Спортот носи универзална димензија за создавање вредности што го менуваат општеството, развиваат национална кохезија, ја афирмираат демократијата, ги остваруваат човековите права и слободи, ја засилуваат економијата и ја поттикнуваат заштитата на здравјето на граѓаните. Треба да послужи како позитивен пример за воспитување идни генерации, создавање тимски и натпреварувачки дух, вистинска насока на младите лица, а никогаш како место за ширење говор на омраза, или, во екстремни граници, употреба на сила. Ја охрабрува приврзаноста на различни групи, нации и култури, но, во спортот често се случуваат и различни форми на насилство, како и несоодветно и незаконско однесување.

Говорот на омраза и насилството најчесто се поврзуваат со навивачите и навивачките групи, но, треба да правиме разлика меѓу навивачи и хулигани. Навивачите се дел од непосредната публика, која со своето специфично колективно однесување, прифатена иконографија и други методи, ја изразува својата емоционална приврзаност кон одреден тим, се идентификува со тоа и му дава поддршка на тимот, со цел да се постигне колку што е можно подобар резултат.

Хулиганството, пак, вклучува група луѓе, чијашто примарна цел е да предизвикаат штета и болка на друга спротивставена група. Ова е сериозен општествен проблем во целиот свет, а неговото решавање бара студиозен и мултидисциплинарен пристап на пошироката заедница и на соодветните државни институции, усвојување соодветна стратегија за борба и за спротивставување на овој феномен. Хулиганството и говорот на омраза се во причинско-последична врска.
Ширењeто говор на омраза во спортската сфера доведува до тензии, провокации и одмазда, што многу често може да доведе до физички напад или, пак, преку употребата на погрдни зборови, уривање на рејтингот и сериозен психолошки притисок на самиот играч. На оваа тема, разговараме со нашиот ракометен репрезентативец Филип Миркуловски, со актуелниот тренер на РК Прилеп и поранешен репрезентативец Горан Кузманоски, со спортската новинарка и колумнистка Билјана Благоевска, со ракометниот судија Ѓорѓи Начевски и со Кире Божиновски, навивач.

Филип Миркуловски, ракометар
Филип Миркуловски, ракометар


Фокус на играта, не на негативните коментари



Колку негативните коментари влијаат на Вашата концентрација и игра?

– Со оглед на тоа што сум искусен ракометар, негативните коментари по социјалните  мрежи не влијаат многу на мене. Многу повеќе се фокусирам на критиките од мојот тренер и соиграчите. Сепак, на помладите многу им влијаат критиките и на социјалните мрежи и тие во сала. Тие читаат сѐ и сешто за нив лично и за нивната игра. Тоа многу им пречи во играта. Ние како поискусни играчи се обидуваме да им помогнеме што повеќе да се фокусираат на играта, а не на негативните коментари.

Прва асоцијација за Вас како играч е борбеноста на теренот. Се борите ли и надвор од теренот за поголема почит кон спортистите и спортските работници? Има ли начин да се дејствува некако за да се намали говорот на омраза наменет за Вас, спортистите?

– Нема начин да се намали говорот на омраза кај луѓето. Тие ве сакаат кога ги веселите и стана „нормално“ да ве навредуваат кога не победувате. Така е во кое било поле од животот, па и во спортот.  Надвор од теренот се обидуваме и преку социјалните медиуми да оставиме добар пример за младите спортисти бидејќи на голем број млади сме им идоли.

Имате ли соодветна психолошка поддршка од клубот за надминување на вакви ситуации или сте оставени сами на себе да се соочувате со ваков тип говор на омраза?

– Многу ретко има поддршка од клубовите во вакви ситуации. Барем не во ракометот, за другите спортови не знам. Играчот што е погоден од говорот на омраза многу често мора сам да се соочува со тоа, што кај некои играчи е многу тешко, посебно кај помладите, кои сѐ уште не се подготвени на критики од јавноста.


Горан Кузманоски, спортски тренер
Горан Кузманоски, спортски тренер

Со едукација против насилството во спортот



Сите сме различни и различно реагираме на навреди, осуди и на говор на омраза. Сте почувствувале ли кај играчите поголема вознемиреност, демотивираност или страв од реакциите од публиката или, пак, од реакциите на социјалните мрежи?


– Сите различно реагираат на навреди и на говор на омраза. Има такви што воопшто не ги засега, но и такви кај кои веднаш препознавам дека нешто не е во ред. Имало моменти кога точно се гледа дека стравот од навреди победува пред фокусот и вниманието на играчот. Во овој случај најмногу што можам да направам е да разговарам со нив. Има и тренери што поради немоќ да ја контролираат паниката или нервозата на натпреварот, бесот го истураат врз играчите. И самиот, како играч имав такви тренери и никогаш не го разбрав тој модел. Јас сум пријател со играчите. Има авторитет, и треба да има, но само конструктивен, никако наметнат со агресија.  Сакам да бидам нивниот пример на теренот и надвор од него и така и се поставувам.

Сега сте тренер, но до неодамна бевте играч, па ја имате целосната слика. Колку е застапен говорот на омраза кон спортските работници на теренот и надвор од него и дали се презема нешто за да се подобри ситуацијата?


– На ова поле не се работи ништо или барем јас не знам. Насилството, како форма на социјално непожелно и неприфатливо однесување, е присутно во сите сфери на општеството, но големите спортски настани секогаш претставуваат потенцијална можност за сериозни нарушувања и ескалација на конфликти. Некогаш имам чувство дека некои луѓе од публиката дозволуваат да ги води масата, па и воопшто да не се агресивни во приватниот живот, натпреварот го сфаќаат како место каде што ќе ја исфрлат цела негативна енергија акумулирана во нив од други причини. Од тука треба да почнеме, односно едукација на младината, публиката, навивачите. Предлагам работилници, можеби организирани на ниво на федерации, меѓу спортисти и психолози, како директна поддршка, но и меѓу спортистите и навивачите, спортисти и младите луѓе. Само таа стратегија ми се чини оправдана и продуктивна за конечно да почнат да се менуваат работите.


Билјана Б. Петрушевска, спортска новинарка и колумнистка
Билјана Б. Петрушевска, спортска новинарка и колумнистка


– Генерално, да. Интернетот изгледа како простор со бескрајна слобода во кој секој може да каже / напише што сака и пред никого да не одговара. Во законодавството во Македонија, но и во светот, интернетот е „сива зона“. За жал, многу често се злоупотребува слободата на говорот за говор на омраза или говорот на омраза се оправдува со сло­бо­да на говорот. А, всушност, многу е јасна разликата меѓу едното и другото. Постои начин несогласувањето, во случајот со играта, настапот, резултатот на спортистите или со некој текст, коментар или став на спортските новинари, да се изрази на коректен начин. Тоа е слобода на говорот. Но, кога место со факти и аргументи, тоа се прави со навреди, пцости и погрдни зборови, тоа веќе не е слобода, туку омраза. Анонимноста или скриеноста зад лажни профили на социјалните мрежи дава уште поголема „храброст“. Но, ако некој од тие „критичари“ го прашате дали тоа што го напишал би го повторил и ако стои очи в очи со тој што го напаѓа и навредува, тешко дека ќе ја има таа храброст и божемна сила што ја има пред тастатурата. Говорот на омраза на спортските терени го имало отсекогаш, но порано тоа, главно, се изразуваше само на терен, најчесто во навивачките пресметки. Со интернетот тоа добива многу поголеми размери, и просторно и временски.

Сметате ли дека понекогаш самите авто­ри на текстот или самиот медиум, со одреден текст, свесно или несвесно, иницира говор на омра­за кон некој клуб или спортист?


– Несвесно, можеби, кога, се „подига“ атмосферата пред некое дерби или кога се фали или се критикува, па тоа знае да ги налути едните или другите навивачи. Навивачите тешко ги прифаќаат критичките текстовите и прилозите за „нивниот“ клуб и тогаш се одговара со навреди и напади кон новинарите, без разлика на фактите. Публиката, колку што сака да се идентификува и да ги глорификува успесите, толку тешко ги прифаќа поразите.
Што се однесува до медиумите, од моето искуство, најчесто тоа е борба против говорот на омраза, а не свесно поттикнување. Се случувало да „дежураме“ и да бришеме вулгарни и погрдни коментари под текстовите. Понекогаш дури и свесно да не пишуваме за некои спортисти што најчесто биле цел на такви „напади“ и негативни коментари со говор на омраза, за да ги заштитиме или да ги поштедиме од тоа непријатно чувство. Често се случува спортистите да им се лутат на медиуми, не за текстот, туку за коментарите под него, а читателите да реагираат ако им се избришани или блокирани коментарите. Секако, медиумот е тој што треба да ја менаџира ситуацијата, да ги задржи читателите, но, во исто време, и да се бори против тој наплив на негативни коментари и говор на омраза.

Сметате ли дека федерациите, клубовите и сите други засегнати страни прават доволно за да се спречи говорот на омраза на спортските натпревари?


-Во некои сегменти да, во некои не. Има случаи кога се празнат трибини или кога федерациите ги санкционираат клубовите за безобразно однесување на нивните навивачи на терен. Но, генерално, и на тоа завршува. За жал, говорот на омраза многу ретко добива осуда, а многу почесто се „величи“ како „навивачки подвиг“, „жежок терен“ и сл. Не се сеќавам на некоја поригорозна мерка што ја презеле клубовите или федерации за да спречат и да им стават крај на таквите појави. За да не си го навлечат гневот на себе, говорот на омраза најчесто се занемарува, се игнорираат тие случаи и ситуации и се чека да „стивне“ само од себе.
Тоа е глобален проблем. Минатата година имаше и една иницијатива поттикната од познати спортисти за привремен бојкот на социјалните мрежи. Тие на неколку дена ги згаснаа своите профили на социјалните мрежи во знак на протест. Има една изјава од легендарниот француски фудбалер Тиери Анри, кој беше еден од поддржувачите на оваа иницијатива, која точно кажува како се чувствуваат спортистите: „Сите знаеме дека кога ќе видите коментари на социјалните мрежи, ако имате милион добри, ќе имате најмалку еден лош, и токму тој ќе заболи“.

Ѓорѓи Начевски, спортски судија
Ѓорѓи Начевски, спортски судија

Публиката во Јапонија – пример за коректно навивање



Спортските судии се едни од најизложените на секаков вид навреди. Треба ли да се воведат поригорозни правила и за публиката? Ни недостига ли црвен картон наменет за публиката, во момент кога навивавачката атмосфера ќе ескалира со непријатни навреди кон кој било од учесниците на теренот?

– Ќе дадам еден пример: Во Африка, поточно во Тунис, постои можност да досудите трипати по две минути на публика, што автоматски значи црвен картон и со тоа губење на натпреварот и минус бод. Таму на едната страна е домашната публика, а на другата навивачката. Можеби, само таму се навива подобро од кај нас, но и поагресивно, па така речиси на секој натпревар има физички пресметки.

Има ли публика што ви оставила најубав впечаток во однос на културно навивање?


– Деликатно е прашањево. Кога губат, речиси секаде се агресивни и полни со говор на омраза кон судиите. Некаде е тоа поизразено, некаде помалку. Кога би требало да издвојам, би ја посочил публиката во Јапонија и во Кореја, како крајно коректна и културна во навивањето.

Кире Божиновски, навивач

Важно е да се бранат боите на клубот на достоинствен начин



Што претставува за Вас вистински  навивач? Што го одликува и каде се прави разликата меѓу навивање и хулиганство?


– Многу е индивидуално. Навивачот треба да биде вистинска поддршка на клубот, да го сака и да навива со голема љубов. Сега работите се изменети, па навивачите се злоупотребуваат и за други цели. Хулиганот што користи елементи на насилство не е вистински навивач. Треба да се бранат боите на клубот, но на достоинствен начин. Главен адут на еден навивач треба да биде гласот и дланката за бодрење со аплауз, и химните што ги има секој клуб.

Во земјава постојат многу навивачки групи. Ве обединуваат ли заедничките навивања кога игра нашата репрезентација? Се почитувате ли меѓусебно?


– Последно такво случување, кое ги обедини сите навивачки групи, беше Европското првенство во фудбал во Букурешт. Многу сум среќен што на тоа првенство меѓусебно се почитувавме и навивавме заеднички, во еден глас.