Јули 2020 година

Рефлексија од настан на „Зум“

Тема: Земјоделецот од иднината

Учесници:
Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери (НФФ)
Давид Неделковски, млад фармер од Раштак
Игор Поповски, производител на овчо млеко, с. Дихово
Илчо Даскалоски, производител на кравјо сирење, с. Мало Коњари
Цветанка Колева, „Биовита“, органско пчеларство, Кавадарци
Фросина Георгиевска, производителка на јаболка и координаторка на жени земјоделки во НФФ
Иван Вангелов, земјоделска задруга „Агро Богданци“
Душица Крстевска, победник на натпреварот „Зелени идеи“
Мирјана Димитров, „Слоу фуд Македонија“, производителка на ориз / иницијаторка на страница на „Фејсбук“ за продажба на земјоделски производи
Даниел Спасовски, Рурална коалиција
Модератор - Небојша Илијевски, консултант за комуникации и за одржлив развој


Стерeотипот дека постарите треба да го водат семејното земјоделско производство постепено се менува. Се менува и менталниот склоп дека сопственото семејно производство е доволно, дека нема потреба од нови машини, технологии или промена на култури што ќе се одгледуваат.
Се напушта традицијата „како што ќе каже дедо или тате“. Напротив. Младите сѐ повеќе ја земаат водечката улога, се прават идните планови за развој на семејната фарма, плантажа, лозје или целиот имот. Се едуцираат, се внесуваат напредни искуства, се купуваат трактори и нова механизација, се градат нови штали, се набавуваат приплодни грла овци, крави, кози, се обновуваат овоштарниците, лозјата... Се внесува и ново производство на храна.

- Не се согласувам дека ако си роден на село, само така можеш да се занимаваш со земјоделство и да си успешен - вели Давид Неделковски од Раштак, млад сточар, и додава дека со сточарство почнал да се занимава купувајќи 10 кози.
Сега има 60 кози и 20 јариња.
- Постојано учам и верувам дека со инвестиции, со здобивање доверба кај потрошувачот - мојот труд ќе се вреднува. Важно е да се живее во согласност со природата и да се модернизираат селата, со што тие сè повеќе ќе личат на градските средини. На тој начин и други млади ќе сакаат да живеат во руралните средини - вели предводникот на фармата „Кози млеко планина“.
Тркалото на прогресот почна да се врти. Некогаш со побрзо темпо, некогаш бавно, а понекогаш и мирува. Има повеќе фактори зошто е тоа така. И покрај многуте компаративни предности, ние сѐ уште само декларативно сме аграрна земја. За позасилен развој, меѓу другото, пречка се нерешените имотни односи или недостигот од државна земјоделска површина, несигурниот пласман, ниската цена, немањето приноси. Но, сѐ почесто и климатските  промени, недоволната употреба на соодветна агротехника, немањето работници, разурнатите системи за наводнување или нивното недомаќинско управување. Тука е и недостигот од инвестиции, и индивидуални и општествени, со исклучок на некои проекти од странски донации.
Земјоделството е трет сектор што придонесува во домашниот бруто-производ и со извоз од половина милијарди евра, во зависност од годините, е потенцијал што треба повеќе да се искористи. Освен што е финансиски поддржан со националните програми, тука е и европскиот буџет. Но, дали умееме  целосно да ги реализираме  проектите поддржани од  овие фондови? Каде греши државата, а каде земјоделците?
Желбата земјоделството да остане наш атрибут - постои, но за да имаме повеќе квалитетна храна, да живеат македонските села и да се задржат или вратат младите во нив -  потребно е многу повеќе.
Дел од предлозите за можни промени беа донесени низ генеративниот разговор на тема „Земјоделецот од иднината“, организиран на платформата „Зум“, кој е преточен во овој текст.

Целата тема е достапна во актуелното издание на „Лице в лице“ бр.41