Маалски фестивал 5.0 во Скопје: Три дена уметност, соседство и заедничко создавање
Од креативно пишување и ботанички графики до изградба на куќички за улични кучиња, чуднозвучни инструменти и колективно везење, јубилејното издание на Маалски фестивал ја слави културата како простор за заедништво, грижа и учество.
Јубилејното петто издание на Маалски фестивал го отвора прашањето како изгледа градот кога културата се создава заедно со луѓето што живеат во него. Од 10-ти до 13-ти јуни, Паркот на Франкофонија и Центар „Јадро“ во Скопје ќе станат простори за средби, разговори, учење и заедничко творење, преку програма која ги поврзува уметноста, соседството и грижата за заедницата.
Наместо класичен фестивалски формат, Маалски фестивал 5.0 нуди серија партиципативни работилници во кои посетителите не се само публика, туку активни учесници.
– Фестивалот е замислен како инклузивна иницијатива што преку уметноста ги поврзува различните генерации, соседства и општествени групи, создавајќи простор за средба, соработка и активно учество во културниот живот на градот. Без разлика дали сте дете, родител, љубопитен сосед, уметник, музичар или едноставно сакате да запознаете нови луѓе и да создадете нешто заедничко, сигурни сме дека ќе најдете работилница за себе – велат организаторите.
Маалски приказни и невидливи архиви на градот
Фестивалската програма започнува со работилницата „Маалска архива“, која ја води авторката и едукаторка Марија Бошковска. На 10-ти и 11-ти јуни, од 17 до 19 часот во Паркот на Франкофонијата, дена учесниците ќе истражуваат како се создаваат лични и колективни приказни за градот преку разговори, набљудување и собирање траги од секојдневниот живот.
Работилницата има за цел да ги отвори прашањата за меморијата на маалото, за луѓето и местата кои ретко влегуваат во официјалните градски хроники, но се суштински дел од идентитетот на заедницата.
Што сè се случува во оние неколку минути пред акција?
Во Центар Јадро ќе се одржи и работилницата посветена на процесот на кастинг, self tape и анализа на зададена сцена за аудиција, наменета за сите што сакаат да се запознаат со актерската работа пред камера.
Под менторство на познатите актерки Наталија Теодосиева и Тамара Ристоска, учесниците ќе имаат можност да работат на аудициски сцени, да учат за современите кастинг-практики и да го истражуваат сопствениот актерски потенцијал преку практична работа и анализа.
Оваа работилница е на 13-ти јуни, од 15 до 19 часот. Пријавите може да се направат на овој линк.
Куќички за маалските кучиња како чин на заедништво
Паркот на Фанковфонијата, на 12-ти јуни од 15 часот и на 13-ти јуни од 11 до 18 часот ќе биде местото на една од најопштествено ангажираните активности на фестивалот – работилницата за изработка на куќички за улични кучиња, која ќе ја води културниот работник Никола Писарев.
Учесниците заеднички ќе проектираат, изработуваат и осликуваат куќички за животни кои живеат во маалата на Општина Центар. Иницијативата не е замислена само како практична помош за животните, туку и како симбол на солидарност и грижа за заедничкиот простор што го делат луѓето и животните.
Пријавата за оваа работилница е на овој линк.
Тајната ботаничка градина на маалото – работилница за деца и родители
На 12-ти јуни, од 17 до 19 часот пак, Паркот на Франкофонија ќе се претвори во мала графичка лабораторија на отворено преку работилницата „Тајната ботаничка градина на нашето маало“, наменета за деца и родители.
Под водство на уметниците Доротеј Нешковски и Ана Трајковска, учесниците ќе ги истражуваат формите и текстурите на растенијата од паркот и ќе ги претвораат во графички отпечатоци. Работилницата ќе заврши со заедничка изложба на отворено, поставена меѓу дрвјата во паркот.
Музика од предмети што никој не ги очекува
Креативното експериментирање со звукот е во центарот на работилницата за изработка на чуднозвучни инструменти, која ја водат уметниците Владимир Лукаш и Љубиша Камењаров. Работилниите ќе се одржат на 12 јуни од 11 до 16 часот и на 13-ти јуни од 16 до 18 часот во Паркот на Франкофонијата.
Учесниците ќе создаваат инструменти од секојдневни предмети и ќе истражуваат нови начини на создавање музика. Процесот ќе кулминира со јавен настап на оркестарот „Чуднозвучни инструменти“, кој ќе биде на 13 јуни од 18 часот.
Колективно везење како архива на присуства
Последниот фестивалски ден, 13-ти јуни од 17 до 18 часот ќе биде одележан со отворената работилница за колективно везење „Бескрајна циркулација помеѓу сонот и преживувањето“, која ја води младиот уметник Аммар Качар.
Посетителите ќе можат да остават свој бод на голема текстилна површина што постепено ќе се претвора во колективно уметничко дело. Без однапред зададен цртеж или форма, секој учесник ќе стане дел од процес што ги поврзува личните приказни, сеќавањата и искуствата во една заедничка визуелна архива.
Концерт на „Искра“ ќе го затвори јубилејното издание
Финалната вечер на Маалски фестивал ќе заврши со концерт на „Искра“, кој ќе се одржи на 13-ти јуни од 22 часот во Паркот на Франкофонијата. Препознатливи по спојот на синтвејв, електронска музика и метал, надополнет со силен визуелен идентитет, „Искра“ создава аудио-визуелни настапи што оставаат силен впечаток и долго по последниот тон.
- Што ги движи протестите и зошто општествените движења не се само левичарски каузи?
- Патувачкото кино на „МакеДокс“ повторно тргнува низ Македонија: Бесплатни проекции во шест места
- Историски успех: „Приказната за Силјан“ е првиот македонски филм номиниран за наградите „Еми“
- „Зрно“ 2026 ги претставува избраните автори од меѓународниот отворен повик
- Книгите не можеме да ги вратиме, но можеме да помогнеме „Антолог“ да создава нови