Повик за промена на навиките, преземање лична одговорност, но, и барање одговорност и будност од институциите, беа дел од пораките кои беа споделени на интерактивната промоција „Лице в лице патување - од его кон еко“. Беше претставен новиот, 39-ти број на уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“, со што беше најавен и почетокот на дистрибуцијата во Тетово. Настанот се одржа денеска, во Едукативниот центар „Реа“, каде простории користи и социјалното претпријатие „InAcc“, како и „Милениум“, граѓанската организација во чии рамки функционира „InAcc“, а која е партнер на „Лице в лице“ во Тетово.
Присутните споделија решенија и добри практики во насока на унапредување на свесноста за заштита на животната средина.
- Земјава има 280 сончеви денови, планински предели со чист воздух, вегетација што плени, можности за развој на рурален туризам, обработлива почва... И многубројни предизвици - градови со загаден воздух поради човечка негрижа, нерамномерен регионален развој, висока стапка на невработеност, несоодветно менаџирање на отпадот. Спојот на предизвиците и на потенцијалите ќе ја раѓаат новата економија, која место да создава проблеми, ќе решава и ќе се развива за доброто на сите. А најдобрите резултати се постигнуваат кога се гради со заедништво и кога не постои јас, туку ние – сподели пред присутните, извршната директорка на „Паблик“ и главна уредничка на „Лице в лице“, Климентина Илијевски.
Еко-активистот Аријанит Џафери од „Еко Герила“ посочи дека е поминато времето кога очите на граѓаните треба да се вперат кон еколошките активисти или граѓанските организации кои работат во доменот на животната средина.
- Предизвиците што ни доаѓаат од климатските промени бараат ангажман на секој граѓанин. За да се намали негативното влијание, граѓаните треба да си ја вршат должноста и да си ги променат своите погрешни навики. Не може да очекуваме мал број активисти да ја спасат планетата додека секој друг си продолжува по свое – рече Џафери.
Драги Неделчевски, амбасадор на „Лице в лице“ во Тетово и голем поддржувач, изјави дека со уличното списание другарува повеќе години и се поистоветува со списанието:
- Го читам редовно и секогаш одвај го чекам новиот број. Во време на згаснување на печатените медиуми, во време на голем „шум“ од информации, во време на лажни вести, квазиполитика која вшмукува сè во себе... „Лице в лице“ останува да биде светилник, за мене, а сигурен сум и за многу други. Одамна чекав да почне да се дистрибуира и во Тетово, мојот град и тоа со една многу важна тема - екологијата. Да го поддржиме „Лице в лице“, да може и тоа да ни помогне нам!
Тетовчани, од денеска имаат можност да го купат списанието од член на организацијата „Центар за едукација и развој“ од Теарце, додека координацијата ќе се прави преку Кариерниот центар на Универзитетот на Југоисточна Европа.
Со оваа активност, која е дел од иницијативата „Лице в лице со граѓаните“, платформата за одржлив развој, во чии рамки излегува и списанието „Лице в лице“, задвижува кампањи за јакнење на свеста за повеќе теми кои се важни за граѓаните, а кои се во насока на поддршка на пристапниот процес на земјава кон Европската унија.
- Со грант од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка, овозможен преку проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија, го поддржавме „Лице в лице“ во обработка на теми кои се суштински за процесот на интеграција во Европската Унија.  Се надевам дека оваа соработка ќе помогне да се слушне гласот на граѓанските организации за теми кои се исклучително важни во процесот на интеграција во ЕУ, но се подеднакво важни и за подобрување на животот на граѓаните -  изјави Шерифе Исмаили Касапи од Канцеларијата на Обединети нации за проектни услуги – УНОПС која го спроведува проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија.
Новиот, 39-ти број на „Лице в лице“ се фокусира на нашата одговорност во заштитата на животната средина, потребата од координирана и сеопфатна борба со предизвиците кои ги носи загадувањето, решенијата кои се на повидок, како циркуларната економија и контролирањето на нашите консумеристички навики, совесно планирање на урбаните простори, решенија за надминување на климатската криза. Објавуваме и репортажа од Нова Каледонија, каде владеат принципите на одржливост, а за што ни сведочи режисерката на „Медена земја“, Тамара Котевска. Новиот број на списанието  носи и добри примери од странство, како потребата од етичка банка, толкување на Целите за одржлив развој како алатка за зајакнување на одговорноста на лидерите и многу други содржини кои влијаат и ја движат промената во нашето општество.
„Лице в лице“ е единственото улично списание кај нас и е едно од пионерските социјални претпријатија во земјава кое овозможува работна интеграција на потешко вработливи сограѓани. Списанието  чини  100 денари, од кои половина е заработка за продавачот.

Фотографии од настанот на следниот линк: https://bit.ly/3cbF97b
Фотограф: Драги Неделчевски