Имам чувство дека сега сѐ се чита и разбира само на површината, а дека детската фантазија е пасивизирана од преголемите дразби и трпи дефокусираност. За да се подобрат читачките навики, потребно е да се реорганизира и пристапот кон лектирната литература. Да се подобри и дизајнот, јазичните конструкции, затоа што сега децата се дополнително визуелно напредни. Мора да добијат целосен „пакет“ во тоа што им се нуди за да ги заинтересира, да им го разбуди вниманието и да го читаат.

Социјалните медиуми се секојдневие на речиси повеќе од половина од светската популација, велат наодите од истражувањaта на провајдерите за податоци на пазарот и за потрошувачите „Statista.com“. Бројот значително расте(л) паралелно со порастот на пандемијата.
Најголем процент од корисниците на социјалните мрежи се младите, родени по 1996 година, кои еднакво добро комуницираат и во реалниот и во виртуелниот свет. Но, тоа што е специфично за нив, како една од карактеристиките на генерацијата од дигиталната доба, се и новите читачки навики, кои постепено се менуваат, како што се развива и дигиталната технологија.

За нивниот пристап кон книгите и читањето, но, во релaција со интернетот и социјалните медиуми, разговараме со инспиративната Ана Голејшка-Џикова, поетеса и авторка на книги за деца.

Отворивме прашања за важноста и за придобивките од читањето, за тоа кој е најдобриот начин да се заинтригираат младите за книжевноста, какви промени се потребни во формалното образование за да се поттикнува љубовта кон читањето, која е улогата на родителите, а која на социјалните медиуми во светот на книгите, за книжевните аудиоизданија, и многу други...

1. Истражувањата велат дека младите сѐ помалку читаат традиционални книги и сѐ повеќе претпочитаат куси форми, и тоа на дигиталните платформи. Тоа е реалност што ја наметнува времето на дигиталната Z генерација. Кој, според Вас, би бил најдобриот пристап кај нив да се иницира, поттикнува и негува љубовта кон книжевноста?  Како да се подобрат нивните читачки навики?
- Ќе звучи изветвено, но, мора да се почне од дома, од почетокот. Децата го осознаваат светот преку  јазичната комуникација, а кога им се чита од најмала возраст, бенефитите не изостануваат. Сето тоа треба да се негува и кога веќе малото дете станува свесен млад човек, ќе има вовед, внимание и желба да чита и да учи повеќе. Тоа што е, за жал, сурова реалност е инстант-живеењето, кое неминовно ги трансформираше навиките на младите (но, не и само на младите), а меѓу нив е и читањето, разбирањето на тоа што се чита. Имам чувство дека сега сѐ се чита и разбира само на површината, а дека детската фантазија е пасивизирана од преголемите дразби и трпи дефокусираност. За да се подобрат читачките навики, потребно е да се реорганизира и пристапот кон лектирната литература. Да се подобри и дизајнот, јазичните конструкции, затоа што сега децата се дополнително визуелно напредни. Мора да добијат целосен „пакет“ во тоа што им се нуди за да ги заинтересира, да им разбуди внимание и да го читаат. Дури и киндл-форматот може да биде добронамерна опција, со цел да се развие потребата за читање, на дигитален начин, кој сега им е поблизок, сакале ние или не.

2. Сметате ли дека нашето образование го нуди моделот што соодветно ја буди љубовта кај младите за книжевноста? Што е неопходно да се направи за поуспешно да ги заинтригира?
-
Потребно е да се вмрежат образовните институции со сите домашни автори што пишуваат за деца и за млади. Не само поради полесно пренесување на вредноста, потврдување и промовирање на домашната книжевност, туку и за создавање некакви стандарди, кои во светот се многу високи и се една масивна, квалитетна и обемна продукција. Заинтригиран читател е тој што не мора да лута, туку има избор што му е јасно и прецизно презентиран. Оттаму ја споменав и идејата со дизајнот, визуелниот приказ, добриот јазик и превод. Доколку се направат сериозни реформи во кои образованието би се отворило кон книжевно реконструирање и сфаќањето на читањето, верувам дека би имале многу повеќе љубители на книгите. Да не биде само она „книгата е најдобар пријател“ како флоскула, ами навистина да се всади чувство дека кога некој чита, навистина прави добро за себе и за светот во кој чита.

3. Зошто е важно навиката за читање да се гради од најрана возраст? Која би била Вашата препорака за бенефитите од тоа, посебно наменета за родителите, како сојузници на младите во ваквите потфати? Како повеќе да ги инспирираат?
-
Како авторка и мајка, мојата најсилна препорака е – читајте им, читајте им и само читајте им на вашите деца! Сите приказни што ги знаете и не ги знаете, пренесете ги. Измислувајте, цртајте им ликови, креирајте ваши лични приказни. Децата го слушаат и впиваат светот во кој растат, а тој најдобро се развива со читање. Разговарајте за омилените книги, ликови, за нивната улога. Најголема инспирација можат да ви бидат и самите ваши деца. Се изненадувам некогаш како ќерка ми измислува и комбинира приказни што ги слуша, па заедно си креираме нови светови. Сѐ лежи во заедничката желба да посветите барем мал дел во денот и да им дадете нова перспектива на старите приказни.

4. Во светот постојат иницијативи што настојуваат да ги следат потребите и природата на новата дигитална генерација, со тенденција да ги упатат на неопходните вредности и навики за читање, на начин што е приспособлив за нив. На пример, има иницијативи за читање новели на „Инстаграм“, чијашто цел е да охрабри повеќе луѓе што се на социјалните мрежи да го искористат своето присуство таму и за читање книги. Што мислите за ваквиот концепт за доближување на светските дела до младите? Може ли технологијата да им биде вистински партнер ако соодветно се користат нејзините предности? Имаат ли социјалните медиуми моќ да ги подобрат читачките навики?
- Ми се чини дека оваа теорија е меч со две острила затоа што не знаеме што ќе создаде новата генерација како тип на однесување, разбирање и учење. Можеби ќе имаат нов пристап, за нас непознат, но ним ќе им функционира. Можеби ќе донесе ера на преџвакани, рециклирани информации и ќе се изгубат одредени навики што биле дел од концептот на читање. Секое време носи свои предности и мани, но мислам дека социјалните медиуми само ја збија сликата, ја „напикаа“ во тесен простор, во краток формат, во скусена реченица, гиф, меме. Тоа не значи дека читањето ќе исчезне, туку, просто, ќе смени форма. Не сум поборник на таквата „глува“ комуникација, а сум сведок на неа кога разговарам на социјални мрежи со помлада популација. Едноставно, тоа им е навика, така го разбираат и учат светот, преку визуелни претстави, гифови и со што помалку зборови.

5. Групите за размена на книги на интернет, читателските клубови, настани... сето тоа има некоја интерактивна нота на социјалните мрежи. Колку тоа го зголемува интересот кај младите за пишување, творење, со оглед на тоа дека директно ги ангажира?  Од друга страна, пак, која би била лошата страна на „книжевноста на интернет“?
- Сите овие формати постојат и, навистина, тераат одредено темпо бидејќи такви се околностите. Тоа што недостига е физичкиот контакт, реакцијата бидејќи книжевноста некогаш си бара сцена, си бара разговор, дијалектика, споделени емоции / мисли, кои со трансферот на интернет се губат низ етерот. Но тоа не значи дека тоа ја „влошува“ книжевноста, напротив, дава порив да се надминат и ваквите светски кризи и да се твори и да се дознава и создава. Неверојатно е колку пркосот е присутен, само треба да се види и да му се даде шанса да стане активен.

Прочитајте го целиот текст во 45-тиот број на Лице в лице