Доза вести

Повеќе од четири децении уметност: Почнува 37. Ликовна колонија „Галичник“

постер за Ликовна колонија Галичник со мото „Галичник како медиум“

Од 12 до 19 август, домашни и странски уметници ќе создаваат нови дела во рамки на 37. Ликовна колонија „Галичник“, која годинава се одржува под концептот „Галичник како медиум“.

Десет уметници од Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Косово, Австрија, Јапонија и Виетнам/Холандија од 12 до 19 август ќе учествуваат на 37. издание на Ликовната колонија „Галичник“, која годинава ќе се одржи под концептот „Галичник како медиум“. Освен творечкиот процес, програмата предвидува јавни разговори со уметниците и работилница за деца, а делата создадени за време на резиденцијата ќе бидат претставени на биеналната изложба во 2027 година.

Организаторите велат дека годинашниот концепт го поставува Галичник не само како инспирација, туку како активен учесник во создавањето на уметничките дела.

Галичник како дел од творечкиот процес

Наместо да биде само сценографија, селото оваа година се третира како медиум низ кој се обликуваат уметничките идеи.

– Планината, камената архитектура, природата, светлината, звуците, тишината, традицијата, локалните жители и колективната меморија стануваат рамноправни чинители во креативниот процес. Уметниците не доаѓаат само да создаваат дела во Галичник – тие создаваат со Галичник- велат организаторите.

Според нив, целта е просторот да се доживее како „жива лабораторија за современа уметност“, каде наследството не се набљудува само како минато, туку како активен дел од современото творештво.

Разговори со уметниците и работилница за деца

Покрај работата во атељеата, посетителите ќе можат да присуствуваат на презентации и разговори со учесниците на 14 и 15 август, како и на традиционалната детска работилница на 16 август.

– Современата уметност се доближува до пошироката публика и станува дел од секојдневниот културен живот- посочуваат организаторите.

Уметници од осум земји

На годинашното издание ќе учествуваат Нина Тодоровиќ и Предраг Терзиќ од Србија, Радостин Седевчев од Бугарија, Зденко Бужек од Хрватска, Арт Чибукчиу од Косово, Клеменс Гахтер од Австрија, Сами Каваниши од Јапонија, Фук Нгујен (Виетнам/Холандија), како и македонските авторки Елпида Хаџи-Василева и Кристина Пулејкова.

Организаторите очекуваат нивните различни уметнички пристапи и културни искуства да резултираат со нови дела што ќе ја збогатат колекцијата на Колонијата и ќе бидат претставени на биеналната изложба следната година.

Речиси четири децении континуитет

Ликовната колонија „Галичник“ се одржува веќе 37 години и досега обединила повеќе од 400 уметници од земјава и од странство. Низ годините создаде обемна колекција на современа визуелна уметност, а од традиционален ликовен пленер прерасна во меѓународна уметничка резиденција.

– Колонијата не продуцира само уметнички дела туку создава знаење, истражувања, нови уметнички практики, трајна музејска колекција и меѓународни професионални мрежи што продолжуваат да живеат и по завршувањето на резиденцијата. Затоа Галичник не е само место, туку е и медиум – велат организаторите.