопшто, по соочувањето со пандемијата, на локално и глобално ниво, утре, 23 јуни (вторник), ќе биде промовиран 40. број на списанието за одржлив развој, „Лице в лице“.
Настанот ќе биде од отворен карактер, и ќе се одвива во терминот од 15 до 17 часот, на платформата „Zoom“, по направена регистрација на линкот.

Светот е сведок на момент на пауза, од кој можно е да се почне одново. Глобални настани, како почеток или крај на долга војна, државен преврат или природна непогода, се моменти во човечката историја што можат јасно да укажат дека претходната фаза во општествениот или економски развој завршува, а почнува нова.
Токму затоа, наша цел, преку овој настан да соочиме повеќе ставови за иднината со цел да ја кокреираме онаква каква што ја посакуваме. 

Наша цел преку овој настан е да се инспирираме од повеќе ставови за иднината со цел да ја кокреираме онаква каква што ја посакуваме. Гости говорници се Тамара Котевска, ко-режисерката на „Медена земја“, Олга Рајчиќ, ко-основачка на мобилната апликација „Челинџер“, Сергеј Георгиев, режисер на документарниот филм „Виа Динарика“, млади луѓе кои имаат поинаков светоглед, кои креираат, се движат, иновираат, кои влијаат на нашето заедничко, подобро „утре“. На нивната перспектива, преку интерактивна сесија, ќе се надоврзе и публиката.





Подготовката на најновиот број на „Лице в лице“  беше преиспитување и отворање, раѓање на нов поглед, а беше и период кога повеќе од кога било нè задвижи обединувачка енергија, која здружи визионери, граѓани, активисти, бизнисмени, професори, министри, директори на институции, на здруженија на граѓани, во развивањето нова визија за посакуваното општество, но и за посакуваната планета со која е неопходно да живееме во хармонија, споделува Климентина Илијевски, извршна дирекорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“ (издавач на „Лице в лице“), и главна уредничка на списанието.
- Во коренот на промената по која трагаме, а која ќе донесе економска и социјална еднаквост, враќање кон природата, свртување кон другиот и кон исконскиот себе, се наоѓа освестување за тоа дека е можен поинаков општествен систем. Тој од нас бара информираност за нови можни економски и општествени модели, но бара и ангажман за овозможување услови за да се случи промената- вели Илијевски.

Специјално за ова патување,  театарската група „Пресврт“, подготви и видео нарација насловена „Рестарт“, која ќе биде прикажана премиерно, а чија цел е доближување на суштинските ставови на значајни светски имиња во поглед на насоката во која допрва ќе се движи светот.



Најновото 40-то издание на „Лице в лице“, посветено на бизнисите, лидерството, на институциите и на граѓаните од иднината, носи и содржини кои се врзани за многу иницијативи кои се појавија како резултат на лошите ефекти на Ковид 19, понатаму написи за важноста од поттикот на руралниот развој и социјалната економија, за потребите од нов модел на образование, и уште многу други четива на драги соработници.



Дизајнот на насловната страница е дело на Зоран Инадески, а на другиот кавер се наоѓаат продавачите на „Лице в лице“ - Тунан, Бајрам, Армандо и Валентин, додека фотографија ја направи Томислав Георгиев:
„Булката ја гледаме како симбол на хероите, а нејзината боја и упорност ни даваат надеж дека секој од нас ќе живее во подобро утре. Наши херои сте сите вие што бевте и сте тука со нас! Благодариме што читате „Лице в лице“!






„Лице в лице“ е единственото улично списание кај нас и е едно од пионерските социјални претпријатија во земјава. Списанието овозможува  работна интеграција на потешко вработливи сограѓани. Еден број чини 100 денари, а половина е заработка за продавачот.