Фотографии:Mustseedonia, Scout Camp, SharOutdoors, Бојан Шашевски, 


Сфаќањето за убавините на земјата се изменија со пандемијата, кога граѓаните беа принудени да тераат одмор во границите на Македонија. Домашни туристи и авантуристи не само што тргнаа  да откриваат нови локации, туку почнаа и да ги реосмислуваат своите навики и планови за патување – активен и авантуристички одмор, место класично лежење на плажа со цел арсенал од кремови и масла против УВ-зрачење. Тоа што домашните организации го нудат како тури, како доживување, веќе е станато туристичка реалност. 


Едрење и истражување на дното од Охридско Езеро 

Искуствата од изминативе години ми покажаа дека планините нудат велосипедизам, планинарење и јавање коњи, кампување во природа место во бучава, додека езерата – рекреација на вода. Истовремено, автентичните македонски предели се задолжителна станица за тие што сакаат да комбинираат активен и културен туризам. 

Можеби, најдобро е да почнам со Охридско Езеро, поим за туристички центар под капата на УНЕСКО. Хотелите и плажите се едно, но кампувањето овде е сосема друга димензија за патниците. Следејќи ги примерите од поразвиените туристички дестинации, факт е дека сѐ повеќе локални жители се ориентираат кон активен туризам, што сега важи и за обновениот „Scout Camp“, кој им нуди на гостите активен одмор. 

- Значи, тоа што кај нас сѐ уште важи за некаква практика - доаѓаш на одмор, добиваш соба, лежиш по цел ден, или си на плажа – тоа е веќе надминат концепт во светски рамки - вели Никола Кукунеш, менаџер на „Scout Camp“ од Струга. 

Кукунеш некои го знаат како професор по македонски јазик и литература, преведувач и вљубеник во фотографијата. Но, Кукунеш на пролет и во лето ќе го најдете токму во кампот. Тој е растрчан наоколу, ангажиран за планинарски тури по Јабланица, велосипедски тури по охридското крајбрежје, или за кајакарење по Дрим со спортски кајаци.

Сето тоа додека гостите се легнати во шатор под сенка, или во куќичките на дрво, додека птиците од старите борови го усовршуваат репертоарот. Тука сѐ е мирно. Некој чита книга во хамок, друг го паркира изнајмениот велосипед враќајќи се од пазарот на Струга. Има гости од сите делови на Македонија, има и странци. Туристи дојдени за неколку денови активен одмор или за кампување во извиднички амбиент. За сите по нешто. 

- Нуркањето е, исто така, забавно. Постојат курсеви за почетници, но и за напредни нуркачи. Организирани со инструктори со сертификат според меѓународни стандарди. Се нурка на неколку убави локации, претежно на струшката страна. Незаборавно искуство! – посочува Кукунеш. 



Возење електричен велосипед и јавање коњ на Шара  

Дека времето поминато во природа е време на ментално отпуштање и телесна релаксација покажуваат искуствата на „SharOutdoors“. Ова е тим луѓе со идеја за еколошко и одржливо користење на природните ресурси. Независно дали се тоа зимски тури, или летни доживувања, желбата е да им се покаже на туристите да пробаат и истражат нешто поинакво. Луѓето првично се концентрирани на Шар Планина, иако работат на територија на цела Македонија. Како оригинална летна туристички услуга се посочува возењето електрични велосипеди на Шапка. Најпопуларна е турата во Долна Лешница. 

-Тоа е планински пат, кој поминува низ најубавите предели низ Шар Планина. Попатно се посетува бачило, се дегустира традиционално овчо сирење, се оди до Долна Лешница, каде што има кратка пауза. Си правиме кафенце, и потоа до кадите на реката Кривошија. Таму има убав водопад, кој паѓа во карпа внатре во пештера – раскажува Методи Чилиманов, менаџер на „SharOutdoors“. 

Оваа велосипедска тура поминува низ селата Бозовце, Вешала, Бродец... Долга е околу 40 километри, со траење од шест часа. Е-велосипедите може да ги вози кој било човек, без разлика дали е физички подготвен. 

-Можеме да комбинираме и семејства. На пример, можеби само мајката е фит, а децата и таткото не се толку фит. Понатаму, поголеми друштва, кои се делумно спортски активни. Буквално ги изедначуваме разликите меѓу луѓето, за заедно да бидат активни – објаснува Чилиманов.  
Има можност и за комбинации на е-велосипеди со планинарење. Може и со јавање коњи, во соработка со бачилото и со биофармата „1 Мај“. Овде еден од објектите е изграден со забетонирани дрвени трупци, а шумската летна идила ја даваат дрвените клупи и маси со поглед кон стотици зелени елки и борови на пределот Јелак. Домаќините ќе понудат препознатливи млечни производи, изразено жолт качамак и домашно меко лепче со крцкава кора.
Турата со коњи се прави во зависност од тоа колку луѓето сакаат да јаваат. Два-три часа, најчесто околу Попова Шапка, во правец до шипковички бачила и, генерално, низ планински предел. Малку шума, повеќе отворена планина. Едноставен терен за јавање. 




Самоводечки тури во Мариово 




Регионот Мариово не е познат само по Итар Пејо, селанецот со извонредна снаодливост и со духовит начин за соочување со незнаењето, мрзливоста и ароганцијата на луѓето. Мариово е избор и за полнење на батериите и за прошетка во природа. Со густина на население од помалку од четири жители на еден квадратен километар, Мариово за пандемијата беше идеално за физичко дистанцирање и, уште поважно, подобрување на имунитетот и на менталното здравјe.  

Неодамна се запознав со проектот „Рурална авантура“ на здружението „Off Road Macedonia“. Преку самоводечки тури, сега имате можност да поминете еден-два дена со своите најблиски во Мариово, со мобилниот во рака како ваш водич. 

Јове Парковски од „Off Road Macedonia“ објаснува дека се направени содржини за 35 локации во битолскиот дел на Мариово, под Општина Новаци. Апликацијата што се користи за самоводечките тури е преведена на македонски, англиски, француски, германски, како и на знаковен јазик. 

- Следен чекор беше создавање аудионарации, кои збогатени со квалитетни фотографии, 360 степени виртуелни прошетки и видеа, ќе послужат за подобра промоција на регионот и за обезбедување повеќе информации за посетителите – објаснува тој. 

Четири од ваквите тури се пешачки, а две велосипедски, што водат во селата Будимирци, Градешница, Градешка Река, до тврдината Пешка, до манастири и цркви... Ако застанеш со велосипедот покрај црквата „Св. Димитрие“, ќе дознаеш дека потекнува од 14 век, нејзината приказна. Потоа, што се случило со локалниот мост, зошто е важно Добро Поле...

„Off Road Macedonia“
, меѓу другото, нуди и т.н. „guided tours“. Најмногу се бара токму Добро Поле. Со тамошната битка, вели Парговски, практично завршила Првата светска војна. Друга локација е реката Белица, каде што можеш да пиеш вода како Индијанец. Недопрена природа, нема никакво загадување, можеби поминува само еден човек месечно. 

Прочитајте и за другите организации низ земјава  во 46-тиот број тука: