Фотографии: Кирил Шентевски

Заедничкото градинарство станува сѐ почеста појава во градските и во приградските средини низ светот. Секоја заедничка градина е различна приказна што ја развиваат градинарите во согласност со нивните потреби, вредности и способности, во зависност од дадените услови за градинарство на самото место.

Низ светот, најчестиот облик на самоорганизирани заеднички градини последниве 30-тина години е моделот на општествените градини (англ. community gardens). Тоа јасно укажува дека потребата oд заедничко градинарство се развива не само во подземниот и во надземниот слој од почвата, туку се проткајува и во сложената мрежа на општествени, културни, економски, па и политички односи што засегаат суштински прашања и надвор од градините, во секојдневниот живот на граѓаните.

Историски гледано, општествените градини во градовите играат најзначајна улога во кризни или воени периоди, кога е најизразена потребата од непосреден пристап до храна, па така има примери кога градовите издржувале напади и опсади благодарение на градините, или, пак, во повоениот период обезбедувале уште по некој дополнителен залак. За жал, мора да се соочиме со фактот дека допрва ни претстојат кризни периоди, со оглед на еколошките, климатските, ресурсните, економските и геополитичките предизвици.



Прва урбана градина во Скопје

Обиди за слични облици на градинарство може да се препознаат и во Скопје, во повеќе наврати. На пример – градините во населбата Карпош 3 во доцните 1970-ти и во раните 1980-ти години, или градините покрај кејот на реката Вардар во населбите Аеродром и Ново Лисиче во 1990-тите години, од кои уште има мали остатоци во Ново Лисиче – во двата случаја тоа се спонтани градини на јавни површини без дозвола од градските власти, произлезени од потребата на граѓаните, стихијно применувајќи привремени просторни тактики без долгорочни очекувања.

Посвежи се примерите како Екопаркот покрај кејот на реката Вардар во населбата Карпош 4, во текот на 2008-2009 година, или градината во дворот на ЦСИ „Надеж“ во Шуто Оризари за образовните потреби на децата од населбата, кои го посетуваа центарот во периодот 2014-2016 година. Двете градини се осмислени и изведени од граѓанската организација „Зелената арка“, применувајќи ги принципите на пермакултурниот дизајн.

Kонечно, во 2019 година Град Скопје ги препознa вредностите и придобивките од здруженото градинарство и го објави повикот за соработка со граѓанските организации, за да се формализираат градинарските тенденции на граѓаните преку проектот насловен „Развивање прва урбана градина во град Скопје“.  Како исход од соработката, „Зелената арка“ ја осмисли и изведе општествената градина „Бостание“, во рамките на паркот Лисиче во Скопје, покрај кејот на Вардар. „Бостание“ е простор наменет првенствено за одгледување градинарски култури и други едногодишни или повеќегодишни јадливи растенија, каде што граѓаните на Скопје заедно можат да градинарат и плодовите да ги употребуваат при личната исхрана.



Обуки за градинарство засновани на пермакултурните начела

По првиот јавен повик за учество во општествената градина „Бостание“, во 2019 година, се пријавија повеќе од 160 граѓани со желба заеднички да градинарат. Бројот на заинтересирани беше петпати поголем отколку што можевме да понудиме на просторот од 3.000 м2. Па така, по трите средби за запознавање со пријавените, при разговорите за тоа каква градина посакуваат, дојдовме до заеднички заклучок дека треба да понудиме две можности за учество – едната за учесниците што своето градинарско внимание може да го посветат на определени 50 м2 во текот на една календарска година, другата за учесниците што повремено може да работат на различни делови од општиот заеднички простор со површина од речиси 1.500 м2. Врз основа на досегашното искуство со можностите на учесниците посветено да работат во градините во текот на целата година, согледавме дека за новите учесници, кои се почетници и немаат значително градинарско искуство, би било пригодно да им се понуди пробен период за приспособување и за здобивање дополнителни градинарски вештини на помала површина од 50 м2. Со ваквиот пристап почнуваме сезонава, затоа што така воедно се отвора простор за повеќе учесници и се олеснува товарот на одговорноста за цела парцела во период од една година. Згора на тоа, со годишната програма на образовни содржини во градината, определивме позачестени работилници и обуки за градинарство засновано на пермакултурните начела.



Создавање градинарска заедница

Клучната вредност на „Бостание“ е заедничкиот потфат на граѓаните самите да се научат да градинарат и да си одгледуваат одредено количество растителна храна. Тоа нуди можност за хоризонтална размена на знаења и искуства во доменот на животните вештини, па покрај секојдневната социјализација во градинарските групи да се создаде и градинарска заедница. Притоа се менува карактерот на јавните зелени површини од претежно украсни растенија во плодоносни растенија со повеќеслојна функционалност што придонесува за подобрување на квалитетот на животот, создавајќи амбиент што нуди поткрепа од нутритивен и од психолошки аспект. Така, заедничкото градинарство може да разбуди и чувства на заедништво, припадност, зголемена самодоверба, можности за граѓанска самоорганизација. Секако, тоа може да прерасне и во убав пример што поттикнува слични иницијативи на други места.
Една од целите на градинарството во градско подрачје на јавен простор е да се предочи и ползува потенцијалот за одгледување рстенија за исхрана што поблиску до живеалиштата на граѓаните. Така храната станува подостапна и се намалува загадувањето и трошокот на фосилни горива, што, инаку, се подразбира при транспортот на зеленчук и на овошје надвор од градот до продавниците. Друга цел е да се поттикне пренамената на тревниците во градини со јадливи растенија за да се поткрепи локалното население со локално произведена храна, за така долгорочно да се зголеми отпорноста и приспособливоста на заедниците во однос на претстојните еколошки, климатски, социо-економски, здравствени или политички кризи, слични на тековната предизвикана од пандемијата. Така полека се зачекорува и кон прехранбениот суверенитет како крајна цел.
Организациските начела во општествената градина се во согласност со пермакултурните принципи, па подразбираат споделена одговорност за уредувањето и одржувањето на просторот, отвореност кон различни придонеси и предлози од сите учесници, заедничко донесување одлуки. Така, на една од месечните координативни градинарски средби, меѓу другото, донесуваме одлуки да ја именуваме општествената градина – „Бостание“. А дали ќе го прифатиме слоганот „Крт или лобода!?“ останува да видиме на некоја од следните средби.



„Бостание“ – упориште на живиот свет и агробиодиверзитетот

Придобивките од градинарството, особено во организирана група, се многубројни. Освен стекнувањето нови вештини, нови познанства, можност за активен и плодоносен одмор,  во општествената градина „Бостание“ може да се разменуваат и одржуваат локални автохтони сорти на семе од градинарски култури, да се учествува на работилници и обуки за градинарство, агроекологија и пермакултурен дизајн, да се одвива хортикултурна терапија како оддишка од секојдневната градска бркотница, да се работи на безбедно физичко растојание, без социјалната дистанца, да се одржуваат едукативни посети и културно-уметнички настани поврзани со градинарството и со заштитата на животната средина.

Исто така, имајќи предвид дека при бербата се лачи допамин, а при допирот со почвата може да се внесе бактеријата Mycobacterium vaccae што придонесува за зголемено излачување серотонин, може да се каже дека градинарството и на биолошко ниво, покрај полезната физичка активност, нуди и можност за хормонално урамнотежување.

Од друга страна, „Бостание“ полека се развива и во простор за општествено дејствување со поширок опсег и одржување културно-уметнички настани. Досега одржавме меѓународна средба на претставници од регионални иницијативи за зачувување на семенскиот материјал од одомаќинетите градинарски култури, во соработка со здружението „Фабиа ЦСБ“. Група уметници во градината го изведе партиципативното  уметничко дело „Симбиом“, во соработка со градинарите, проследено со презентација на опусот на еден од уметниците. Група поети и музичари одржаа рецитал со градинарски мотиви, а во најава се и други слични збиднувања.



Самата местоположба на градината поттикнува преиспитување и толкување на односите во јавниот простор. Затоа што „Бостание“ расте долж линијата на триење меѓу населбата Лисиче и Ново Лисиче, што од гледна точка на пермакултурниот дизајн буди особен интерес поради потенцијалот на работ меѓу две различни тенденции да се изроди нов сооднос и можности, додека се одвива заемна размена меѓу различните состојби од двете страни.

Освен тоа што во „Бостание“ се преплетуваат две култури, еднатa урбано врамена меѓу зградите на Ново Лисиче, другата периурбано спонтана низ сокачињата на Лисиче, тука меѓу плевелот се сопоставуваат и парковското украсно зеленило наспроти градината со јадливи култури, а во поглед на временските слоеви на местото може да се проследи развојот од мочуриште во ниви, па од ѓубриште во парк, сè до општествената градина. На тој начин, „Бостание“ прераснува не само во упориште на живиот свет и на агробиодиверзитетот, туку и жариште што опрашува и расејува идеи за слични иницијативи во јавниот простор.



(Авторот е член на „Зелената арка“)