Во компаниите сме преокупирани со културни разлики и со хиерархија и постои безволност кај луѓето. Истите тие луѓе, за време на викендите може да ги видите како собираат ѓубре или цртаат слики од прекрасни светови во кои сакаат да живеат. Меѓутоа, кога ќе се вратат на работа си ја ставаат онаа маска „работа“ и нивната вистинска личност се крие

Вредностите што се потребни за вработување во 21 век, улогата на бизнисот во одржливиот развој, промените што ги доживува светот откако живее во пандемија и за многу други аспекти што се вредни за отворање нови бразди во мозокот, разговараме со Чарли Фелгејт, лидер за визија на компанијата за спортска облека „Декатлон“ од Франција.
Фелгејт беше меѓу главните говорници на Форумот на добри компании, каде што, меѓу другото, зборуваше и за донесување нови информации до претпријатијата, кои се поврзани со иднината на работните места, но и за подигање на свеста за нивната улога за инклузивни општества и за инклузивни работни места, кои нема да создаваат нееднаквост, туку ќе придонесуваат кон одржлив развој.



Какви се позициите на „Декатлон“ во однос на иднината на работата, во контекст на работните места, но и од аспект на личноста, на човекот. Што е потребно, особено за лицата што тешко можат да се вработат?

- Кога ја поставувавме визијата на „Декатлон“, тргнавме со една вежба и многу зборувавме за иднината на работата, на работните места.  На крајот, увидовме дека, во суштина, зборуваме за иднината на луѓето, па така го преименувавме концептот. „Декатлон“ е многу интересна компанија, 15 проценти од компанијата е во сопственост на  вработените. Се трудиме секој вработен да е, всушност, и сопственик, со тоа добиваме и поголема ангажираност од нив. Веруваме во континуирано учење, развој и размена на вештините. Зајмив еден професионалец од мојот тим, кој изминативе шест месеци работи во локална стартап-компанија, која се занимава со инвестиции за еколошки проекти. Ним им требаше експертиза, мојот тим ја имаше, го применивме овој начин. Ова е тенденција, ќе се случува почесто.

Која беше намерата на овој потег?


- Тие се мала компанија, која нема доволно ресурси. Поради ковид-19, некои наши проекти се во мирување. Аксел, тоа е вработената што ја дадовме на заем на стартапот, беше одушевена. Одеднаш, таа, од масивен индустриски гигант, своите знаења и експертиза можеше да ги споделува со некој, кој штотуку почнува. Истовремено, таа учеше некои алатки во менаџментот, како LEAN, кои, пак, ние сме заборавиле да ги користиме бидејќи сме преголеми. Таа беше одушевена дека тие донесуваат одлуки за нешто во рок од еден час. Секако, тоа здобиено искуство ќе го донесе назад во „Декатлон“. Ова е феномен што ќе продолжи – многу компании ќе го прават истото.




Дејствувате како интраприемач во компанијата и го имате сменето размислувањето во однос на иновациите и на визијата за вашето препознатливо име. Така, што треба да имаме предвид секогаш кога е потребна промена во начинот на размислување?

- Секогаш се работи за луѓето. Ние вработуваме врз основа на вредностите на луѓето, а не на квалификациите. Не ни знам какви квалификации има мојот тим затоа што луѓето се одбрани поради нивните вредности. Четирите главни вредности важни за нас се виталност, одговорност, дарежливост и автентичност. Тоа што го имам забележано е дека луѓето не се автентични. Ја применуваме методологијата „Теорија У“, која посочува дека чувствуваме кога нешто надоаѓа.  Постои група луѓе што сакаат да реагираат, но поради одредени причини  не го прават тоа, па тргнуваме од овде. Сите знаат дека климатските промени ќе ја убиjaт биолошката разновидност и нас заедно со неа, но, сепак, што правиме во однос на тоа? – Не многу! Пандемијата на ковид-19 нè засега сите нас, па затоа реагираме толку брзо и ефикасно. И затоа правиме толку многу нешта за другите, тоа е проблем со кој се соочуваме. Кога ќе погледнеме на еколошките и на другите прeдизвици, гледаме дека тоа ги засега луѓето. Тие се во позиција да направат нешто во врска со ваквите предизвици во нивниот личен живот, но во професионалниот не прават ништо.
„Теорија У“ ми посочи да ги гледам нештата поинаку.  Имаше два начина, првиот беше да се вклучат сите засегнати страни. Кога сме во една компанија, преокупирани со културни разлики и хиерархија, духот на минатото е секогаш присутен и затоа постои една безволност кај луѓето, без разлика дали е тоа приватна или државна компанија. Истиве овие луѓе, за време на викендите може да ги видите како собираат ѓубре или цртаат слики од прекрасни светови во кои сакаат да живеат. Меѓутоа, кога ќе се вратат на работа си ја ставаат онаа маска „работа“ и нивната личност се крие. Ако зборувате со надворешна личност тие ќе ви кажат сè како што е затоа што и не им е гајле и тоа функционира затоа што е сосема друг разговор. Ако ги прашате луѓето каква е иднината на „Декатлон“, ќе ви одговорат: Не знам. Не ми е гајле. Но, од друга страна, ако ги прашате за нивните деца, колкави се, каков свет посакувате за нив, тогаш веќе имате дијалог и учество во разговор. Овие луѓе, секој што се крие зад тоа што е, ако разговарате со сите нив тогаш ќе можете да се приклучите на ова движење на „отворено срце“. Но ова не е за кој било. Претпоставувам дека ова важи за околу 20 проценти од луѓето. 

Прочитајте го целото интервју во Лице в лице број 45