„Жилава заедница“. Тоа би бил најкусиот опис на една група луѓе на кои судбината им ги одзеде огништата. Заминаа, но не се предадоа. Решија да го сочуваат својот корен, да останат заедно, меѓусебно да се крепат и се одржаа. Потоа замислија да си ги вратат назад своите домови што им ги однесе модерниот живот. И си ги вратија. Сега се на ум да го покажат она што го имале, она што го знаат и умеат, она што има е оставнина од нивните предци. Домаќинлукот, гостопримливоста, добродушноста, отвореното срце. И ќе успеат...

Такви се Глобочичани, жителите на сега непостоечкото село на реката Црн Дрим. Не се ниту први, ниту последни кои скапо ја платиле цената на технолошкиот напредок, на модернизацијата што им го наруши раатот. Но, начинот на кој живеат, размислуваат и делуваат, сигурно ги прави поинакви – сложни, обединети, решителни во намерата да обезбедат напредок на нивната заедница.



Нивниот секојдневен живот беше прекинат со изградбата на хидроцентралата на реката Црн Дрим во 1965 година. Новата акумулација за производство на електрична енергија целосно го потопи селото. Тоа значеше присилно иселување на некаде 450 жители и згаснување на 90 огништа. Жителите на селото се раштркаа насекаде низ светот, но најмногу од нив во Струга. Во потрагата по нов покрив над главата, борбата за себепронаоѓање во  нова средина изгледаше дека тоа е крај за нивната заедница. Селото како да беше осудено да исчезне...

-Од Глобочица се иселивме во 1963 година. Отидовме во Струга, кој по станови, кому државата му даде локација да изгради куќа. Некои заминаа во Скопје и Белград, некои во странство, Австрија, дури и во Австралија. Тешки се тие мигови кога ќе дојде момент да мора да заминеш од родното огниште, вели Ванчо Попоски кој заминува од Глобочица на само 13 годишна возраст.
    Но, Глобочичани никогаш не ги напушти мислата за обновување на нивната заедница, за повторна изградба на селото, повторно пуштање корен на својата родна грутка земја.

    Така и бидна. Уште во 1969 година тие се зачленуваат во поширокото Друштво пријатели на родниот крај „Малесија“, но поради слаба активност тоа пропаѓа. Затоа помладите Глобочичани во 1973 година формираат Одбор за село Глобочица, со единствена цел – осмислување, организирање и спроведување активности за ревитализација на селото. Прво се гради споменик на борците од селото во Илинденското востание и во НОБ, потоа се возобновува манастирот Свети Антонија над селото. Големиот број верници на осветувањето на храмот како да ги натера Глобочичани уште повеќе да истраат во решеноста да го возобовнат селото. Изградија резервоар за водоснабдување со капацитет од 60 илјади литри вода. Постепено никнуваат нови викенд куќи на самиот брег на акумулацијата, изградена е и нова црква, делови од камен од старата што остана под вода. Нивните активности не престануваат, населбата во 1999 година е приклучена и кон системот за снабдување со електрична енергија... Животот полека се враќа, селото повторно е над водата.




    Во Глобочица сега има околу 40 нови куќи, новоизградена црква во непосредна близина на поранешната селска црква посветена на „Свети Илија“. Интензивно се гради камбанаријата... Селото нема постојан жител, но постојано некој мора да е таму, да се грижи за населбата. Направија и сплав за транспорт на луѓето преку езерото, но и за градежен материјал, затоа што Глобочичани планираат да развиваат рурален туризам, сметајќи дека тоа е вистинскиот начин новото село целосно повторно да заживее. Ценејќи според она што го демонстрираа изминатите пет шест децении и според она што можат да го понудат на гостите - од природните убавини, преку традиционална храна и пијалоци, сето зачинето со ведар дух и потврдена гостопримливост, нема реална причина што би можела да ги попречи да успеат во намерите.

    Локацијата на населбата е на поранешното место каде се вкрстуваа патиштата што водат кон Дебар, Долни Дримкол и Струга како и кон Малесија и вливот на Голема или Збажданска река. Акумуација со три краци, над која се издигаат високи сртови обраснати во стогодишна шума. Природна убавина во изобилство, рај за очите, спокој за душата. Отежнатиот пристап до селото, единствено со сплав или чамец, значат тишина, бекство од бучавата донесена од современието. Потенцијал за рурален туризам, за поинакво искуство од лежалка на плажа, одмор со прошетки низ недопрена природа, пешачки патеки низ планини со поглед над езерото, река со чиста вода што може да се пие, еколошки чисти продукти, како риба, печурки, полжави и традиционални домашни специјалитети.

    -Замислата е ова село да заживее од рурален туризам. Приоритет ни се помошни простории, санитарен јазол со „путекс“ пречистителна станица за отпадни води. Ние сме решени тоа да го направиме веќе оваа година. Имаме и изготвен проект за мал угостителски објект во кој што ќе се служат специјалитети подготвени од домаќинките во селото, а и изградба на тераса со поглед кон езерото за дополнително уживање на туристите. Со професионалци за рурален туризам веќе разговараме за развој на дополнително искуство – видео проекции во езерската вода кои што ќе не однесат во времето кога Глобочица живееше таму каде што сега е езерото, изјави Зоран Илоски претседател на Одборот.
      Илоски вели дека се она што го дала природата во изобилие може да биде на понудата за гостите, зависно нивните вкусови и афинитети.

      -Збажданска река е недопрена вода. Речна риба како пастрмка, клен, мрена од еколошки незагадена природа. На гостите зависно волјата, на располагање ќе им биде сплавот, за прошетки по езерото, па и за послужување храна на локација по нивни избор, рече тој.
        Глобочичани се особено горди на вкусните специјалитети што ги прават во селото како  ѓомлезе, питулици, најразновидни пити. Сирењето, доматите, макалото од лук, пиперките со оцет и лукче, селското месо се неизоставен дел од нивната трпеза.  

        Виолета Крстаноска е една од нив, која дел од својата егзистенција ја обезбедува преку приготвување храна по традиционални рецепти, на начин како што тоа го правеле нејзината мајка, баба. Таа e вистински мајстор за приготвување ѓомлезе, специјалитет на овој крај. За тоа колку е умешна во тоа што го приготвува говори фактот што не успева физички да подготви онолку ѓомлезе колку што има нарачки. Нада Мечкароска е експерт за питулици испечени под сач, но и за тава од полжави. Вкусните полжави први исчезнаа од трпезата.

        Седењето покрај езерото Глобочица е доживување само по себе. Тука можат да се видат најразлични видови птици, а особено задоволство е да се ужива во часовите на спокој пред истекот на денот, кога мирната површина на водата одвреме навреме ќе ја пореметат поголеми примероци риба со која изобилува акумулацијата. Спортскиот риболов на јадица е само уште еден начин како да се ужива во раскошот на недопрената природа.

        И сето ова е привилегија само за оние гости што однапред ќе се најават зашто целта на Глобочичани не е да развиваат масовен туризам, туку искуствен и базиран на принципите на одржливост за природата и понатаму да остане недопрена, а гостите да уживаат во автентичноста на Глобочица, но и во  добрата храна, уште подобра ракија и можеби најважното - топло подадена рака на Глобочичани.  Само на ваков начин најавтентично ќе ја впиете Глобочица за која велат дека е „место што има многу што да ни каже, но, во исто време нѐ кани и на тихување зашто овде брзината не функционира, а единствено трпеливото успорување ќе ти ја раскаже приказната“.



        (Духот и раскошноста на Глобочица ги почувствуваме преку импулсот и повикот на платформата за одржлив развој, „Лице в лице“, и преку истоименото списание, кое својот најнов број го посвети токму на потенцијалите што ги имаат македонските рурални средини, вклучително и нивните капацитети за искуствен туризам).

        Автор: Александар Бачиќ
        Фото: Томислав Георгеив

        (Репортажата за Глобочица изворно е објавена на 5 септември, 2020 година, на порталот на МИА, во рамки на промоцијата на 41.број на „Лице в лице“, посветен на тема: рурален развој)