Изборот за неделна прошетка падна токму на оваа локација. На 50 километри од Скопје, лесно достапна за рекреативци, но привлечна и за алпинисти, Бислимска Клисура е релативно непознато место што нуди природни убавини и можност за нова авантура.

Текст и фотографии: Марија Ѓурчиновска

Пчиња, река што извира во соседна Србија и по својот пат, до крајната дестинација Вардар, поминува еден сосема обичен пат – низ села, долини, планини. На овој пат, сепак, има едно мало необично место. Реката спокојно поминува, но над неа се издигаат карпести предели правејќи прекрасна симбиоза и создавајќи една живописна локација.
На само 15 минути од Куманово е лоцирано и селото Пчиња, кое нуди прекрасен поглед на оваа локација. Мала, но живописна клисура, е најдобриот начин да се опише Бислимска Клисура.

Природни убавини и можност за нова авантура


Откривањето нови места носи посебно задоволство и возбуда. Светот е огромен и исполнет со убавини што не можеме ни да ги замислиме, но и нашата држава е полна со такви, неоткриени места. Затоа, омилена викенд-активност ми е токму тоа, откривање ново ќоше на оваа планета Земја. Откако од повеќемина ќе слушнеш дека има една интересна клисура кај Куманово, ќе ја ставиш на агендата и ќе чекаш вистински момент за посета.

Едно неделно сончево утро решивме дека е време да ги откриеме тајните на Бислим и се упативме натаму. На 50 километри од Скопје, лесно достапна за рекреативци, но привлечна и за алпинисти, Бислимска Клисура е релативно непознато место, кое нуди природни убавини и можност за нова авантура.

За оваа клисура некој ќе рече и дека е мал кањон, и нема да погреши. Со своите високи карпести предели, токму на ова место таа потсетува на кањон. Реката Пчиња сосема мирно и спокојно си тече по својот пат и во меѓувреме ги дели карпите на два дела. Таму горе, во најразновидните карпести релјефи се кријат многубројни пештери, пропасти, остатоци од антички градби, кои сведочат дека ова место одамна било живо и населено. Разновиден растителен и животински свет, што прави вистинска авантура од истражувањето на ова место.

Рај за љубителите на карпа


Сонцето и првите мали цветови ни се потсетници дека доаѓа пролетта и ни се показател дека ова ќе биде еден убав ден. И така е! На излез од селото Пчиња се наоѓа влезот во клисурата. На повеќе локации има информативни табли, а патеката на движење е соодветно обележана. Набрзо, по влезот, нè пречекува високо издигната карпа, а таму гледаме повеќе спортски качувачи, кои уживаат во вертикалите што ги нуди ова место. Рај е и за љубителите на карпа. Гледаме повеќе насоки за качување и јасно е дека ова е совршено место за овој адреналински спорт. Но, и за тие што, сепак, не се искусни во екстремните спортови.

Ова место е совршено за сите, и за мали деца и за повозрасни, но и за планинари и за љубители на адреналин. Доколку си кондициски подготвен може со часови да ја истражуваш оваа природа, но ова место е идеално и за љубителите на кратки прошетки. Мала прошетка низ клисурата и излет со добро друштво е рецептот за совршен ден.


Прочитајте го целиот текст во 45тиот број на Лице в лице, купете ТУКА